Реформи на правосудството е еден од доминантите сектори во Планот 18, чија драфт верзија денеска пред невладиниот сектор ја презентираше вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Планот 18 и натаму ќе се фокусира на основните столбови на 3-6-9, каде освен правосудството се и реформите во јавната администрација и безбедносните служби, но ќе биде насочен и на борбата против корупцијата и организиран криминал, улогата на медумите, слободата на говор, улогата на граѓанското општество, борбата против нелегалната миграција.
Планот денеска Османи ќе и го презентира и на опозицијата, која, како, што кажа треба да биде вклучена во овие реформски процеси.
– Денеска имам состанок и со опозицијата, ќе им го презентирам Планот и ќе се обидеме да ги вклучиме во процесот, бидејќи овој проект на ЕУ не е ниту партиски, ниту владин, тоа е генерациска обврска, дадена од граѓаните на Република Македонија, независно од етничката или партиската припадност, нагласи вицепремиерот.
Појасни дека со Планот 3-6-9 е направена рамка, донесени беа стратегиите, со акционите планови, со десетици закони кои треба да го реформираат системот, а со новиот План 18 продолжува усвојување на законите, но во него ќе бидат содржани сите препораки од извештајот на ЕК. Планот нема да се фокусира само на политичките критериуми, туку и на економските.
– Планот 369 успешно ни ја донесе чистата девета препорака за почеток на преговори, но ние јасно дадовме до знаење дека реформите не ги разбираме и самиот процес на евроинтеграција не го разбираме како технички процес на донесување мерки, туку како суштински процес на транформација на општеството во европско, со цел граѓаните да живеат во европски вредности, вели вицепремиерот.
Нагласи дека следниот најдобар чекор по Планот 3-6-9 не е почнување на план 12, туку, почнување преговори и отворање на 23. и 24. поглавје.
– Овој месец е најважниот, кој ќе ја одреди судбината на државата во тој правец, вчера и завчера во Брисел се драфтираа предлог заклучоците, кои треба да се донесат на јунскиот самит на ЕУ, посочи Османи.
Појасни дека за да не се создаде јаз меѓу Планот 3-6-9 и почетокот на преговори оваа недела е лансиран Планот 18, кој треба да го покрие периодот од завршување на 3-6-9 до наредниот извештај на ЕК.