Претседателот Иванов го одликува Хајнц Брандл со Медал за заслуги за Македонија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го одликува проф. д-р Хајнц Брандл, австриски геотехнички инженер, со Медал за заслуги за Македонија.

Професорот Брандл е одликуван со Медал за заслуги за Македонија за постигнатите исклучителни резултати во неговата долгогодишна работа и развојот на инженерството, науката и образованието во Република Македонија, со што даде значаен придонес за афирмација на нашата држава во светот.

Брандл е посветен пријател и подржувач на Република Македонија. Благодарение на неговите усилби, Друштвото за геотехника на Македонија во 1999 година е примена како полноправна членка под уставното име во меѓународната асоцијација за геотехника.

Иницијатор е за студиски престои на наши магистранти и докторанти на Техничкиот универзитет во Виена. Како визитинг професор на Градежниот факултет во Скопје во неколку наврати одржува серија предавања. Благодарение на неговото лобирање, Република Македонија ја доби организацијата на 16-та Подунавско-европска конференција за геотехничко инженерство, која од 7-ми до 9 јуни ќе се одржи во Скопје.

– Со неговата креативност и иновативност, професорот Брандл е инспирација и пример за многу луѓе од неговата струка. Но, за неговите заслуги зборува не само значајниот научен придонес, туку и несебично споделување на знаењето што е карактеристика на вистинските лидери. Бидејќи само вистинските лидери сакаат да мотивираат и да охрабрат што повеќе луѓе. Тој им овозможил на многу наши магистранти и докторанти студиски престој на престижниот Технички универзитет во Виена. И со тоа им помогнал тие знаења да ги пренесат и применат кај нас, во Република Македонија, рече претседателот Иванов.

Хајнц Брандл е роден 1940 година во Знојмо, денешна Чешка Република. Дипломирал на Техничкиот универзитет во Виена во 1963 година. Во 1966 се здобива со титулата Доктор на технички науки. Својата академска кариера ја започнува во 1971 година. Во својата богата кариера се здобил со девет почесни докторати и има објавено околу 550 научни публикации и 21 книга преведени на 18 јазици.

Зад неговото име стојат околу 4.000 проекти во градежништвото – индустриски објекти, мостови, автопати, железнички пруги, конструкции на високи објекти како Хајлен кулите во Куала Лумпур и Милениумската кула во Виена, но и проекти за рехабилитација на контаминирани земјишта, регулација на реки, заштита од одрони, поплави, лавини.

– Поради импресивниот пораст на Македонија во последниве години, геотехничкото инженерство е на многу високо ниво. Покрај тоа, може да се почувствува силно чувство на возбуда и дух на оптимизам во македонската геотехничка заедница. Оваа позитивнаатмосфера дури и се пренесува на вашите студентикако што можев да забележам за време на моите предавања на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и во други прилики во вашата земја. Подобрувањето на македонската инфраструктура дава одлична можност за сеопфатна геотехничка пракса и истражување. Интензивната соработка меѓу политичките носители на одлуки, универзитетот, јавните власти, консултантите и компаниите ќе обезбеди оптимизирани решенија, кои би можеле да станат пример за целиот регион, рече проф. Брандл по доделувањето на Медалот за заслуги за Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *