ЕК: Нема изземања од рестрикциите за челикот доколку се воведат

Во пресрет на средбата на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за економија, Крешник Бектеши, со еврокомесарката за трговија, Сесилија Малмстром, извори во Европската Комисија (ЕК) за МИА наведуваат дека на министрите ќе им биде порачано дека доколу ЕУ се одлучи за рестриктивни мерки за увоз на челикот, ниту една земја “во принцип“ нема да биде изземена од одлуката.

Агендата на средбата ги вклучува трговските односи на поранешната југословнска Република Македонија и ЕУ, вклучително и реформската агенда и истрагата на ЕУ за заштитни мерки за челикот, порачуваат од ЕК.

Кон крајот на март, ЕК отвори истрага за увозот на одредени челични производи од трети земји на нејзиниот пазар, меѓудругото поттикната од најавените царини на САД врз челикот и железото, што на 1 јуни стапија во сила.

– Оваа процедура е во тек и ниту една одлука за мерки или за изземање не е донесена. Согласно правилата на Светската Трговска Организација, заштитните мерки во принцип ќе се применуваат “ерга омнес“, односно ќе ги засегне сите увози, без разлика на нивното потекло, додаваат од ЕК

Но, од Европската Комисија и додаваат:

– Паралелно со мултилатералните обврски,  ЕУ,сепак, стриктно ќе ги почитува своите билатерални обврски. Секоја мерка во секој случај ќе ги гарантира традиционалните трговски текови, велат од ЕК за МИА.

Македонија доаѓа да лобира токму за да биде изземена од можни заштитни мерки врз увозот на челик на европскиот пазар. Со оглед на тоа дека челичната индустрија претставува 15 отсто од вкупниот извоз и пет отсто од бруто домашниот производ, македонските власти и челичната индустрија сметаат дека овие мерки би биле голем удар за македонската економија, додека македонскиот извоз во ЕУ, според нив, не претставува голем товар.

ЕК воведе мониторинг систем врз увозот на челик во 2016, што утврдил дека увозот на одредени челични производи се зголемува со време, тренд што се очекува дополнително да расте со воведување на американските царини врз челикот и алуминиумот.

Помеѓу 2013 и 2017 увозот на челик во ЕУ се зголемил од 17,8 милиони тони на 29,3 милиони тони.

Истрагата, отворена во март, ќе трае девет месеци, и треба да утврди дали се потребни заштитни мерки. Мерките, доколку се воведат, можат да бидат увозни царини или, пак, квоти што ќе го заштитат европското производство, објави ЕК. Истрагата би можела да биде подолга или покуса од теоретскиот деветмесечен рок.

Македонија не е единствената земја што бара изземање од овие мерки, доколку се воведат, и преговорите со третите земји течат, а од ЕК одбиваат да шпекулираат за нивниот исход. Останува дека челикот е дел од “традиционалните трговски текови“ што ги споменува Комисијата во својот одговор, јави дописничката на МИА во Брисел.

Османи и Бекташи во четврток ќе разговараат со комесарката Малмстром за оваа тема.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *