ЃОРЃИЈА ЏОРЏ АТАНАСОСКИ, СЕСТРА МУ ВИОЛЕТА И БРАТ МУ ЈОСИФ (15)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Семејното дрво на Атанасовски е интересно со своите личности од дедо прадедо до денешни дни со семејството на Џорџ, неговиот брат Јосиф и сестра му  Виолета. Инаку, бизнисмени како Јосиф и Џорџ Атанасоски одат чекор пред другите, наместо тие, времето трча по нив и затоа во својата средина имаат статус на „биг-босови“. Синот на Џорџ-Никола, пак,  е вистинска замена во бизнисот. Тој како и татко му е растргнат и живее во двете татковини, во САД и во Република Македонија.

Семејството Атанасоски, односно Јосиф и Џорџ се сметаат за едни од најбогатите Македонци во дијаспората. Тајната на нивниот успех не е само во завршената школска наобразба, туку во конструкторскиот ген што му го вградило неговото семејство во Прилепско, како последица дека потекнуваат од земја која пред илјада години на светот му дала писменост и култура, кога не постоела Америка.

Прв впечаток од средбите со Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е скромноста која зрачи од неговата личност, педантноста и стилот на човек од бизнисот. Не од оној, на кој сме навикнале кај нас, на Балканот – занаетчискиот, туку светскиот, планетарниот бизнис. Тоа е од една друга галаксија, до која се доаѓа на специфичен начин, со способност за висок менаџмент, за иновации кои отвораат нови простори и шанси за големи пазари.

Таквите луѓе како бизнисменот Атанасоски одат чекор пред другите, наместо тие, времето трча по нив и затоа во својата средина имаат статус на „биг-босови“. Моите средби со Џорџ во САД и во Македонија ги доживеав на начин на кој не те остава рамнодушен, зашто таквите средби се инспиративни и поттикнувачки во откривањето на нивната смисла и суштина. Мајката природа го изделкала неговиот дух до степен кој му овозможил да дојде до израз во било која поразвиена западна цивилизација.

Во разговите Ѓорѓи и Јосиф како сопственици на „Мајкрофлекс инкорпорацијата“ го велат следното: „Наша цел е за нашите клиенти да обезбедиме високо-квалитетни производи, одличен сервис, брза и ефикасна испорака, односно нивно минимално задржување во магацините на фабриката. Воведувањето на иновации и усовршувањето на системот за подигање и транспорт на производите, е исто така, наша перманентна грижа.

Со еден збор, филозофијата на Компанијата е постојано да го усовршува сервисот, производството и флексибилноста кон клиентите, да одговара брзо на нивните барања, зашто ние постоиме за нив, а не тие за нас. Затоа сензорите на „Мајкрофлекс“ се високо издигнати за да ги фатат на време пораките, предлозите и барањата на нашите ценети потрошувачи“.

Исто така, во хотелот „Сонце ГА“ во Прилеп, имав прилика неколку пати да се сретнам со синот на Џорџ, Никола – Џорџ Атанасоски. Тој е синот кој тргнал по стапките на својот татко Џорџ и дошол во Македонија да живее, да се школува и да ги рашири корените на семејството Атанасоски. Овој млад Американец и натурализиран Македонец, покрај англискиот, добро зборува македонски јазик.

Но, и тој какои татко му е растргнат и живее во двете татковини, во САД и во Република Македонија. Средбите со него беа пријателски, присни како со млад Американец кој се адаптирал на прилепските услови и се чувствува удобно, релаксирано, прилепски како да се родил во Марул. Во разговорите кај него се чувствуваа големата почит и силните емоции кон својот татко – Џорџ.

Така, во последната средба за својот татко, меѓу другото, ми рече:

Како татко и сопруг Џорџ е многу добар. Иако тој е шеф тој, сепак, се враќал дома кај мајка ми, со уље до лактите, по долг ден во фабриката. Тој е шеф кој не се плаши да ги извалка рацете за да се заврши работата. Ми има кажувано многу инспиративни животни приказни и ме научи на многу животни лекции кои ги користам буквално секој ден; се надевам дека еден ден ќе ги следам неговите стапки и ќе бидам исто толку добар човек како што е тој.

Да се овозможи вработување за толку голем број луѓе не само во САД, туку, исто така, и во Македонија, како што прави тој, од несебичната желба за подобрување на Македонија и за благосостојбата на Македонците е навистина инспиративно и јас се обидувам да го имам тоа предвид секој ден – да се обидувам да станам подобра личност. За мене тој е најбрилијантниот човек што некогаш сум го сретнал и тој секогаш е голем татко и има големо влијание врз мене, и мило ми е што сум доволно среќен што тој ми е татко.”

Исто така, младиот Никола ме информира дека неговата мајка Кристина Силвија Атанасоски (родена Нинковиќ) била родена на 6.12.1962 година во градот Чикаго, во државата Илиноис. Завршила гимназија, а потоа се запишала на дршавниот колеџ Дејтона, каде се здобила со звање имотен инвентор и стручњак за развој. Таа денес живее во Ормонд Бич и работи како агент за недвижнини. Се омажила и во брак со Џорџ била 15 години, со кои има три деца – Кристифот, Мајкал и Никола.

1gre1999

Семејството на Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Кристофер Атанасоски е роден во Дејтона Бич на 09.10. 1985 година. И тој живее во Ормонд Бич, каде завршил гимназијаи а бил на Колеџот Дејтона и работи во „Мајкрофлекс инкорпорацијата“. Тој обожава да лови и рибари, а се занимава и со развој на телото (бодибилдинг).

Мајкал Атанасовски е роден во Дејтона Бич на 27. 12. 1986 година. Тој како и својот постар брат Кристофер завршил гимназија, запишан е на Државниот колеџ Дејтона, а работи во фабриката „Мајкрофлекс“. Тој е вљубеник во скијање на вода, риболов и е многу добар механичар.

Никола Атанасоски е роден исто така во Дејтона Бич на 25.08.1993 година. Тој завршил основно и гимназија во Дејтона Бич, а првите две години ги завршил во Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Сега е студент на Државниот колеџ Дејтона. Никола доаѓа со задоволство волетниот период во Прилеп, каде има голем број пријатели и пријателки. Тој се чувствува како да е од Македонија и, како што вели: „Македонија е мојата татковина и мојата љубов“.

Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски има и син од првиот брак со Љубица Атанасоска Николиќ, родена во с. Гермијан, Битолско. Тој се вика Дејан и е првиот син од четирите машки чеда на Големиот Џорџ. Дејан e роденна 08.10.1974 година во Њујорк, а го завршил своето образование на Универзитетот Ембри Ридл. Тој е женет со Мара, родена Миланоска, на 21 август, 1974 г. со која има две деца, Александра и Филип, а со другата жена Луана има син Антони, роден 1994 година. И тој како и своите браќа работи во фабриката на својот татко Џорџ – Мајкрофлекс инкорпорацијата.

Брат му Јосиф Атанасовски е роден на 14.09.1948 година во Марул и е прво дете на Алексо и Спасија Танасоски, како што ги викале во селото. Учел во Марул и Прилеп, за потоа, на 21 март 1967 година, патиштата да го однесат во САД. Јосиф во САД се оженил со Елен, со која има две деца: Џон роден на 23.02 1975 и Кристина родена на 08.01.1991 година. Џон е оженет со Мишел. Денес Јосиф како пензионер среќно живее со Сузана Петковска.

Сестра му Виолета Атанасоска – Макормак, пак, e родена на 19 август, 1956 година, во с. Марул. Таа е доктор по медицински науки – кардиолог и е директор на одделот за кардиологија во здравствениот медицински центар – Бровард во Форт Лаудердел. Таму живее со својот сопруг, Американец по потекло, адвокатот Томас Ф. Макормак кој е роден на 16 мај, 1960 година. Тие имаат две деца Кристи родена на 16 март, 1999 година и синот Томас роден на 3 ноември, 2000 година.

Продолжува

1slavek1Пишува; СЛАВЕ КАТИН

ИСЕЛУВАЊЕТО НА СЕМЕЈСТВОТО АТАНАСОСКИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО АМЕРИКА (14)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Иселувањето од прилепскиот крај на Ѓорѓија Џорџ Атанасоски за САД и Канада започнало особено по Втората светска војна. Македонците во новата стредина се самоорганизираат во македонските клубови и здруженија кои се формираа како потреба за ублажување на носталгијата, копнежот по своите, од кои многумина биле подолго одвоени. Тоа особено било изразено кај семејството Атанасовски

Преселбите на Македонците од Пелагонија, родниот крај на семејството Атанасоски се интензивирале по Втората светска војна и траат сè до денес. Македонците започнале да се доселуваат по градовите во Република Македонија, а потоа во Европа и во прекуокеанските земји, иселување кое добива траен карактер.

Особено во седумдесетите години од минатиот век, притисокот за организирани барања на работници од разни европски агенции и компании, стана сè поголем. Таквите барања ги прифатија и бироата за вработување, преку кои се вршел упис на заинтересираните работници, а потоа и разни агенции и посредници кои ги упатувале нашите луѓе директно во западноевропските држави, а потоа во САД, Канада, Австралија и други земји.

Во почетокот Македонците, кои биле работоспособни млади луѓе, како самци, без семејства оделе на привремена работа, за да заработат, да спечалат некоја пара и потоа да се вратат назад во татковината. Подоцна се покажа дека само мал број од македонските граѓани кои заминале при крајот на шеесеттите и во почетокот на седумдесеттите години на минатиот век се вратиле во татковината.

Таков е случајот со Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски, кој е пример за еден од Македонците кои се вратиле во татковината и инвестирале во неа. Најголемиот број Македонци се приспособиле на животните и работни услови во новите средини, во новите земји. Тие си ги земале и своите семејства, а со тоа започнал новиот бран емиграциони движења од Македонија кон светот.

Таквиот бран на иселување го зафатил и семејството Атанасоски. Најпрвин заминал Јосиф, потоа Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски, а подоцна и татко му Алексо, мајка му Спасија и сестра му Виолета.

Уште од почетокот на масовното доаѓање на македонските емигранти во САД и Канада, тие почнале да се самоорганизираат. Македонските клубови и здруженија се формирале како потреба за ублажување на носталгијата, копнежот по своите, од кои многумина биле подолго одвоени, но и потребата за меѓусебно дружење и комуницирање и за полесно реализирање на одделни нивни заеднички потреби.

Така, постепено почнале да се јавуваат нови облици на дејствување на спортски, фолклорен, културен, образовен и друг план, кои со текот на времето прераснувале во богат мозаик од активности на многу полиња. Се разбира, зависно од условите, потребите и можностите на Македонците во новите средини.

Слична или идентична судбина со Македонските доселеници во САД и Канада има и семејството Атанасоски. Ова денес познато и признато семејство во САД има длабоки корени во дедовската земја Македонија. Така, корените на семејството Атанасоски, како и на нивното село, датираат од многу оддамна.

Според некои документи, легенди и на бројни раскажувачи корените на ова македонско семејство можат да се најдат исклучиво во Прилепско и битолскиот регион, од каде се рашириле ширум Македонија и во светот.

Прадедовците и дедовците на Ѓорѓија (Гога) Атанасоски, Боше, Атанас, Ризо и Стојан се родиле во Марул. Единствено неговиот пра-пра дедо Тане бил роден во селото Клекоперци, Прилепско, кој се преселил во Марул во 1810 година. Исто така и неговиот татко Алексо е роден во Марул, а сега живее во Флорида, САД. Мајка му, пак, Спасија е родена во селото Добрушево, Битолско, а почина во Флорида, каде живееше со своето семејство.

Дедовците на Гога (Ѓорѓија) Ризо и Стојан биле едни од најбогатите, највредните и најдобрите во селото. Се занимаваме со трговија и земјоделие, со што ја изградиле куќата во Прилеп уште во 1918 година. Тие биле познати и признати трговци и големи домаќини во прилепскиот крај. Дедото Стојан дури имал своја работилница во Марул.

Татко на Ѓорѓија, Алексо попримил многу манири од своите преттци. Како млад домаќин, освен што бил еден од најдобрите во земјоделието и сточарството, секогаш бил со добра волја, весел и расположен за шеги, другар како што секој би посакал, а во работата вистински професионалец. И денес како пензионер во Флорида ги зачувал тие манири.

1tovo12345

Алексо, Спасија и Џорџ со синовите

Мајка му Спасија, пак, била убава мома од Добрушево, питома и вредна домаќинка и мајка, со афинитет за раскажување и слушање со внимание. Таа била столбот на семејството Атанасоски, која влијаела врз воспитанието на децата. Освен синот Гога (Ѓорѓија-Џорџ), Алексо и Спасија во шеесет и петгодишниот брачен живот, имаат уште еден постар син, Јосиф и ќерката Виолета, како и едно покојно чедо Благоја. Најстариот син Јосиф заминал прв за САД, потоа Ѓорѓија и на крајот Алексо, Спасија и Виолета. Тие живеат во Флорида. Јосиф и Ѓорѓи се партнери во бизнисот, а Виолета е кардиолог.

Според кажувањата на вујкото Војне Атанасоски, семејството на Алексо и Спасија било прочуено не само во селото, туку и пошироко во Прилепско и Битолско. Тој ми раскажуваше за згоди и незгоди весели и тажни приказни за семејството Атанасоски, како и за селото Марул. Според него селото било постојано на истото место како и денес. Заради економските прилики и неприлики многумина заминале во други градови и држави, особено по Втората светска војна.

Гога (Ѓорѓија), а особено Јосиф, како млади луѓе, слушале многу приказни од дедото и татко им. Затоа, како и сите нивни врсници имале желба да завршат барем средно образование и правеле обиди да најдат некаква работа или да одат на работа во странство. Така и направиле.

Треба да се нагласи дека десетина години по ослободувањето, Македонија била сиромашна, без развиено стопанство, така што младите луѓе, особено во понеразвиените и пограничните подрачја, немале друг излез освен да ја напуштат земјата. Или како што вели Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски во тоа време морало „Да се бара Сонце под ведро небо“.

Тој од родителскиот дом го понесол сознанието за подобра иднина, но го понесло и единственото чувство дека е Македонец, дека ќе остане тоа во кој и да било дел од светот да се наоѓа и дека кога тогаш ќе се врати во Македонија. Кај него секогаш тлеела донаторската љубов и голема хуманост кон луѓето, кон македонското, кон посреќната иднина на човештвото.

Продолжува

1slavek1Пишува; СЛАВЕ КАТИН

ДОАЃАЊЕТО НА ЃОРЃИЈА ЏОРЏ АТАНАСОСКИ ВО СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ (13)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Името и делото на Ѓорѓија Џорџ Атанасоски е тесно поврзано со неговата втора татковина – Соединетите Американски држави (САД). Затоа во оваа пригода ќе дадеме кус историски преглед за САД, земјата во која живее, се развива, проширува, опстојува и постигнува напредок семејството Атанасоски

Соединетите Американски Држави – ветената земја, како ја нарекваат Македонците и другите доселеници, се сојузна република со Северна Америка, сместена меѓу Атланскиот и Тихиот Океан, меѓу Канада и Мексико, составена од 50 сојузни држави и еден сојузенокруг. Заедно со Аљаска и Хаваите, таа е една од најголемите во светот, во која живеат над 250 милиони жители. Најголем број Американци се доселени од Европа, првенствено од Велика Британија и од Ирска, потоа од Германија, Италија, Русија од Октомвриската револуција), од Полска, Норвешка, Шведска, потоа има бројно црнечко (африканско) население, Индијанци, Јапонци, Кинези, Македонија и други народи.

Главен град е Вашингтон, кој се наоѓа во Сојузниот округ Колумбија и заедно со предградијата има над три милиони жители. Други важни метрополи се: Њујорк, Чикаго, Лос Ангелес, Филаделфија, Детроит, Бостон, Балтимор, Кливленд, Сан Франциско и други. Релјефот на САД е многу разновиден: континенталниот дел се дели на неколку големи географски области, различни по простор и природни богатства. Таму владее од континентална, суптропска, приморска, континентално-планинска и арктичка до умерено топла океанска клима. САД располага со големо богатство на планини, езера и реки. Најпознати езера се: Горното, Хјурон, Мичиген, Ири и Онтарио, а од реките Мисисипи, Мисури, Рио Гранде Колорадо и други.

Најстари познати жители на денешната територија на САД се Ескимите и Индијанците. Се претпоставува дека од Европјаните на Северноамериканскиот континент први дошле Норманите пред илјада години. Кристифор Колумбо ја откри Северна Америка во 1492 година, а во почетокот на 16 век почнаа да доаѓаат и првите европски колонисти од: Англија, Франција, Холандија, Шведска, Шпанија, кои, за да освојат простори, воделе војна со Индијанците

Инаку, во интервјуто што го водевме во телевизијата „Сонце“ на 29 април 2012 година, бизнисменот Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски беше искрен, расположен и отворен во разговорот и во продолжение, меѓу другото за неговото преселување во Соединетите Американски Држави одговори на моите прашања како што следното:

СН-К: Како се снајдовте во Њујорк и како течеше животот?

ЃА: Со авион преку Ирска и Атлантскиот Океан се приземјивме на аеродромот во Њујорк. Во овој мегалополис стасав на 28 април 1970 година. Таму ме чекаа брат ми и неговата девојка, па заедно отидовме во станот каде што тие живееја во познатиот кварт Менхетн.

Во Њујорк останав седум години. За мене е значаен овој огромен град бидејќи таму се исшколував и некако Њујорк го чувствувам како мое родно местоТри години работев како инженер, меѓутоа со брат ми решивме, наместо за други, да работиме за себе. Затоа отворивме своја компанија во Милфорд, место оддалечено еден и пол час од Њујорк.

СН-К: По Њујорк, дали следи Флорида и нови предизвици?

ЃА: Во почетокот стартувавме како три компании. Останавме таму до 1980 година. Потоа размислувавме да се преселиме на Флорида, каде веќе една година произведувавме специјални машини за повеќе фирми што имаа потреба од нив. Кога се поврзавме како три компании со останатите, добивме работа од познатата фирма „Кодак“. Натаму го проширивме производството и правевме машини кои одеа на јапонскиот пазар. Кога веќе направивме за Јапонија, тогаш ние произведовме и за нас. И бизнисот ни тргна многу добро.

Конечнорешивме да се преселиме на сончевата Флорида, која климатски ни беше мошне добра опција. Дојдовме до Ормонд Бич. Таму купивме триесетина хектари земја до една главна магистрала. Имавме многу идеи, бевме доста ангажирани и посветени на тоа да успееме, па така започна нашата флоридско – американско – македонска лична, семејна и бизнис приказна.

Инаку, во Њујорк од 1974 до 1980 година бев секретар на Македонското друштво кое беше наше убаво катче во мегалополисот на Ист Ривер. А во Њу Џерси одев во нашите духовни храмови „Св. Никола“ и „Св. Кирил и Методиј“, за која црква татко ми даде донација, бидејќи тој по една и пол година дојде кај мене во Њу Џерси заедно со мајка ми и сестра ми. А јас за црквата на Флорида дадов 188.000 долари. Во меѓувреме кога добив државјанство по четиринаесет годиниетогаш навистина бев горд и задоволен. Во 1984 година дојдов во Прилеп. За првпат по подолго време. И така речиси на секои две години сум во мојата Македонија.

1cari1234Мостот Бруклин во Њујорк

СН-К: Идеите, идеалите и битката за самостојна Македонија, дали отсекогаш сте ја носеле во себе и постојано сте ја промовирале?

ЃА: Доаѓам во мојата татковина за која уште одамна пред 1991 година, насекаде велев дека ќе биде самостојна, суверена, независна Република Македонија. И пред осамостојувањето, Македонското друштво организираше демонстрации пред ОН, затоа што ние и тогаш се залагавме да имаме суверена Македонија. И предадовме документ со нашите барања во тој дух. Сакам да истакнам дека за време на приемот во Организацијата на Обединетите нации, отидовме заедно да се радуваме и да го прославиме големиот чин.

Во 1992 година се организиравме шеесет и двајца Македонци – патриоти, се собравме и се договоривме да создадеме организација – „Македонски светски конгрес“. На тој конгрес мене ме избраа за претседател и развивме доста значајна активност. Лобиравме и лобираме за вистината на нашето име и нашите национални достоинства во мултикултурното американско општество. Постојано на реверот ја носам значката на која се наоѓа цела етничка Македонија и горд сум на тоа.

СН-К: Нели корените не се забораваат, каде и да се наоѓа човек во светот?

ЃА: Да. Јас сум роден во Марул, Прилепско и таму сакам да изградам една викенд куќа. Барем еднаш нека е годишно, меѓутоа ќе одам да седнам, да си приспомнам на моето време, да ги видам градините и полето. Да си муабетиме со моите драги пријатели и роднини. Во Прилеп имам многу пријатели. И не само во Прилеп, туку речиси во сите градови во етничка Македонија. Далечината го прави своето но носталгијата и спомените траат вечно.

Ние Македонците од сите делови на нашата земја веќе еднаш треба духовно да се обединиме и економски да се поврземе. Работам на таа стратегија подолго време и се надевам на нејзино реализирање.

СН-К: Вие сте лауреат на повеќе награди и признанија, ќе издвоите ли некои?

ЃА: Кога луѓето го ценат и валоризираат трудот и активноста, тоа некако се преточува во награди и признанија. Добитник сум на наградата „Елис Ајленд“. Тоа е големо признание, бидејќи влегов меѓу стоте избрани луѓе од разни земји, кои се наградени за хуманитарни, бизнис, културни и други придонеси и мисии. Кога се даваше дипломата, носев значка со шестнаесетзрачното сонце. Со душа и со срце работам за македонската кауза. Тоа беше своевидна промоција на Македонија.

СН-К: Во 2013 година се навршија стоте години од Букурешкиот договор, како гледате на овој погубен договор за Македонија?

ЃА: Во 2013 година, на 10 август (житар), требаше да се обединиме сите Македонци, од сите делови на етничка Македонија, и се разбира од Австралија, Америка, Канада и Европа. Да излеземе масовно и во тој момент да прогласиме дека Букурешкиот договор веќе не важи, затоа што нема македонски потписници. Не е лесно, но ако го почнеме тој процес да го запознаеме светот со вистината, ние ќе успееме да ги постигнеме целите за кои се залагаме.

СН-К: Имате силна љубов кон црквата, дали сте верник?

ЃА: Верувам само во Господ и во никој друг. Го молам Тој да ѝ помогне на Македонија, рече на крајот од разговорот бизнисменот Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски.

Продолжува

1slavek1Пишува; СЛАВЕ КАТИН

СТИБЕРА – ЕДЕН ОД ЗНАЧАЈНИТЕ АНТИЧКИ ЛОКАЛИТЕТИ – ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Од училиштето се упативме кон куќата во која се родил Гога Атанасоски, или Танасоски, како што го викаа некои од селаните. Куќата е сместена на југоисточната страна од селото, во подножјето на Веслец и сега е сопственост на роднина на Гога. Куќата каде се родил и одраснал Гога е една од најбогатите во селото. Таму видовме гумно за вршење жито многу прецизно направено, на кое во средината е поставен воденични камен.

Гога ни ги покажа и просториите, кои сега се без покрив, а кои биле работна просторија за неговиот самоук дедо и каде ги правел сите земјоделски алати. Исто така, се напивме ладна вода од чешмата чија чиста вода ја донеле од планината и која ја направиле членовите на неговото семејство. Чешмата и денес им служи на селаните во текот на целата година да се снабдат со ладна планинска вода и да ги напојат говедата и овците.

Пред да го напуштиме маалото каде се родил и одраснал Гога, еден од неговите соседи кој вареше ракија, не покани да ја пробаме препечената комова ракија, каква во минатото правеле предците на Гога и другите селани во Марул. Во дворот на домаќинот се собраа и неколку други соселани и роднини на Гога, од каде имавме пријатна разделба.

Сите тие му посакаа добар пат и го поканија, пак, да им дојде. Но нивната желба беше наредниот пат Гога да дојде по идниот нов пат, кој ќе им ги скрати маките и ќе ги отвори портите на куќите кои се оставени на забот на времето. Фотографот Драган беше неуморен и направи многу фотографии, со што го овековечи враќањето на Гога Атанасоски во неговото родно место.

Од Марул тргнавме накај патот за Подмол и Канатларци. Притоа разговаравме за историските наоди во крајот на Гога Атанасоски. Имено, во непосредна близина на родното село Марул е откриено археолошкото наоѓалиште под име Павла чука. Овој локалитет е откриен во 1936 година, кога за првпат се вршени ископувања под раководство на српскиот археолог Никола Вулиќ.

Од 2007 година, пак, македонските институции надлежни за овие археолошки наоди продолжија со свои истражувања. Така се потврди дека таму има гробница изградена од поголеми камени блокови. Засводениот влез (дромос) на гробницата е со должина од 11 м, а со височина од 3,15 метри, додека централниот-внатрешниот дел има димензии 6х3,5 метри. Оваа монументална и уникатна гробница од македонски тип датира од IV век од старата ера (пред Христа).

Многумина сметаат дека таа е гробница на еден од дедовците на Александар III Македонски (Велики), недалеку од гробовите на дедовците на Гога Атанасоски. Оваа монументална гробница во подоцнежниот римски период била почитувана како вакафско (црковно) место.

Исто така, кога го поминавме Ерековци разговаравме за еден од најстарите локалитети во Прилепско – Чука кај селото Тополчани и Стибера кај селото Чепигово, кои се наоѓаат на неколку километри од родното место на Гога–Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски. Тие несомнено имаат значајна улога во настанувањето на националната култура и уметност во Македонија.

Така, Стибера која се наоѓа во близина на селото Чепигово е еден од најзначајните антички локалитети на територијата на Прилеп и пошироко. Стибера бил активен град од IV век пред Христа до III век од новата ера. Се наоѓал на патот од Скопје кон Хераклеја. Испитувањата на овој антички локалитет се започнати во 1953 година и траат до денес.

На овој старомакедонски локалитет покрај остатоците од градби како што се Гимназионот и Римскиот храм, најдено е голем број мермерна пластика, меѓу која се издвојуваат тринаесетте портрети и четирите културни статуи во природна големина. Многумина археолози сметаат дека Стибера било омилено место на Филип II Македонски.

Го продолживме патувањето од Тополчани кон Прилеп и за дваесетина минути стигнавме во градот на тутунот и мермерот. По патот размислував дека токму тие македонски антички градби околу родното село Марул, на Гога му пренеле генетска жичка и голема љубов кон минатото, сегашноста и иднината за сè што е македонско.

Застанавме недалеку од центарот на градот, на улицата „11 Октомври“ бр. 166. Бев љубопитен, а во исто време имав желба да направиме неколку фотографии од куќата во која Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски го поминал своето детство и дел од младоста. Тука неговите родители и тој се доселиле во 1963 година, кога имал само 11 години.

Се уверив дека таа е убава градска куќа и во убав дел на Прилеп. Притоа, Атанасоски ме информира дека првата нивна стара куќа била изградена во 1915 година на истото место каде е и сегашната градба. Старата куќата ја изградиле неговите прадедовци Стојан и Ризо кои биле доста зафатени, а се занимавале со трговија. Новата куќа, пак, во која сега живее Војне Атанасоски, ја изградил татко му Алексо.

1luko1234567
Камениот слон над Прилеп

Мојата посета на Прилеп и разговорите за минатото, сегашноста и идните планови на бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ ги продолживме во хотелот „Сонце ГА“.

Инаку, за живото и делото на Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, Славе Николовски – Катин, е автор на неговата Монографија кое има две изданија, во 2012 и 2015 година, со 470 и 500 страници, во издание на „Македонска искра“, Македонско сонце и ТВ Сонце, Скопје, а  е на македонски и на англиски јазик. Ова моногравско дело е посветенo на доблесниот Македонец, истакнат хуманист, голем донатор, докажан бизнисмен, духовен-посветеник и горд припадник на својот библиски род и македонската земја, господинот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.

Господинот Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски денеска е еден од најуспешните бизнисмени во САД и во светот. Во 1970 година заминува за Америка (Њујорк) кај својот постар брат Јосиф. По само пет години ќе формираат своја фирма што подоцна ќе прерасне во голема компанија.

Седиштето на „Мајкрофрекс инк.“ (Microflex Inc.) е во Ормонд Бич на Флорида, чии наполно автоматизирани погони се распослани на над 16 илјади квадратни метри. Врвниот квалитет на флексибилните метални производи ги задоволуваат потребите на светски познатите: Форд, Крајслер, Џенерал моторс, Џенерал електрик, НАСА и други фирми ширум светот. Неодамна е почната изградбата на нови производни погони во Америка.

А господинот Атанасоски планира да го изгради и првиот погон во Македонија за да се задоволат потребите на ЕУ, НАТО и другите европски земји со производи од добро познатата и призната програма на “Microflex” потврдени со сертификати за стандардизација (ISO 9001).

Неодамна престојуваше во Македонија по што се уверивме дека тој навистина е прототип на Македонец кој со своето знаење, интелигенција, итрина и адаптибилност успешно се снашол во туѓина. Воден од љубовта кон Македонија и од нејзиното сонце, активен е и овде дома повеќе од десетина години и тоа во економијата, политиката, медиумите…

Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски, Големиот Џорџ, како милуваат да кажат неговите пријатели, е исклучително голема, позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора и во Македонија. Тој, без сомнение, е еден од економски најуспешните Македонци во светот. Иако подолго време живее во Флорида, во Соединетите Американски Држави, од своето емигрирање до денес тој е длабоко и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија.

Џорџ Атанасоски по националност е Македонец и православен христијанин по вера. Тој е еден од најголемите иницијатори и организатори на одбраната на ма- кедонското име, особено на македонското знаме од Кутлеш. Тој е бранителот и афирматорот на историјата и честа на македонскиот народ и Македонија во светот, посебно во Северна Америка.

Во овие мигови на распетие на Македонија, кога Република Македонија е меѓународно призната, иако не под нејзиното уставно име, тој ги изложува своите погледи за можностите за македонски стопански, економски, културни и верски препород, како и за нејзиниот натамошен демократски развој како суверена самостојна и независна држава на овие балкански ветрометини.

Продолжува

1slavek1Пишува; СЛАВЕ КАТИН

СЕЛОТО МАРУЛ, ПРИЛЕПСКО – РОДНОТО МЕСТО НА ЃОРЃИЈА (ГОГА) ЏОРЏ АТАНАСОСКИ

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Патувавме од Скопје за Прилеп во недела, утро. Рана пролет. Сонцето се појавуваше од далечините на исток кога го напуштив Скопје и се упатив кон Прилеп, каде имав закажано средба со Големиот Џорџ, бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски, кој пред неколку дена допатува од САД. Сонцето, како она од Кутлеш ме мамеше да возам побрзо како да сакав да го стасам некаде на југоисток.

Брзо го поминав Повардарието и Тиквешијата и се најдов на Плетвар. Таму сонцето блескаше со сиот свој сјај. Застанав на паркингот кај селото и го гледав Прилеп кој ми беше како на дланка и Марковите кули, кои како да надвиснале над градот. Небото беше чисто и јасно се оцртуваше хоризонтот. Како на дофат да беше и Крушево, градот на слободата, каде на околните планини се белееше снежна покривка. Од Плетвар имав чувство како Крушево да беше на исто рамниште. Глетка што многумина би сакале да ја доживеат.

Инаку, прилепскиот крај за секој посетител отвора широк хоризонт, се подава со сета своја убавина и е на дофат на секој вљубеник на културните, историските природните, духовните, научните и други реткости. А, за Прилеп и за голем број прилепски села постојат многу стари записи, бројни народни преданија, легенди и други пишани документи.

Така, при посетата и јас реков: „Кој во Македонија ќе дојде, во Прилеп треба да појде, Маркови кули да види, под македонско сонце да биди“. Таму, во тој дел на Македонија е натрупано големо културно богатство. Тоа било создавано со векови и побудува голем интерес за посетителите кои случајно или намерно навраќаат во тој дел на Македонија во текот на целата година.

Затоа, некои патувања не само што го предодредуваат престојот, туку за патеписецот остануваат запишани и запаметени со одредени впечатливи траги. Такво беше моето патување и престојот во Прилеп и посетата на селото Марул, родното место на бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски.

Во Прилеп го посетив хотелот „Сонце ГА“, сопственост на Атансовски каде се сретнав со него и неговиот персонал. Таму се запознав со сето угостителско богатство и кулинарски мајстории создавани трпеливо и мајсторски во текот на постоењето на овој репрезентативен хотел.

Секако, тоа е голем предизвик за секој намерник што по кој било повод и од кои било причини и побуди ќе го посети, сеедно во кој период од годината. Со ширум отворени порти хотелот секогаш пречекува со, безмалку, беспрекорен угостителски ред, каде се вишнеат двете македонски знамиња (државното и знамето со сонцето од Кутлеш), заедно со знамето на неговата втора татковина САД и знамето на Европската унија.

Заедно со Ѓорѓија Атанасовски, неговиот возач и фотографот Драган Лазоски се упативме од Прилеп кон селото Марул. Тоа е родното место на Атанасоски, кого во селото го викаат Гога Атанасоски, или Танасоски. Интересно беше тоа што сите во селото му се обраќаа со Гога. Селаните од Марул од дете го викале Гога, затоа и за мене во оваа репортажа Ѓорѓија ќе биде Гога, а од тој момент често го ословувам и со тоа име.

По патот од Прилеп до Тополчани Гога ми раскажуваше за тој убав дел на Пелагонија. Особено со одушевување зборуваше за ридот Веслец, кој се вишнее над Марул и е поврзан со детството на Гога. Инаку подножјето на Веслец претставува иднина на новиот пат што ќе ги скрати маките на марулчани да дојдат во Прилеп.

Од патот Прилеп-Битола, кај Тополчани се упативме кон споредниот асфалтен пат кој води кон селото Ерековци, каде живее македонско население. Недалеку од Ерековци се наоѓа селото Канатларци. Тоа е село во кое живее турско население и каде има основно училиште на турски јазик, сместено во убава зграда недалеку од патот.

Интересно е да се спомене дека ова село е познато по лојалноста на турското население, од кое одреден број живеат во Турција, но постојано се враќаат на дедовските огништа. Меѓутоа, најинтересно беше кога дознав дека ова село е поврзано со светот преку директната автобуска линија Канатларци – Истанбул.

На неколку километри од Канатларци, по асфалтниот пат кој води кон селата Подмол и Бонче, од левата страна се дели патот кон Марул. Тој е тесен, неасфалтиран и тежок пат за автомобили, но возачот на џипот немаше потешкотии и три-четирите километри до Марул ги поминавме многу брзо. А, Марул родното место на Гога и неговото семејство како да се скрило во подножјето на Веслец.

Тоа е типично пелагониско македонско село, со куќи изградени од камен и кал, со отворени дворови и со поголемо растојание од куќа до куќа. Во него останале да се палат оџаци во петнаесетина од четириесетината куќи, колку ги имало во минатото.

1br1234567Панорама на Марул

Кога влеговме во селото, Гога предложи првин да ја посетиме селската црква. Така, се упативме кон црквата која е лоцирана на највисокиот северен дел од селото. Во дворот од црквата сретнавме десетина луѓе од кои повеќемина живеат во Прилеп, но не ги заборавиле корените.

Како и во многу места во Македонија, така и во Марул, црквата ги собрала селаните во тој македонски храм не само да се помолат на Бога, туку и да се видат, да се потсетат за минатите убави времиња кога селото било живо и да ја покажат и докажат својата љубов кон селото, кон своите дедовски корени. Тука сретнавме неколкумина кои ја режеа лозницата што покрива голем дел од дворот на црквата, неколку жени го чистеа двориштето и помошните простории на црквата, а неколкумина беа во црквата.

Црквата во Марул, која ми остави силен впечаток и од која понесов убави спомени, го носи името Раѓањето на Света Богородица. Затоа на 21 септември (гроздобер) секоја година доаѓаат голем број верници по потекло од Марул кои живеат во различни градови низ Македонија и други места. Од разговорливиот домаќин, кој се грижи за црквата, бев информиран дека таа била изградена во 1859 година, со средства и работна рака на населението на Марул.

Карактеристично за оваа црква е тоа што таа, покрај улогата на верски објект, во текот на Балканските војни, своите помошни простории и црковниот објект овозможила да се користат како болница. Но, за жал присутен е и фактот дека во последните триесетина години, црквата не ја посетило свештено лице од Битолската епархија, каде и административно припаѓале.

Во црквата видовме сочувани фрески и икони, со што таа може да се вброи меѓу позначајните верски објекти во прилепскиот крај. Меѓутоа, вниманието ни го сврте фреската подарена од предците на Гога, како и старата црковна книга која, исто така, е подарок од дедото на Гога.

Потоа ги посетивме и гробиштата на црквата кои се наоѓаат на северниот дел свртени кон ридот Веслец. Интересно е тоа што старите гробови се направени од камен и се покриени со една делкана камена плоча. Заедно со Гога ги посетивме гробовите на неговиот дедо Трајан и прадедовците Стојче и Ризо, како и други гробови на негови покојни роднини.

Инаку, љубезните намерници од селото што ги сретнавме во црквата Света Богородица во Марул беа пресреќни што го видоа нивниот соселанец Гога кого топло го поздравуваа, изразувајќи му љубов и почит. Тие го гушкаа и се радуваа што тој им дошол во селото. Повеќемина го прашуваа како во еден глас и се интересираа за неговата работа во Прилеп и за можностите од вработувања на нивни семејни членови.

Исто така, тие се интересираа за здравјето и животот за неговиот татко Алексо, за мајка му Спасија, за братот Јосиф, за сестрата Виолета и нивните семејства, како и за неколку соселани што свиле гнезда во САД.

А, мене како пријател на Гога и дојденец во селото особено се трудеа да ми објаснат за сегашната трагична судбина на селото, кое, за жал, како и стотици други пелагониски и македонски села во сите делови на Македонија се испразниле. Ми раскажуваа за детството на Гога кој бил сакан и уважуван меѓу своите врсници, а со нив Гога како дете одел да го пасе семејниот добиток.

Тие благородни, но измачени селани ми раскажуваа за минатото на селото кога во него живееле околу 400 жители, кога имало илјадници овци и говеда и кога полето било насадено со лозја, овошки и други култури. Ми раскажуваа за мајсторството на предците на Гога во правење воденични камења кои се продавале во повеќе пелагониски села.

Ја напуштивме црквата Раѓање на Света Богородица и се упативме кон училиштеto кое го носи името на борецот од Марул во Втората светска војна Велјан Новачески. Училиштето е лоцирано на западната страна од селото, а било изградено веднаш по ослободувањето на Македонија.

Тоа е во добра состојба, а е изградено од тврда градба, има неколку училници и просторија за наставниците и, за жал, голем катанец на влезната врата. Во ова училиште Гога го започнал своето образовани и го отворил патот на иднината. Тука ги завршил прво и второ одделение, за потоа да го продолжи своето образование во Прилеп.

Продолжува

1slavek1Пишува; СЛАВЕ КАТИН

ПРИЛЕП – ГРАДОТ НА ЦИВИЛИЗАЦИИТЕ, НЕПОКОРОТ И ИДНИНАТА (9)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Прилеп е град на историја и култура, на митови и легенди, на вистини и премрежиња, на борби и триумфи, кој за првпат се споменува во далечната 1014 година. Во градот на Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски на 11 Октомври (листопад) 1941 година, кај Участакот, во бугарската полициска станица пукнала првата пушка, со што се означил почетокот на големото антифашистичко народно востание. Денес Прилеп е и град на културните вознеси, град на традициите, новото и урбаното

Прилеп, градот на Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски е град на цивилизациите и револуционерното културно–историско минато на сегашноста и иднината, град кој е меѓу најопеаните и најубавите, а со околу осумдесетте илјади жители спаѓа и меѓу најголемите населени места во Република Македонија.

Од пред илјада години бил вгнезден, а денес е широко распослан во северните делови на најголемата котлина на житните полиња – Пелагонија, опкружен со Марковите кули и планините Бабуна и Дрен. Од која страна и да ве води патот кон Прилеп, се отвора видик со убавата и раскошна панорама на овој крстопат на патиштата што водат кон Битола, Кичево, Крушево и Македонски Брод, а се наоѓа на околу 170 километри од престолнината – Скопје.

Љубезните и пресретливи прилепчани секогаш со отворено срце ќе ви посакаат срдечно добредојде, отворајќи муабет со кафе – локум, па и домашно вино и ракија. Ќе ви раскажуваат делови од богатата приказна и интересниот летопис на минатото и сегашноста. За многуте настани и личности, за прастарите археолошки откритија кои го вброија во значајните локалитети, за манастирите како Трескавец и Зрзе, за чаршијата, Саат кулата. А секако и за седенките, мајтапите, чалгиите и серенадите.

Според едно предание, градот името го добил по тоа што луѓето, кои почнале да се доселуваат овде, своите куќи ги граделе прилепени до калето на Марко. Според други, се споменува дека градот бил прилебно место, место каде што се печел убав леб и поради тоа бил наречен Прилеп.

Прилеп е град на историја и култура, на митови и легенди, на вистини и премрежиња, на борби и триумфи, кој за првпат се споменува во далечната 1014 година. На неговите простори има најрепрезентативни споменични целини од дамнина, кои се наоѓаат на археолошките локалитети.

Како најважен локалитет несомнено е Стибера во Чепигово, во централниот дел на Пелагонија, потоа со своите подвизи и бестрашност низ македонските, балканските, светските и антифашистичките буни, востаија и војни. На 11 Октомври (листопад) 1941 година, кај Участакот, во бугарската полициска станица пукнала првата пушка, со што се означил почетокот на големото антифашистичко народно востание.

Во него учествувале над осум илјади борци и помагачи од овој крај. За својот Прилеп и својата Македонија животот го дале 650 борци, од кои петнаесет се прогласени за народни херои. Така, Прилеп заслужено го добива епитетот – Прилеп – град херој.

Од неговите пазуви потекнува и првиот претседател на првата слободна македонска држава Методија Андонов-Ченто, како и други познати херои: Кузман Јосифовски-Питу, Мирче Ацев, Кире Гаврилоски, Рампо Лефката, а пред нив, Ѓорче Петров, Пере Тошев и многу дтуги.

По воените пустоши, во 1945 година, народот од Прилеп и Прилепско со свои раце, со својот ентузијазам, решителност и самоодрекување, од пепелот го издигнаа, го изградија и го развија својот град. Никнуваа школи, амбуланти, патишта, погони и фабрики. Се развиваше еден нов живот, нов слободарски и градителски импулс и полет. Доаѓаше новото време и новите предизвици.

На пазарите во светот се препознатливи и барани висококвалитетните прилепски тутуни и тоа од најголемите произодители на цигари. Тутунскиот комбинат беше најголем во земјава, додека Институтот за тутун прв почна со генетиката во земјоделството на Балканот. Исто така, Прилеп е градот на мермерот на широките балкански простори. Во него има компании кои се со висока технологија, иновативни кадри и широка палета производи барани од бизнис-заедницата.

1vistin12367Влезот на Пазарот во Прилеп, Саат кулата

Брендовите како „Витаминка“, „Мермерниот комбинат“, „Пиварницата“, „Микросам“, „Жито – Прилеп“, како и од металната, хемиската, текстилната и дрвната индустрија, одамна го свртија вниманието на трговците и потрошувачите.

Меѓутоа, Прилеп е и град на културните вознеси, град на традициите, новото и урбаното. Има прекрасно уредено централно градско подрачје, паркови и фонтани, со мермерни и други статуи, со инспиративниот споменик на најголемиот воин и стратег, царот Александар Македонски, спонзориран и изграден од Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски.

Во Домот на културата „Марко Цепенков“ се одржува престижниот Републички фестивал на театрите „Војдан Чернодрински“. Низ сокаците и плоштадите се организира најмасовниот Пиво-фест во земјата, посетен и од триста илјади посетители од Македонија и светот, а Прилеп влезе и во Гинисовата книга на рекорди по ненадминатиот број на посни сармички направени од вредните раце на домаќинките.

Од овој град потекнуваат многу имиња од областа на книжевноста, театарот, музиката, сликарството, скулптурата, филмот и науката, имиња кои оставија трајни вредности во сеопштата културна мапа на Македонија и пошироко.

Прилеп, градот на херојството и непокорот, премостува векови. Цел еден милениум од прапочетоците, па натаму со војни, иселувања, но и со титанската слободарска и градителска сила и моќ на неговиот народ, е впишан во археолошките, историските и цивилизациските страници и други страници, како светол пример во колективната меморија.

Денес Прилеп е модерен град посетуван од илјадници намерници и туристи од повеќе страни на светот. Гостољубивоста, срдечноста и отвореноста на домаќините го прават посебно привлечна туристичка дестинација, која е веќе впишана во проспектите и мапите на туроператорите од многу земји на планетава.

Прилеп, градот на Ѓорѓија –Џорџ Атанасоски ги прави големите чекори на својот пат кон иднината во првите децении од третиот милениум, со што го зголемува богатиот мозаик на македонскиот народ и на Македонија.

Продолжува

1slavek1 Пишува; СЛАВЕ КАТИН

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Монографско дело „Ѓорѓија Џорџ Атанасоски“ на авторот Славе Николовски – Катин, кое има две изданија, во 2012 и 2015 година, со 470 и 500 страници, во издание на „Македонска искра“, Македонско сонце и ТВ Сонце, Скопје, а е на македонски и на англиски јазик, е посветенo на доблесниот Македонец, истакнат хуманист, голем донатор, докажан бизнисмен, духовен-посветеник и горд припадник на својот библиски род и македонската земја, господинот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.

Во него е забележано дека Ѓорѓија Џорџ Атанасоски е еден од столбовите на акциите организирани и реализирани во битката за самостојна, суверена и независна македонска држава. Нему му припаѓа заслуженото високо место во хиерархиската пирамида на луѓето, кои имаат корифејски заслуги во иселеничката македонска сага и во градењето пријателски и бизнис – мостови меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави

Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е роден на 18 февруари (сечко) 1952 година во селото Марул, Прилепско, од татко Алексо и мајка Спасија. Оваа година го слави своето шеесет и шесто лето Господово на неговиот бурен живот, за кој со право се вели дека е еден од најуспешните македонски бизнисмени во светот. Во 1985 година се ожени, а во брак има четири сина. А во неговото потесно семејство се и сестра му Виолета, која е кардиолог во Флорида, а брат му Јосиф е позната и призната личност во бизнисот на американското општество.

Инаку,во 1970 година Џорџ Атанасоски заминува за САД, кај својот постар брат Јосиф, со кого ја почнал својата кариера како инженер вработен на Универзитетот во Њујорк. По само пет години сложните браќа формирале своја фирма што подоцна ќе прерасне во голема компанија.

Меѓутоа, Големиот Џорџ е препознатлив како најзначаен инвеститор од Македонците во дијаспората кои инвестирале во дедовската земја – Република Македонија. Тој е основач на македонскиот светски неделник „Македонско сонце“, на претпријатијата „Мак ам“, како интернационална компанија, на хотелот со бензинска пумпа „Сонце ГА“ и хотелот „Липа“ во Прилеп, најпатриотската телевизиска станица во Македонија ТВ „Сонце“ во Скопје, „Жито-Прилеп“ во Прилеп, на Такси службата „Сонце“ во Скопје и други инвестиции.

Со тоа Големиот Џорџ се вбројува меѓу економски најуспешните Македонци во светот. Затоа со право се вели дека иако Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски подолго време живее и твори во САД, од своето емигрирање до денес, тој е нераскинливо поврзан со судбината и со настаните во Македонија.

Меѓу другите активности во новата средина во САД, господинот Атанасоски стана член, а подоцна и секретар (1974-1980) на една од најстарите македонски организации во Северна Америка, „Македонската заедница во Њујорк“. Организацијата ја промовираше македонската нација, нејзината историја и култура. За време на работата во „Македонската заедница во Њујорк“, тој ја обедини македонската заедница преку спонзорирање на социокултурни настани, вклучувајќи и фолк-фестивали, симпозиуми, вечери на поезија, спортски настани и слично.

Тој е особено активен во промовирањето на демократијата во Македонија. Имено, шеф е на Организацијата за заштита на македонското име, знаме, устав, како и промоција на признавањето на Македонија како суверена држава од страна на земјите во светот.

Паралелно со промовирањето на демократијата во Македонија, во мај (косар) 1992 година, господинот Атанасоски ги фокусираше своите напори за финансиско помагање на „Светскиот македонски конгрес“ (СМК). Оваа асоција е широка организација која го форсира цивилното општество и економскиот развој, ги координира и им дава техничка поддршка на невладините организации.

Истата година, Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е избран за претседател на „Светскиот македонски конгрес за Северна Америка“, една од највлијателните македонски невладини организации во светот. Неговата работа во СМК резултира со организирање хуманитарни активности за спонзорирање на истражувачки работи од областа на историјата на Македонија.

По осамостојувањето на Република Македонија, господинот Атанасоски активно се вклучи во македонската политичка сцена, а на меѓународен план е еден од најголемите борци за зачувување и негување на националните интереси на Македонците во земјава и во светот, при што особено внимание посветува на нивниот економски напредок.

На 24 јуни (жетвар) 1994 година, за да ја назначи важноста и да создаде верба во независните медиуми, тој го кофинансира, организира и етаблира првиот светски македонски неделник „Македонско сонце“, кој успешно опстојува на македонскиот медиумски простор, отворен за секој граѓанин во земјата и во светот.

Како резултат на неговата политичка кариера, на претседателските избори во октомври (листопад) 1994 година, македонскиот бизнисмен Атанасоски се кандидираше за независен кандидат за претседател на Република Македонија.

Беше потребно за исклучително кратко време да обезбеди десет илјади потписи. И кога сè беше завршено во рекордно време, Републичката (државна) изборна комисија, за жал, „констатира“ дека не е обезбеден потребниот број потписи. Аргументираните докажувања не вродија со плод.


1djop12

Ѓ. Атанасоски и С. Катин пред споменикот на Ченто во Прилеп

Исто така, и во 1999 година Атанасоски се кандидира за претседател на Република Македонија, со желба, доколку ја добие довербата на граѓаните, да ја унапреди демократијата во земјата, да промовира економски систем базиран на принципите на слободен пазар и држава во која ќе владеат законите на правниот систем. Основна агенда во неговата кампања беше да се забрза економскиот и социјалниот развој на Македонија. За жал, од слични причини не успеа да ја реализира својата намера.

Меѓутоа, Атанасоски не ја напушти почнатата патека за доброто на македонскиот народ и за неговата подобра сегашност и иднина. Продолжи со своите активности и како резултат на тоа, во текот на јануари (коложег) 1996 година, поведе иницијатива за формирање на политичката партија „Македонска алијанса“.

Окружниот суд во Скопје, како надлежен за Судскиот регистар на политичките партии, во вонпроцесна постапка, а во согласност со законските одредби, одлучи и донесе решение со кое „Македонската алијанса“ со седиште во Скопје стекнува својство на правно лице и дека може да започне со работа од 22 март (цутар) 1996 година.

Од 1996 година па до денес, господинот Атанасоски е претседател на партијата „Македонска алијанса“. Партијата е регистрирана во Скопје, но има свои ограноци речиси во сите земји во светот, во кои живеат Македонци. Промовирајќи ги своите патриотски ставови, „Македонска алијанса“ стана синоним за националната борба на македонскиот народ. За таа цел, во 1998 година „Македонска алијанса” ја формира „Македонската национална коалиција“, со која учествуваше на парламентарните избори. За жал, партијата не се здоби со пратеник во Собранието на Република Македонија, од веќе добро познатите причини.

Меѓутоа, и покрај сè, „Македонската алијанса“ упорно продолжува со својот амбициозен план за развој на македонската економија, за излез од кризата и за развој на државата. За таа цел, партијата нуди рака за соработка со сите Македонци и малцинства во Република Македонија, за во иднина сите да партиципираат во севкупниот просперитет на државата.

Познатиот македонски бизнисмен Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е уште поголем хуманист, донатор и мецена на многу важни национални и културни манифестации во Република Македонија и во прекуокеанските земји, каде живеат и работат многубројни Македонци. Тој дава сеопфатна стручна економска и политичка анализа за состојбите во земјава и пошироко.

Тој долги години работи за Македонија, за Македонците и македонското прашање, обединувајќи ги македонските иселеници и Македонците во соседните земји со спонзорирање на социокултуролошки настани, вклучувајќи и фолк-фестивали, спортски настани и друго. Тој особено се грижи за Македонците во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, Македонците од Мала Преспа, Горна и цела Албанија.

Затоа со право се вели дека Големиот Џорџ навистина е прототип на Македонец кој со своето знаење, интелигенција, итрина и приспособливост успешно се снашол во туѓина. Воден од љубовта кон Македонија и од нејзиното сонце, како Големиот Александар, активен е и во Македонија.

Цели дваесет години од осамостојувањето на Република Македонија, тој со срце, душа и голема љубов учествува и инвестира во економијата, политиката, културата, медиумите и воопшто во социјално-општественото живеење и опстојување на македонскиот народ и Македонија.

Ѓоргија-Џорџ Атанасоски денес живее со неговата Марија Гoнчарова, родена на 11.04.1965 година. Таа е интернист и е внука по тетката Наталија Гoнчарова Николовна, сопругата на најголемиот руски поет, Александар Сергеевич – Пушкин.

Меѓу другото, треба да се истакне дека по осамостојувањето на Република Македонија, господинот Атанасоски активно се вклучи во македонската политичка сцена, а на меѓународен план е еден од најголемите борци за зачувување и негување на националните интереси на Македонците во земјава и во светот. Во 1999 година Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски се кандидира за претседател на Република Македонија, со желба, доколку ја добие довербата на граѓаните, да ја унапреди демократијата во земјата, да промовира економски систем базиран на принципите на слободен пазар

Продолжува

1slavek1 Пишува; СЛАВЕ КАТИН

МАКЕДОНИЈА Е ВЕЧНА – ТАА Е ЕДНА ОД КРСТОСНИЦИТЕ НА СВЕТОТ – ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски живее и твори во САД, меѓутоа тој е со душата и срцето во Македонија. Негова преокупација е родната земја. Во овие четириесетина години на распетие меѓу САД и Македонија тој се покажал и докажал како вистински бизнисмен и патриот кон двете татковини.

Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски нагласиува дека векот кој измина ни се случија Илинден и Крушевската Република, но ни се случија и Балканските војни кога нè разделија. Меѓутоа, Втората светска војна, на Македонија ù го донесе вториот Илинден и АСНОМ, како и одлуките за остварување на вековните стремежи на илјадниците македонски синови – создавање на македонска држава за прв пат во вековната историја.

Ни се случи и третиот Илинден кога Македонија стана независна самостојна држава. Затоа, според бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски Македонија им припаѓа на Македонците каде и да се на оваа планета Џорџ Атанасоски особено го почитува и се радува на историскиот развој на Македонија. Така, по повод 60-годишнината од осамостојувањето на Република Македонија, во 2003 година, ќе го напише следниот текст:

„Во славното Крушево на Мечкин Камен уште еднаш ќе екне песната на македонскиот непокор. Гордо славиме 60 години – Република Македонија, 101 година од Илинденското востание, 2342 години од историската решавачка битка кај Херонеја кога била воспоставена македонската хегемонија над елинскиот свет и 2360 години од раѓањето на Александар Македонски. Многу значајни јубилеи – повод за големо славење. Но, повторно темните орли нè надлетуваат, создавајќи немир меѓу македонскиот народ. Договорот за територијалната поделба на Република Македонија повторно создаде духови на неспокој. Се растревожи македонскиот народ и го крена својот глас. Ние сме нација на непокорот, тоа историјата го потврдува“.

Во понатамошното излагање Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски нагласи дека векот кој измина ни се случија Илинден и Крушевската Република, но ни се случија и Балканските војни кога нè разделија. „Таа поделба, истите тие што ја направија, ја потврдија и по Првата светска војна и таквата состојба остана и до ден-денес. На македонскиот народ му се случија крвавите пресметки во 20-тите и во 30-тите години на минатиот век, кога беа ликвидирани најголемите синови на Македонија. 

Најголемата катастрофа на XX век, Втората светска војна, на Македонија ù го донесе вториот Илинден и АСНОМ и одлуките за остварување на вековните стремежи на илјадниците македонски синови – создавање на македонска држава за прв пат во вековната историја.

Тоа не беше резултат на добрата волја или подарок од некого, туку беше резултат на борбата и жртвите кои македонскиот народ ги заложи во антифашистичката војна. Конечно, во овој век нам ни се случи и третиот Илинден, односно независна и самостојна Република Македонија, која постои и покрај многуте премрежиња, градејќи го својот независен демократски развој.“

Илинден е запишан со крупни позлатени букви во календарот на македонскиот народ во етничка Македонија и кај македонските иселени ширум светот. Илинден 1903 година е највисок револуционерен врв на борбата што ја водел македонскиот народ за соборување на султанската тиранија. Тој беше патоказ во национално-револуционерната борба на македонскиот народ и другите народи кои живееле во тогашна етничка Македонија за слобода и независност.

Затоа илинденскиот херојски подвиг длабоко и цврсто се врежап во свеста на македонскиот народ и кај широките народни маси на Македонија. Оттука не е чудно што илинденскиот чин станал знаме, симбол и патоказ на борбените македонски генерации, кои не дозволиле македонското ослободително дело, македонската кауза да скршне од новата револуционерна епопеја.

Првото заседание на АСНОМ, пак,  претставува државно конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија. На него се донесени повеќе решенија, меѓу кои се решението за конституирање на антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ во врховно законодавство и исполнително тело на Македонија и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, решение за донесување декларација за основните права на граѓаните во демократска Македонија.

Президиумот на АСНОМ е раководен орган на АСНОМ со извршни и законодавни ингеренции. Своите законодавни ингеренции ги извршува во периодите помеѓу пленарните заседанија на АСНОМ, а извршните ингеренции – самостојно. Избран е на Првото заседание на АСНОМ на 2 август1944 година, а постои до Третото заседание на АСНОМ од април 1945 година, кога се реконституира како Президиум на Народното Собрание на Македонија. Претседател на Президиумот на АСНОМ е Методија Андонов – Ченто

6789012Манастирот Св. Прохор Пчински

Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски вели дека крстопат на светот е Македонија и продолжува: „Каде и да одиш, повторно се враќаш во нејзините прегратки, на нејзините корени. А македонските корени се длабоки и мистериозни. Тие им припаѓаат само на Македонците! На оние кои први зачекорија на оваа земја, на оние кои први им подарија писменост и духовност на европските народи! Но, судбината сакаше токму Македонија да го чекори трновитиот пат, да коленичи и да моли, да ги боледува туѓите лудила и идеологии. Но, токму тие искушенија ги калеја Македонија и Македонците достојно и смело да чекорат и херојски да гинат!“

„Сме постоеле и ќе опстоиме – запишано е во нашите гени. Поседуваме богато духовно, историско и политичко наследство, кое им пречеше на балканските земји и на големите европски сили.

Културното богатство на Македонија е непроценливо. Македонија е волшебна земја за археологијата. Сè уште недоволно истражена, таа е предизвик на иднината. Од Македонија потекнуваат и глаголицата и кирилицата, азбуката, којашто во IX век ја осмислиле Македонците од Солун, браќата Кирил и Методиј, а нивните ученици на чело со Климент и Наум ја рашириле и го описмениле неписменото население на Балканот и пошироко.

Денес, врз основата на старомакедонскиот јазик, се оформиле повеќе светски јазики. Стотици манастири и цркви, насликани со живописни фрески, насликувајќи го секојдневниот живот во Македонија, потекнуваат токму од овој период.

Една стара поговорка вели: „Кога ќе одиш низ Македонија, немој ниту да пееш, ниту да играш, зашто и ќе те натпеат и ќе те надиграат.“ Македонија има непроценливо музичко наследство. Народната музика се пренесувала од генерација на генерација и во нејзината содржина се испреплетени сите аспекти од секојдневниот живот, заедно со обичаите, традицијата, верувањата…

Исто така, бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски вели: „Македонија им припаѓа на Македонците каде и да се на оваа планета. Да ја зачуваме, славиме и градиме, бидејќи таа е единствена и наша. Нека ни се вечни и свети македонските Илиндени!“ 

Продолжува

1sla2 Пишува; СЛАВЕ КАТИН

МАКЕДОНИЈА – ЗЕМЈАТА НА НЕПОКОРОТ И НА ВЕЧНАТА ИДНИНА (5)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Според зборовите на Џорџ Атанасоски целата историја на Европа е поврзана со Македонија, Европа ја подели Македонија во 1913, за Време на првата светска војна најголемите битки се водени на Македонска територија. Правени се обиди за асимилација на Македонците за среќа безуспешни. На крајот во еден дел од Македонија Македонците создадоа своја Држава во рамки на Југославија.

Но таквата причина ја исплаши Грција па направи егзодус над Македонците, Македонците се потомци на Филип и Александар и имаат право да живеат во своја држава. Но се плашам дека нивната пребогата историја во иднина ќе им донесе преголеми проблеми кои ќе им ги наметнат Бугарија и Грција затоа што имаат страв од постоењето на Македонија и Македонците

Меѓутоа, непобитен е фактот дека Македонецот, и покрај сите обиди и притисоци за негова асимилација се одржал и опстојал. Тоа покажува дека овој народ како библиски, успеа да се спротивстави и да ги издржи сите освојувања, угнетувања и негирања. Македонија е единствената земја со најдолга и најстара историја од која било друга земја во светот. Нејзиниот корен се античките Македонци, а нејзините водачи Филип и Александар Македонски.

Од нивното време, преку владеењето на Рим и Византија, но и преку големите миграции на Словените на југ, потоа отоманскиот и другите периоди, Македонија секогаш била меѓник и крстопат на различните цивилизации, култури, јазици и религии. Непобитен е фактот дека кога Европа била во мрак, единствено ја осветлувал факелот на македонската култура. Меѓу другото, Охридскиот универзитет на свети Климента, зрачел како симбол на една од најстарите цивилизации на континентот.

Почнувајќи од IV век па наваму христијанството преовладувало како религија на овие простори. Тоа го потврдуваат археолошките откритија и бројните христијански цркви, епископални катедрали, базиликите, крстилниците и другите сакрални објекти со големи димензии, кои покажуваат дека христијанството длабоко се закоренило и добро се организирало во Македонија од самиот почеток па до денес.

Еден од најкрупните настани што се случиле во минатото во Македонија била првата азбука на свети Кирил Солунски, која има историско значење за сите словенски народи. Така, првите преводи на богослужбените книги на старословенски, односно на старомакедонски јазик, го означија периодот кога во редот на владејачките јазици, покрај латинскиот, елинскиот и еврејскиот, тој се најде со неговото писмо. Оттогаш Господовото писмо почнало да се шири и на нашиот јазик, а луѓето да пишуваат и да читаат книги напишани на сесловенската-старомакедонската азбука и јазик.

Несомнено, овој настан е од епохално значење за македонскиот народ. Прво, затоа што браќата свети Кирил и Методиј биле од Солун, Македонија, и второ, затоа што првите книги напишани на старомакедонскиот-сесловенскиот јазик, биле на јазикот на македонските Словени. Очигледно, светите Кирил и Методиј не можеле да употребат ниеден друг јазик освен јазикот на Македонците, кои живееле во нивниот град – Солун и околините места.

Друг епохален настан за Македонците се случил во почетокот на ХI век, кога македонскиот цар Самуил, својата престолнина ја преселил во Преспа, а потоа и во Охрид. Сведоштво за тоа се остатоците од неговите тврдини што ги гледаме и денес, како траен белег за тоа наше славно минато. Тука останало и седиштето на Охридската архиепископија, сè до нејзиното укинување во 1767 година. Инаку, со прогласувањето на

Патријаршијата, цар Самуил, од првиот охридски патријарх не случајно бил прогласен за император.

До доаѓањето на Османлиите на Балканот во XIV век, Македонија била во градителски подем. Сведоштво за тоа се бројните средновековни цркви и манастири, кои денес се наоѓаат во ризницата на европската и светската култура. Не случајно, Османлиите веднаш не ја укинале автокефалноста на Охридската архиепископија, туку покажале толерантност кон христијанската вера. По освојувањето на Охрид во 1408 година, цела Македонија се нашла под јаремот на Османлиската Империја. Но, и покрај тоа, Османлиите, не само што не ја ограничиле независноста на Охридската архиепископија, туку и ја зголемиле моќта, со цел да ја ослабат Патријаршијата во Константинопол.  Меѓутоа, експанзијата на феудалниот систем во Турција, објективно значела слабеење на Охридската архиепископија.

Македонскиот народ и неговата црква, во тешката ситуација во која се нашле, биле под постојан притисок на Патријаршијата од Константинопол и од католичката пропаганда во Рим. Патријаршијата применувала разни методи за елинизација на македонскиот народ и уништување на неговата црква, во лицето на Охридската архиепископија. За таа цел, не се бирале средства и методи, Патријаршијата да се наметне врз тогашните црковни власти. Така, во 1767 година таа ја укинала Охридската архиепископија, со што му нанела голема штета на македонското христијанско население.

Иако Балканските војни (1912 – 1913) значеле некакво ослободување на Македонија од османлиското ропство, тие, всушност ѝ донеле ново подјармување. Дошло до трагична поделба на Македонија од страна на Грција, Бугарија и Србија, а подоцна и од Албанија, поради што следеле уште погруби услови и дискриминација за македонскиот народ. Не само што била негирана македонската нација, туку била забранета и употребата на македонскиот јазик, особено во Егејска Македонија, каде се применувале строги казни за оние кои се осмелувале да го зборуваат македонскиот јазик. Во Србија, која подоцна прераснала во Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, под југословенската монархија, Македонија била колонизирана. На Македонците повторно им бил негиран националниот идентитет, а нивниот јазик бил потиснат. Слична била нивната судбина и во Бугарија, во Пиринска Македонија.

1isks123456

Александровото писмо / Посмртна златна маска, Требениште Mакедонија, пајонско време

Вековната борба на македонскиот народ за национална и социјална слобода, борба за правда и вистина, особено неговото активно вклучување во антифашистичката коалиција, по Втората светска војна, овозможи тој да се здобие со суверена држава, со национални институции и со разновидна палета на културна комуникација со светот. Македонскиот јазик стана официјален јазик на Република Македонија, познат и признат во светски рамки.

Се изучува на многу универзитети на неколку континенти и придонесува за ширење на вредностите на македонската култура и нивно вклучување во ризницата на светската култура. За жал, во деловите на Македонија, особено оние кои сè уште се наоѓаат во составот на Грција, Бугарија и Албанија, негаторскиот однос кон македонскиот идентитет и натаму продолжува.

По ослободувањето, цела Република Македонија доживеа силен подем во образованието, културата и изградбата, како и во општественото живеење. Тогаш, Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски уште како дете ги почувствува и ги наследи сите тие убави благодати на животот. Тој почна да се интересира за иднината во животот, за училиштето, за книгите… Почна да ги чита книгите во скромната училишна библиотека и да се развива како напреден младинец кој беше сакан и почитуван меѓу учениците, наставниците и луѓето во селото.

Потоа, иселувањето од село во град и преселувањето од Македонија во странство си го направија своето. Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски не беше имун на тоа. Ги почувствува иселеничките бранови што ја зафатија Пелагонија и цела Македонија. Живо се сеќава за разделбите со печалбарите, за бегствата преку граница, за бурните времиња.

За него, првото одење од родното огниште беше Прилеп. Таму, неговиот интерес се збогати и се прошири, за да му се отворат патиштата кон ветената земја, САД. Сè она што го доживеа во родната земја му беше добра основа да ги прошири и збогати своите видици. Затоа, со неговото одење од Македонија и преселувањето во САД, тој, пред сè, го збогати своето живеење на економски план, што секако, беше добра основа за понатамошниот негов развој и интеграција во новата средина. Меѓутоа, паралелно со подобрувањето на економската состојба, тој почна еден нов начин на работа, творење и живеење.

Татковината на Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски во 1944 година се прогласи за Народна Република Македонија во рамките на тогашната Федеративна Народна Република Југославија. Не многу години потоа беше преименувана во Социјалистичка Република Македонија. Меѓутоа, кога пропадна социјалистичкиот блок во 1989 година, југословенските републики тргнаа по патот на одделување. Така, и Македонија, со Референдумот од 8 Септември (гроздобер) 1991 година беше конституирана како посебна, независна и суверена држава – Република Македонија. Тогаш, во тие ѕвездени мигови, Република Македонија стана член на Обединетите нации и постојан член на многу меѓународни организации.

Продолжува

1sla2 Пишува; СЛАВЕ КАТИН

ПОСТАВУВАЊЕ НА СПОМЕН – ПЛОЧА ВО РИМ ЗА ПЕРСЕЈ, КРАЛОТ НА МАКЕДОНИЈА (4)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Според историските податоци, Персеј бил роден како постар син на Филип V со Поликратеја од Арг во 213 година пред нашата ера. На престолот стапил во летото 179 пред Христа. Живеел 48 години. Три години по заробувањето, по краткиот престој во затворот „Мамертин“ во Рим, и нешто подолгиот престој во римската колонија Алба, на Фукинското Езеро, починал во 165 година пред Христа. Некаде во Алба и денес се наоѓала неговата гробница во која можеби се погребани и неговите деца.

Затоа големиот Македонец Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски отсекогаш бил вљубеник во античка Македонија, особено за Филип и Александар Македонски. Исто така тој се заинтересира и за кралот Персеј. Се смета дека споменикот кој му бил подигнат на кралот Персеј се наоѓал на западната градска некропола, на 2,8 км западно од Рим, покрај самата Виа Валерија. За жал, тој сè уште не е откопан.

Тоа и го поттикна бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски на 13 јуни (жетвар) 2008 година, со делегација на неговата партија, Македонска алијанса, од име на целиот македонски народ да му оддаде достојна почит на кралот Персеј. Всушност, на тој ден бизнисменот Атанасоски постави масивна бронзена спомен-плоча со вечното шеснаесеткрако македонско сонце. Со тоа се потврди дека традицијата и почитта кон големите ликови од сопственото минато е нешто најсвето и секогаш ги носи народите кон посреќна иднина.

Делегацијата на Македонска алијанса се состоеше од шест члена. Покрај господинот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски присуствувале: неговиот син Никола Џорџ Атанасоски, директорот на ТВ „Сонце“, Славко Манговски, археологот проф. д-р Виктор Лилчиќ од Институтот за археологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Кирил Добрушевски, претседател на Македонско-италијанското друштво од Битола и Мирко Брдаровски, претседател на друштвото „Персеида“ од Црнобуки (град Персеида).

Делегацијата пристигна во Алба преку Рим, на 13 јуни (жетвар) 2008 година (петок). Првата средба се одржа во просториите на Туристичкиот и културен сервис на Алба на Виа Кастело Орсини. Делегацијата ја пречека професор д-р Вилма Пјерфедеричи и археологот Даниела Либераторе, како и претставници од локалната самоуправа на гратчето Маса д’Албе.

Точно напладне делегацијата пристигна пред остатоците од споменикот на Персеј на Виа Валерија. Според зборовите на Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски, споменикот се наоѓа на општествено земјиште, опкружен со приватни имоти, на само 30 метри северно од асфалтниот пат. Се претпоставувало дека трасата на Виа Валерија водела токму во појасот на тие 30 метри, секако, покрај самиот споменик. Географскиот амбиент наликувал на македонскиот пејзаж.

Кон југозапад и југ се протегаат разбрануваните ниски ридови и рамнината на пресушеното Фукинско Езеро кон југоисток. Кон север по неколку километарската висорамнина, која наликувала на Пелагонија, речиси наеднаш високо во облаците се издигнува дури до 2.487 метри замаглениот планински врв Велино, со околните врвови Кафорнија (2.409 м) и Севиче (2.331 м). Амбиентниот колорит е типично медитерански, би се рекло дури и балкански.

Според археолозите, пак, самиот објект – споменикот бил оформен во цврста малтерна техника, со средно големи варовнички камења. Тој бил во форма на доминантна кула, според стара фотографија која, за жал, се урнала во силниот земјотрес кој се случил во 1915 година. Денес се зачувани остатоците од долниот дел, кои по малку наликувале на фигура на слон, што секако е случајно. Во урнатините до споменикот се гледа и дел од една покривна ќерамида – тегула, коринтски тип, што датирал од подоцнежно време. Во нивите се забележуваат ретки фрагменти на садови од керамика, кои, веројатно, потекнуваат од некрополата.

Исто така, според зборовите на Атанасоски, претпоставка е дека токму остатоците од тој споменик се на кралот Персеј и дека се темели на неговата монументалност и местоположба. Но, вниманието го привлекаат уште две контури на нешто помалите надгробни споменици, недалеку од западната Порта Максима. Тие споменици сè уште не се археолошки ископани, така што се налага потребата да се извршат студиозни археолошки ископувања за да се лоцираат точно споменикот и гробот на македонскиот крал Персеј.

Според зборовите на Ѓорѓи- Џорџ Атанасоски. денес, по изминати речиси 22 века, со гордост и пиетет се сеќаваме на овој човек и на неговите дела. Тој имаше само 13 години кога како македонски принц јаваше на чело на дел од македонската армија кон пелагониските теснеци, кај прилепското село Барбарас, каде го запре пробивот на дарданските орди. Долг е списокот на херојските подвизи на кралот Персеј и на војската на Македонците за одбрана на македонската цивилизација и на Кралството Македонија.

Инаку, според историските документи, точно пред 2.175 години, на 22 јуни (жетвар) 168 година пред Христа, во битката кај Пидна загинале 20.000 македонски воини. Тој ден завршила кралска Македонија, зародена во далечниот VII век пред Христа. А таа, Македонија, под Филип II Македонски и Александар III Македонски (Велики) блеснала дури со империјален-царски цивилизациски блесок.

Александар го освоил светот, но по него како сè да било хаос. Неговата Македонска Империја ја разнебитиле Келтите – Скордисците, Дарданците, Римјаните… По пет века Кралството Македонија станало Република, поточно дел – провинција од Римската Република. Сепак, името Македонија преживеало до ден-денес.   

1mt234567

Размислувањата на Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски се, како да го зачуваме името Македонија и да го предадеме да биде исто како некогаш? Тој, меѓу другото за името вели: „Кралство на Македонците? Само еден е одговорот. Мораме искрено да ја почитуваме античката македонска кралска куќа и секако кралското општествено уредување кое, како што се гледа, на голем број европски земји денес им носи ред, мир и благосостојба. Но, мораме да го прдооложиме континуитетот. Сè поочигледно е дека е потребно обновување на Кралството Македонија.Токму тоа беше поводот да му оддадеме достојна почит на Персеј. Но, кој беше човекот кој не би смеел да остане запаметен во историјата како последен македонски крал?

Крајот на Кралството бил драматичен. Третата македонско-римска војна завршила со битката кај Пидна, која траела околу еден час. Персеј се повлекувал во Амфипол, потоа на Самотрака. И тогаш го ограбила и го напуштила гардата од 500 Криќани, бегајќи со македонската благајна, со која тој планирал да го врати Кралството.

Конзулот Емилиј Паул го водел кралското семејство во Амфипол, потоа заедно со илирскиот крал Гентиј ги повел во Рим. Во триумфалната церемонија, која траела три дена, низ улиците продефилирале селектираните македонски богатства. Плутарх спомнува статуи, слики, македонско оружје, 750 ќупови со сребрени пари – по околу 80 килограми во секој, садови за вино, бикови со позлатени рогови, златни и сребрени садови, потоа 77 ќупови со по 80 килограми златни пари во секој, светата македонска урна од масивно злато тешка 270 килограми, опточена со благородни камења. Конечно дефилираше кралската кола на Персеј, со неговото оружје и кралската дијадема, неговите три деца, принцовите Филип VI, Александар и ќерката Лариса. На крајот одeл Персеј со кралската придружба.

Бидејќи традицијата и почитта кон големите ликови од сопственото минато е нешто најсвето и ги носи народите секогаш кон посреќна иднина, неколку дена пред темниот јубилеј, 22 јуни (жетвар) – Пидна, Македонска алијанса, под водство на Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски, од името на целиот македонски народ му оддаде достојна почит на кралот Персеј во местото каде тој не успеал да ја надмине тагата во 48 година од животот.

На масивна бронзена спомен-плоча што ја поставил Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски пишува на македонски, англиски и италијански јазик. Според зборовите на Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски: „Тој навидум минорен хепенинг денес би требало да има и друга димензија. Тој денеска го покренува прашањето на кралскиот континуитет, како Велика Британија, Норвешка, Шведска и други напредни современи кралства во Европската заедница на народите. За некои 16 години независна Република Македонија, Македонците во Македонија и низ светот се разделија во партии, а тоа толку кристално ги имплицира зборовите поделба и разнебитување. Да, се чини дека навистина ни е потребен обединувачки фактор, а тоа може, како што изгледа, да го гарантира промената на уредувањето од република во Кралство Македонија, на чело со крал и кралица. Македонци, да го обновиме Кралството Македонија. Само тоа е вистинскиот одговор на сите наши непријатели и разнебитувачи. Да продолжиме таму каде што застана Персеј“! вели Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски.

Бизнисменот Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски е првиот Македонец кој го обнови последното почивалиште и го воскресна ликот и делото на македонскиот крал Персеј. За тоа историско и хумано дело македонскиот народ и Македонија секогаш ќе му бидат благодарни. Имено, чинот со поставувањето на спомен-плочата, всушност, се постави темел за обнова и продолжување на македонското кралство. Со тоа се потврди ширењето на корените на античка Македонија до вечниот Рим и продлабочување на добрите односи и релации меѓу денешните две држави Италија и Република Македонија.

Исто така, денес овие две држави и два христијански народа ги поврзува вечното почивалиште на свети Кирил Солунски, големиот македонски и сесловенски просветител.

Неговиот гроб се наоѓа во црвката Сан Клементево Рим, недалеку од почивалиштето на Персеј. Пред гробот на свети Кирил се поклонуваат неговите почитувачи и продолжувачи на сесловенската, односно македонската култура, јазик и христијанска вера.

Во 1969 година Република Македонија започна свечено да го слави името и делото на свети Кирил, кога била поставена и споменплоча на неговиот гроб во црквата Сан Клементе. Оттогаш до денес, високи претставници на Република Македонија и на Македонската православна црква, Охридска архиепископија го посетуваат гробот на свети Кирил.

Секоја година на 24 мај, Денот на македонските и сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, всушност, е и ден на македонската култура во Италија. Покрај церемонијата на гробот на свети Кирил, на која присуствуваат бројни поклоници на името и делото на солунските браќа, во многу градови ширум Италија се одржуваат бројни средби на државно ниво, прием кај папата на Римокатоличката црква, концерти, изложби, театарски претстави и други културни манифестации. Сето тоа ги потврдува високите дострели, потврди и релации од културата, религијата и општествено-политичкото живеење меѓу Италија и Република Македонија.

Продолжува

1sla2 Пишува; СЛАВЕ КАТИН