Заев: Вработувањата ќе бидат транспаретни, предност ќе има квалитетот

Сите постапки околу вработувањата ќе бидат транспаретни, секој ќе има можност да конкурира согласно законот, а приоритет ќе се дава на квалитетот, а потоа и на искуството и припадноста во општеството, порача премиерот Зоран Заев од собраниската говорница.

Одговарајќи на пратеничко прашање за кадровските „промашувања“ направени во изминатиот период, Заев рече дека мора да се искористи квалитетот на кадарот, а доколку се појават несоодветни кадри, тие веднаш ќе бидат сменети.

– Лично јас и Владата сме убедени дека Македонија мора и треба да ги искористи сите капацитети без разлика на предрасудите на политичките партии за политичката профилација на граѓаните. Прв приоритет мора да биде квалитетот на кадарот, а потоа неговото искуство и на крај неговата припадност – општествена, интелектуална и професионална. Ако Македонија го пропушти моментот да ги искористи сите свои капацитети, тоа е пропуст за државата и неуспешност на Владата да ја реализира својата програма и политики за кои се залага, нагласи Заев.

Додаде дека нестручни и нечесни кадри нема да останат во институциите, а најави водење на отворен процес во кој е подготвен да се поправат грешките доколку се основани.

– Убеден сум дека и опозицијата ќе ја одигра својата корективна полтика и ќе ни укажува каде грешиме, за да се поправиме. Ќе водам отворен процес да ги поправиме грешките онаму кадешто се основани, истакна премиерот Заев.

Прашан дали е подготвен да направи промена за пет кадровски грешки, премиерот Заев рече дека доколку треба да наброи пет кадровски грешки, тоа се несменети началници и раководители на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ако имало досега причина некој да бил сменет, ќе бил сменет. Имало причина на некој да му се укаже за нешто и тоа е нормален дел од мојата работа, рече Заев, додавајќи дека верува оти со чесно работење, Македонија ќе има пари за потребите на сите граѓани и ќе има економски раст и развој.

Чесно излегов и кажав, рече Заев, дека нема да ја зголемувам платата на администрацијата додека не видам ефикасност и ефективност, а ќе сторам се, ако видам ефикасна и ефективна администрација.