Заев: Не сме стигнати до таму да разговараме за нови имиња

Немаме стигнато до таму да разговараме за некои нови имиња или слично, рече денеска премиерот Зоран Заев, прашан за коментар на пишувањата на грчките медиуми за предлогот „Нова Македонија“.

– Веројатно тоа е предлог на медиумите, ние немаме стигнато до таму да разговараме за некои нови имиња или слично. Она кое што веруваме дека овие денови ќе се разговара е потврда на желбата на двете страни за суштествено да навлезат во решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Изрази надеж дека под посредништвото на Метју Нимиц ќе биде потврдена заедничката желба на двете страни и на Република Македонија и на Република Грција за изнаоѓање на вакво решение.

– Ние на нашата страна јавно тоа го потврдуваме. Тие се и напатствијата на нашиот преговарач и се надевам дека состанокот ќе заврши во позитивна атмосфера за да можеме понатаму да очекуваме разработка на можни решенија на овој проблем, изјави Заев.

Грчката телевизија „Стар“ синоќа објави дека предмет на денешните разговори на медијаторот Метју Нимиц со претсваниците на двете земји во Брисел ќе биде предлогот „Нова Македонија“.