Владимир Плавевски за збирката раскази „Момини солзи“ е добитник на наградата „Крсте Чачански“, а Елена Пренџова ќе ја добие наградата „Јован Котески“ за поетската збирка „Шшш….“ (интермистичка вибер поезија).
Наградите годинава по осми пат ги доделува Културниот центар „Бран“ и ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.
Во образложението на жири комисијата за книгата „Момини солзи“ се наведува дека станува збор за уметничко дело во кое реализмот и магичниот реализам меѓусебно не си противречат, туку се надополнуваат и отвораат видици што поттикнуваат восхит.
Книгата „Шшш…“ на Пренџова е љубовна поезија која содржински и визуелно создава искрена доживеана поетска книжевна творба.
Досегашни добитници на наградата „Крсте Чачански“ се Христо Петрески, Милован Стефановски, Петре Димовски, Марина Мијаковска, Добре Тодоровски, Васил Тоциновски и Стефан Марковски, а на наградата „Јован Котески“ се Трајче Кацаров, Санде Стојчевски, Витомир Долински, Христо Петрески,Славчо Ковилоски, Зоран Пејковски и Зоран Јакимоски.