Писмена реакција за преговорите за името

Почитувани,

После средбата на Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коsијас заедно со медијаторот Метју Нимиц во Сунио, а во пресрет на најавената средба меѓу Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија од која се очекува нивен договор за решение на спорот за името, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

ТАТКОВИНАТА НЕ МОЖЕ И ПОНАТАМУ ДА СЕ ДРЖИ ВО ЗАЛОЖНИШТВО!

Република Македонија не е приватна фирма на Зоран Заев и Никола Димитров за да си прават приватни аранжмани и да тргуваат со Уставното име и идентитетот на целиот Македонски народ! Ако тие решиле да се прекрстат и да прифатат Грчко кумство, тогаш нека си ги сменат нивните и имињата на нивните деца! Нека ја остават на мира Македонија и Македонскиот народ!

Македонската Алијанса бара јавно да се соопшти во која фаза се преговорите и што има намера да стори Зоран Заев во четврток во Софија. На сите ситни души и предавници кои одработувајќи за туѓи бели дворови јавно се залагаат за промена на Уставното име им порачуваме да не се занесуваат. Такво ВЕЛЕПРЕДАВСТВО нема да помине! Македонскиот народ нема да ги прифати средновековните уцени на официјална Атина. Ние не може да се обезличиме за да ги задоволиме иредентистичките барања на Грчките националисти.

БАРАМЕ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ И РЕФЕРЕНДУМ!

Доцна е за лидерски средби. Најодговорните политичките фактори во моментов немаат ниту сила ниту кредибилитет да ги бранат националните интереси. Македонската Алијанса бара промени во Изборното законодавство, воведување на една изборна единица заедно со Дијаспората, со отворени листи и без изборен праг. Формирање на Државна Изборна Комисија по модел кој ќе гарантира законско и демократско гласање. Веднаш потоа да се организираат предвремени парламентарни избори заедно со референдум. Тоа е најдобриот начин Македонскиот народ да се изјасни за судбината на преговорите за името. Ниту еден лидер, партија или коалиција не е поголема од Македонскиот народ.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски