Почитувани,
Во пресрет со новата преговарачка средба за името меѓу Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коsијас во Атина, на која ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:
Македонска Алијанса со внимание ги следи пораките кои високите претставници на меѓународната заедница ги соопштуваат во врска со преговорите за Македонското прашање. Заклучокот е дека спорот за името треба да се реши до крајот на годината во спротивно ќе има застој од една или две години заради Европските избори и изборите во Грција и Македонија. Ние сме согласни со оценките дека Македонија предолго стои во место и дека заради новите геополитички и стратешки предизвици на Балканот нашето членство во ЕУ и НАТО Алијансата е неопходност. Затоа, Македонија треба веднаш да добие покана за полноправно членство во НАТО во согласност со Времената Спогодба. Нашите сојузници треба да обезбедат спроведување на пресудата на Хашкиот суд со Грција е осудена земја за непочитување на меѓународното право.
Македонскиот народ не може да ги прифати средновековните уцени на официјална Атина. Ние не може да се обезличиме за да ги задоволиме иредентистичките барања на Грчките националисти. Кај се видело и чуло некој во 21 век на сила и злоупотребувајќи ги правата од членството во ЕУ и НАТО да бара да се прекрсти Македонија?
ДОСТА БЕА ПОНИЖУВАЊА! БАРАМЕ ПРЕКИН НА БЕСМИСЛЕНИТЕ ПРЕГОВОРИ!
Колку понижувања треба да истрпат Заев и Димитров за да конечно сфатат дека официјална Атина не сака договор? Бадијала е што Премиерот јавно се изјасни дека за него е прифатливо име со географска одредница, бадијала се откажа од античките корени на Македонската нација, бадијала беа преименувањата на аеродромот и автопатот бидејќи Грчкиот услов за„ерга омнес“ значи дека Република Македонија треба да се избрише и да отиде во заборав.
Заев, Димитров и Шекеринска да не помислуваат дека можат да стават потпис на некаков нов билатерален договор со Грција со кој ќе го предадат најсветото за што животот го положиле многу Македонски херои. Македонскиот народ мора час поскоро на РЕФЕРЕНДУМ непосредно да се изјасни за судбината на преговорите за името. Ниту еден лидер, партија или коалиција не е поголема од Македонскиот народ. Нема да дозволиме велепредавство.
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски