„Сон, верба, љубов“ – концерт на Дуке Бојаџиев

По речиси две години, македонскиот композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев ќе има два концертни настапи во Македонската филхармонија. Концертот „Сон, верба, љубов“ ќе биде изведен вечер со почеток во 19.30 часот и в сабота, во истиот термин.

Музичкиот тим кој ќе настапи со Бојаџиев го сочинуваат: Тијана, Костас Анастасиадис-тапани, Исмаил Лумановски-кларинет, Мартин Ѓаконовски-контрабас, актерката Наташа Петровиќ како вокал и нарација, Владимир Крстев-прва виолина, Маја Ефремова-Шеќерова-втора виолина, Марко Виденовиќ-виола и Марија Михајловска-виолончело.

Бојаџиев на вчерашната прес-конференција изрази задоволство што е дома, во Скопје и најави дека на програмата ќе биде дел од неговиот авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание „Сон-Верба-Љубов“, како и дел од неговото поново филмско творештво.

– На концертот можеби ќе има малку повеќе филмски нумери, ќе има фузија од класична и џез музика и сето тоа зачинето со њујоршка инспирација, рече Бојаџиев.

Последните две години Бојаџиев рече дека главно работел на неколку филмски проекти и авторска музика.