Со Љубомир Фрчкоски, професор по Меѓународно јавно право при УКИМ, разговаравме за тоа што е најсилна гаранција за почитување на договорот за спорот за името, што би го постигнале Македонија и Грција, дали се потребни гарантори на договорот и дали е можна нова промена на Уставот во иднина, во услови на веќе спроведена промена на името.
При евентуален договор за името Грција инсистира на промена на Уставот, а Македонија е за меѓународен договор. Што е најцврста гаранција за почитување на договореното?
– Тука има две нивоа. Прашањето може да се однесува на стручната расправа околу тоа што е најголемата гаранција и на политичката – дали таа стручна расправа завршува работа или не, тоа е политичкиот спор. Од стручна смисла, меѓународниот договор е апсолутно доволна гаранција за секои права и обврски што страните во спорот ги преземаат и гаранциите, за кои пишуваат во договорот, оштетите, судската постапка итн. се доволни. Меѓутоа, тоа во овој случај не ја завршува работата, бидејќи Грција од различни причини, кои веројатно за нас не се разбирливи, инсистира и на промена на насловот на Уставот. Значи, не на уставни одредби, туку на насловот. Тогаш сте исправени пред ситуација да процените дали ќе продолжите со разговорите, дали ве интересираат, важни ви се или не.
Во овој случај мислам дека можното решение, бидејќи за нас е важно да најдеме решение да излеземе од ова, не смее да не повреди, но треба да биде решение кое не ги загрозува идентитетски прашања – јазик, идентитет, сувереност на државата, а истовремено го решава нашиот примарен проблем на интеграција во институции кои за нас се примарно важни, а тоа се НАТО и ЕУ. Во таа смисла мислам дека ќе одиме кон политичко решение од следниот тип. Во меѓународниот договор ќе се вгради временска клаузула, по мое мислење, која ќе ги задоволи на некој начин и двете страни. Уставот нема веднаш да се менува, но при влез во ЕУ, а тоа е некаде во проценка 2025 година, кога и така Уставот на секоја земја се отвора во делот на меѓународните договори, важење на меѓународни договори, тоа е кај нас член 118, во тој момент кога нашиот Устав ќе биде на маса во тој член веројатно ќе се внесе и новото меѓународно име како „наслов на Уставот“. Треба да биде јасно што се менува. Ништо друго не се менува, ни внатрешни, ни други прописи, закони, туку само насловот на Уставот. Тоа на некој начин е седум години од сега, и во таа смисла на наша страна – не се менува веднаш, а од друга страна таа промена ќе ја задоволи веројатно грчката страна. Мислам дека на таа линија ќе одат со решението и тоа е возможно во овој период и јас сум во таа смисла реален оптимист.
Што се однесува до меѓународниот договор, може ли да се има гаранција ако се има предвид почитувањето на Времената спогодба и пресудата на Судот во Хаг?
– Тоа е коректно во смисла дека меѓународното право не функционира како целосен гарант на правата, правдата и правата на државите, бидејќи во меѓународните односи важи силата, моќта и позицијата на некоја држава. Тешко, меѓутоа донекаде може да се загрози меѓународното право. Гледаме некои земја ги кршат правилата на војување, нивните актери и припадници на воени сили прават воени злосторства, кршат меѓународни договори и без санкции. Грција го прекрши членот 11 од Времената спогодба и не и се случи ништо како казна. Го изгуби спорот во Хаг, повторно НАТО не беше волен тоа да го реализира во својата процедура и остана политичкиот договор на посредување да се заврши вака како што се завршува.
Што значи, гарантори на некој начин се потребни од една страна. Од друга страна не мислам дека освен името, ако се реши спорот што го има Грција со нашето име, другите одредби од договорот бараат или се проблематични, па се потребни гаранти. Другите одредби од договорот се непроблематични и мислам дека земјите ќе ги реализираат со голем интерес и ентузијазам, бидејќи се во нивна корист, само да се симне прашањето за името меѓу нив. Јас не мислам дека тука ќе има некаков спор, но веројатно земјите кои учествувале и генералниот секретарот на ОН под чие покровителство се одвиваат преговорите, ќе бидат гарантори на тој договор.
Што доколку некоја нова идна власт, со обезбедено двотретинско мнозинаство, повторно посака да го промени Уставот и прашањето на името го врати во претходната состојба? Дали тоа нема да наликува на „поигрување“ со Уставот ?
– Невозможно е во следна смисла или е тешко изведливо во следна смисла. Меѓународниот договор ја обврзува државата. Блокадата на земјата е возможна долж целиот процес на преговарање со ЕУ. Грција лесно може да не блокира во секое поглавје доколку на овој начин се однесуваме. Што значи дека овој тип на однесување, ирационално, ќе направи таква штета на државата што не верувам дека која било власт ќе ја превземе. И јас се прашувам дали е возможно?, Возможно е се, возможно е да се самозапалиме, но не го правиме тоа. Тоа, сепак, тоа се врзува за некакви интереси на државата. Вие спроведувате интереси на државата. Немаме ние позиција тоа да го правиме за да можеме на тој начин, во тој правец да размислуваме. Теоретски е, но кога тоа првиот пат ќе се заврши практично е завршена работата.