Пендаровски: И без покана за НАТО нема закани за Македонија

Ако не добиеме покана за членство во НАТО, наш предизвик во следниот период,  наспроти нечии катастрофични предвидувања, нема да биде сочувување на територијалниот интегритет и суверенитет, бидејќи такви закани нема, туку развојот на демократските институции и економијата, истакна  Стево Пендаровски, национален координатор за членство во НАТО на денешната дебата „Предизвиците на Македонија пред Самитот на НАТО во 2018“.

Пендаровски рече дека е важно фокусирањето врз економскиот развој, особено од аспект на странските инвестиции, кои објективно многу полесно доаѓаат, особено во земји кои се дел од еден широк и стабилен безбедносен режим.

Тој нагласи дека негова основна теза е оти нашите предизвици се многу специфични. Компарирано со другите земји аспиранти, ниту една друга земја нема сличен проблем.

Горан Бартол, шеф на Канцеларијата на НАТО во Скопје, посочи дека многу е охрабрувачки тоа што Владата организираше серија настани за да го одбележи Денот на НАТО кога пред 69 години беа официјално поставени темелите на НАТО со потпишување на Северноатлантскиот договор во Вашингтон.

– Многу е охрабрувачки тоа што гледаме поголема динамика во  евтоатлантската интеграција на земјата. Исто така, гледам дека денешната конференција е дел од интензивните напори да се потенцира важноста на евроатлантските интеграции. Постигнавме голем напредок, но има уште многу што да се направи, рече Бартол.

Шефот на НАТО, исто така, ми рече да ви повторам дека вратата на НАТО е отворена за вас. Политиката на отворени врати е воспоставена со Договорот од Вашингтон. Пристапувањето е историски успешна приказна, секоја рунда на проширување донела стабилност и просперитет во Европа, рече Бартол.

Тој нагласи дека примерот на Црна Гора е јасна демонстрација дека вратите на НАТО остануваат отворени.

– Во овој тежок потфат ќе ја добиете секоја поддршка која НАТО може да ви ја даде. НАТО сака да ја види вашата земја како ги постигнува своите аспирации и како успешно се интегрира за стабилна, сигурна и демократски просперитетна земја. НАТО канцеларијата останува во Скопје за да асистира при целокупниот прогрес на земјата и да помогне да се олесни процесот. Како шеф на НАТО во Скопје јас сум многу среќен што во текот на изминатата година видовме зголемена соработка со властите и со доверба можам да кажам дека оваа блиска соработка ќе продолжи. Ве поздравувам и се надевам дека целта на оваа земја да стане 30. членка на НАТО –Алијансата наскоро ќе стане реалност, додаде Бартол.

Нора Алити, поранешна пратеничка, посочи дека не треба да се разочаруваме доколку на претстојниот Самит на НАТО не добиеме покана за влез.

– Голем предизвик за нас е да се подготвиме дека може да не добиеме покана за членство, рече Алити.

Ненад Мехмедовиќ, претседател на Институтот за јавна политика, ја претстави новата веб-страна на НАТО www.nato.mk на која ќе бидат објавувани точни и навремени информации за патот на Македонија кон НАТО, како и за самата Алијанса.