СЈО да стане дел од редовното обвинителство, порачува Рот

Мора да продолжат истрагите поврзани со прислушувањето и Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во редовните структури на обвинителството, порача денеска во Скопје државниот министер за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот, кој престојува во посета на Македонија.

– Морам да подвлечам дека двотретинското мнозинство е предуслов за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, но ме информираа дека опозицијата е против продолжување на мандатот  и затоа треба СЈО да го интегрирате во редовните структури на обвинителството. Тоа е проблематично решение, но ако функционира тоа, сосема е во ред, рече Рот на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев.

Во овој контекст, премиерот Заев додаде дека во Стратегијата за реформи во правосудството е предвидено СЈО да биде дел од Државното јавно обвинителство како посебно одделение кое ќе ги продолжи своите надлежности.

Германскиот државен секретар ги поздрави реформските напори на македонската Влада да остане на вистинскиот пат и според него важно е да се врати довербата во јавните институции.

– Особено важно е вашата земја да постигнува конкретни резултати во однос на доброто владеење и владеењето на правото. Спроведувањето и конкретните резултати се суштински. Ова е задача на Владата, меѓутоа не е само Владата одговорна за промени, туку сите во земјата имаат задача да придонесуваат за промените, особено опозицијата. Вистински независно судство заедно со органите за спроведување на законот имаат клучна улога во борбата против корупцијата, истакна Рот.

Тој денеска планирано е да се сретне и со претставници на опозицијата и со невладините организации.