Советниците не добиваат сертификати за класифицирани или безбедносни информации, изјави премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дали ваков сертификат ќе добие и советникот Џезаир Шакири.
– Ова лице има информации од целиот терен. Во минатото се покажало дека ја знае состојбата на целиот овој терен на северната граница на Македонија и верувам дека може да помогне, рече Заев по завршувањето на денешното рочиште за предметот на СЈО „Поткуп“ во кој тој е обвинет .
Заев посочи дека за сите советници ангажманот е една година и оти за време на тие ангажмани ќе се покажат дали некој ќе даде резултати или не. Секако, како што додаде, доколку не дадат резултати јас ќе помогнам и на други места да работат.
Верувам, рече Заев, дека преку концептот „Едно општество за сите“ можам да придонесам во попуштање на тензијата во ова наше општество.
– Бошкоски и Шаќири беа од различна страна на нишаните. Сега работат за својата Република Македонија и ако вака гледаме на работите можеме сите да бидеме порастоварени и да знаеме дека шанси заслужува секој во државава, истакна Заев.
Конечната цел, како што додаде тој, е да направиме пријатно општество во кое ќе биде вредно да се живее.