Одбележан патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица

Во присуство на голем број верници од повеќе градови од државава, некогашни жители на селото и нивни потомци, денеска беше одбележан празникот Свети Великомаченик Георгиј, патрон на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.

Со денешната света архиерејска литургија чиноначалствуваше Архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, во сослжужение со Бигорското братство и сестринството од манастирот во Рајчица.

На одбележувањето на патронот по традиција присуствуваа голем број верници од Битола, Скопје, Гостивар, Тетово, Кичево, Струмица, но и дебрани.

Годинешни кумови кои принесоа погача беа семејството на Петко и Зорица Тодоровски од Дебар.

– Сопругот е по потекло од Рајчица. Тука се крстени сите негови, јас и моите деца. За овој празник секогаш сме тука, зашто е и селска слава. Поради тоа овој празник за нашето семејство е од посебно значење. Посакувам добро за сите, благосостојба, мир и опстојување на Христовата вера, рече годинашната кума Зорица.

На синоќешната вечерна богослужба, со која чиноначалствуваше митрополит дебарско-кичевски, неговото Вископреосвештенство, г. Тимотеј, сестра Серафина ги положи монашките завети и беше причислена кон монашкиот собор. Во манастирот сега има осум монахињи, а периодов во него има и три искушенички.

Манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ е женски манастир. Се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирскиот конак е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче.

Од 2003 година Раичката обител се удостои да стане Кивот во кој се чуваат светите и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј.