Спорот меѓу Македонија и Грција не се состои само во името, станува збор за повеќеслојно прашање, кое во себе освен политичко-дипломатскиот контекст, содржи културни, идентитетски и емоционални елементи.
Поради тоа освен на ниво на политички елити мора да се решава и на ниво на цивилно општество, односно да се прават обиди за освестување на граѓаните во двете земји за важноста од надминување на спорот, заклучија учесниците на јавната дебата на тема „Каде е јазот: Името ли е или непознавањето едни со други?“, што се одржа денеска во Скопје во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и Евротинк – Центар за европски стратегии
– Прашањето за името не е само името, тоа е еден цел спектар прашања, а изминатите 25 години само се додаваат дополнителни проблеми. Прашањето расте и се зголемува во однос на присуството на емотивниот набој што го содржи во себе, изјави грчкиот професор и претставник на тинк-тенкот ЕЛИАМЕП, Јанис Армаколас.
Појасни дека ова не е само дипломатско-политички спор, туку прашање, кое во себе содржи идентитетски, културни и емоционални елементи.
– Овие две насоки одат паралелно една со друга, се надополнуваат. доколку не би постоеле тие идентитетски и културолошки елементи можеби политичките елити ќе најдат начин да го решат прашањето, но многу често политичарите ги одржуваат тие елементи, користејќи ги за да ја задржат власта, додаде грчкиот гостин на дебатата.
Нагласи дека работата на политичарите е да им објаснат на граѓаните како да ги надминат стереотипите и перцепциите, но додаде дека прашањето не може да се решава само на ниво на елити, мора да се вклучи целото општество.
Армаколас, кој рече дека не е голем оптимист оти во поставениот рок ќе се најде решение за името, напомена дека во целиот процес предвид треба да се имаат и различните нивоа на кои се наоѓаат двете влади. Македонската е на почетокот на мандатот, додека грчката е во заминување.
Го потенцира и прашањето за довербата. – Не станува збор само за решавање на проблемот и наоѓање на вистинската формула, туку и да се даде гаранција дека тој недостиг на доверба нема да го уништи евентуалното решение, додаде Армаколас.
Нагласи дека во Грција по обновување на преговорите на виделина излегол и емотивниот отпор и додаде дека грчката јавност треба да биде разубедена во тоа дека „вашата земја сака да преземе дел од нашата историја од античкиот период“. Според него, јавното мислење секогаш ќе прави проблем кога ќе се отвори ова прашање и додаде дека за Грција е мошне важен консензусот со опозицијата со цел да се сведе на минимум користењето на јавното мислење во нивните политички агенди.
Смета дека временската рамка до ова лето е прекуса за да се најде решение, а не верува дека земјава ќе добие покана за влез во НАТО и датум за почеток на преговорите од Советот на ЕУ без решение за името.
Љупчо Петковски од Евротинк напомена дека проблемот со името е повеќеслоен и додаде дека сите тие слоеви изминатите години наместо да се тргаат еден по еден, од претходните структурти на власта само се зголемувале и се додавале нови.
– Различни се амбиентите во двете земји, Македонија е во фаза на постшарена револуција, додека Грција е пострауматска фаза по излегувањето од кризата, рече тој и додаде дека е оптимист во однос на можноста спорот, конечно да се реши. Посочи дека прв пат по долго време, имаме две влади, кои се рационални, кои имаат волја за решение, кои знаат дека тоа е позитивно за двете општества. Сепак, емоционално набиените прашања не може да се решаваат само со рационални средства на ниво на политички елити. Затоа е важно општествата да си приоѓаат едни на други, да се запознаваат повеќе, да ги урнеме стереотипите, рече Петковски.
Како пример за подгревање на страстите го спомена проектот Скопје 2014 и нагласи дека треба да се земе предвид како сето тоа влијание на јавноста во Грција. Тој дури даде предлог македонските интелектуалци да испратат писмо до грчката јавност во кое ќе нагласат дека не сите во Македонија го поддржуваат Скопје 2014 и оти сакаат надминување на несогласувањата во однос на табуата.
– Во писмото да напоменеме дека не сме налудничави националисти, кои сакаат да крадат нечија историја, додаде Петковски.
Ана Чупевска, доцент по политички студии на Правниот факултет нагласи дека станува збор за политички индуциран спор од минатите политики на двете страни, но додаде дека сега за среќа тој концепт е малку сменет.
Спорот, според неа, треба да се решава на три нивоа, политички лидери, институции и граѓански општества. Нагласи дека контактите меѓу цивилните општества треба да се зголемуваат преку поголема соработка на образовните инстутиции, но и преку културната сцена.
Ева Елерат од Фондацијата Фридрих Еберт се надоврза дека решението на спорот треба повеќе да се гледа на ниво на граѓанско општество со цел да се направи еден вид демистификација на другиот.