Собранието на Република Македонија денеска на првото продолжение на 45. седница го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев образложувајќи го законот рече дека тој ќе биде на задоволство на целокупната економија во Македонија.
Овој закон, како што рече, е плод на многу дискусии во државата, на повеќе анализи направени во државата, пред се од Светска банка, од стопанските комори, од Виенскиот економски институт и сите тие се земени предвид и се обидовме да направиме сет на мерки кои ќе бидат максимално транспарентни и поддржувачки за сите. Додаде дека овие мерки се поддржувачки подеднакво за домашни и за странски инвестоитори, кои со овој закон се изедначени.
– Аплицирањето за овие мерки е транспарентно и во соогласност со одредени критериуми….Се работи за компании кои задоволуваат два основни критериуми – да иматат пораст на приходите во тековната година во споредба со претходните три години и второ, тие компании да не намалуваат број на вработени, освен во текстилната и кожарската индистрија каде овие критериуми ги олабавивме за да може тие индустрии да бидат опфатени, рече Анѓушев.
Тој информира дека единствени корисници на овој закон ќе бидат компании кои се производно ориентирани. Се дефинира дополнително дека таму каде што се добавувачи се мисли на производители и никој не мисли на трговци. Во законот ќе има доволно средства за сите компании кои ги задоволуваат критериумите, а тоа е направено врз база на математички модел и врз симулација која е прецизно направена од надворешни личности. Законот, како што рече, е максимално компатибилен со Законот за државна помош.
Анѓушев потенцира дека никој во Владата не е против странските инвеститори, но оти не се согласуваат со начинот на кој претходно се трошени парите за поддржување странски инвеститори.
Пратеникот Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека недостигот на јасен и усогласен концепт во водењето на економските политики стана обележје на работењето на Владата. Според него, овој закон досега не бил донесен поради неусогласениот концепт кај Владата, кога е во прашање финансиската поддршка на инвестициите.
– Со овој предлог-закон имаме целосна промена на концептот за привлекување инвеститори, за субвенционирање инвестициите. И ние нема да го кочиме донесувањето на овој закон, но укажавме или сугериравме на потребата од измени во некои членови кога се во прашање субвенционирање инвестиции, односно инвестиции за конкурентност, рече Цуклев. Додаде дека будно ќе ја следат имплементацијата на овој закон.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев на почетокот на седницата рече дека повторно има „штанцање на закони“ и апелираше да се обезбеди парламентарно мнозинство од 61 пратеник и да се работи. Парламентарното мнозинство, како што рече, се однесува неодговорно кон Собранието и кон граѓаните кои им ја дале довербата.
Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери рече дека во салата има доволен број пратеници за да може да се работи. Тој укажа дека обврска на мнозинството и на опозицијата е да бидат на своите работни места.
– Ако се решите да излезете, тоа е веќе политика и не коментирам, рече Џафери.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев процедурално изрази надеж дека ќе се најдат сили сите заедно да придонесат за Собранитео да работи непречено.
Пратениците на денешната седница ги донесоа измените и доплонувањата на повеќе закони, меѓу кои за санитарна и здравствена инспекција, за лековите и медицинските средства, за комплементарна и алтернативна медицина, за акредитација…