ПРЕКУ МОНПЕЛЈЕ ДО ОДБРАНА НА ТИТУЛАТА

Денеска во Келн беа извлечени полуфиналните двојки од Ф4 турнирот во машката ракометна лига на шампиони. Бранителот на титулата, Вардар за противник го доби Монпелје, кој се чини е најдоброто нешто што во ситуација на три француски екипи можеше да го добие. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Нант, на нашиот Кире Лазаров и минатогодишниот финалист, ПСЖ.

-Лани бевме аутсајдери, оваа сезона е поинаку. Ја браниме титулата и мораме да одиграме шампионски. Нема слаб противник, секоја од четирите екипи може да го освои трофејот. Мислам дека имаме доволно сили и искуство за одбрана на титулата – изјави Стојанче Стоилов.

Словенечкиот репрезентативец од редовите на Монпелје, Вид Кавтичник, сосема реално по дознавањето на противникот, изјави:

-Кога на некоја ждрепка ќе го добиете бранителот на титулата, тогаш знаете дека сте го добиле најтешкиот противник. Мислам дека Вардар и оваа година е најсилна екипа, но сепак секоја од четирите екипи има своја шанса за титулата.