Беркли: Белата куќа внимателно ги следи случувањата во Македонија

Реформските процеси во Македонија, за придонесот на земјата кон глобалната безбедност, и стратешката определба на граѓаните, политичките партии и македонската Влада за полноправно членство во Северноатлантската алијанса, биле теми на средбите на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска со Вилијам Беркли, директор за европски прашања во Националниот совет за безбедност при Белата куќа и со Тина Кајданоу, помошник секретар за политички и воени работи во Стејт Департментот.

– Членството на Македонија во НАТО ќе значи успех не само за нашата држава, туку и за САД и НАТО, и ќе има големо влијание врз стабилноста и безбедноста во регионот, потенцирала министерката Шекеринска на средбите.

Вилијам Беркли истакнал дека во Белата куќа внимателно се следи развојот на настаните во Македонија.

Тој потенцирал дека Македонија има сојузници во Белата куќа, а способноста на Владата да испорача реформи и да ги решава проблемите со преговори ја нарече голем аргумент за успехот на земјата и потврди дека успехот на Македонија да добие покана за членство во НАТO ќе биде пример кој ќе влијае на развојот на настаните и во другите земји од регионот.

Кајданоу од Стејт Департментот потенцирала дека промената во Македонија само една година по политичката криза е видлива.

– Македонија е важен партнер за САД и така ќе остане, и ја имате нашата поддршка во решавањето на предизвиците на патот кон НАТО, бидејќи членството на Македонија во НАТО е важно за стабилноста на целиот регион, рече Кајданоу.

Министерката Шекеринска за време на својата официјална посета на САД имаше средби и со потпретседателката на Националниот демократски институт Шари Браун и регионалниот директор за централна и источна Европа, Роберт Бенјамин.

Со полагање на венец на Гробот на непознатиот војник на националните воени гробишта Арлингтон, министерката Шекеринска ја заврши официјалната посета на САД.

Во текот на официјалната посета на Шекеринска на САД било потврдено стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД.

Шекеринска во САД се сретна со американскиот колега Матис кој ја реафирмираше американската поддршка за членството на Македонија во НАТО, а имаше и средби со високи официјални претставници на Белата куќа, Стејт Департментот, Конгресот и Сенатот.