„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – март 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – март, продажбите достигнуваат 1.845.629.963 денари, што е за четири отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 365.029.832 денари, бележи зголемување од околу седум отсто, единечната нето добивка изнесува 215.295.378 денари и истата е зголемена за шест отсто, соопштија од компанијата.
Во периодот јануари – март, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 2.458.001.587 денари, што е за пет отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се на исто ниво, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за девет отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 36 отсто се остварени на домашен пазар, додека 64 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени осум отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто и на останатите пазари се остварени два отсто од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во САД со продажби од 49.862.281 денари што претставува зголемување за 2,7 пати и Унгарија со продажби од 29.834.403 денари што претставува зголемување за 10 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Полска раст од 353 отсто, Украина раст од 123 отсто, Косово раст од 38 отсто, Чешка раст од 31 отсто, Србија раст од 28 отсто итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 85 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 19 отсто, кардиолошките препарати со 16 отсто, антибиотиците со 17 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 15 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со три отсто, козметика со осум отсто и билкарство учествува со четири отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 414.007.823 денари бележи раст од шест отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 246.800.792 денари е зголемена за седум отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2018 година изнесуваат 357.342.100 денари што е речиси трикратно зголемување во однос на истиот период од 2017 година.