Протест на „Еурокомпозит“ во Скопје и во Прилеп

Им даваме безрезервна поддршка на колегите кои штрајкуваат пред Владата во Скопје, а од нашите барања не отстапуваме, порачаа денеска вработените во „Еурокомпозит“. Тие два часа (од 10 до 12 часот) протестираа низ улиците на Прилеп и пред зградата на локалната самоуправа.

Според Пеце Велјаноски, штрајкот продолжува и, вели, нема да отстапат се додека не им се исплнат барањата.

– Барањата, главно и се познати на јавноста, но сега за нив ни се потребни гаранции дека ќе се исполнат. Имено, Владата да ни даде гаранција, односно со одлука на владина седница се обврза дека ќе се исплатат сите заостанати плати и придонеси и сите побарувања по основ на судски одлуки во наредните неколку месеци, дека ќе определи пакет-мерки со кои ќе се обезбеди социјална згриженост на вработените, односно таканаречениот пакет за технолошки вишок. До исполнувањето на овие обврски во наредните месеци, владата да обезбеди бруто плата за вработените. Ова да се гарантира преку републичкиот буџет. Доколку не дојде до тоа, вработените преку тужби да може да си ги наплатат побарувањата, изјави Велјаноски.

Велјаноски рече дека група вработени ќе ги менуваат колегите кои со неколку шатори се наоѓаат пред Владата во Скопје. Инаку, во понеделникот попладне во фабриката се одржала средба на вице-премиерот Кочо Анѓушев со в.д директорот Јагуриноски и претседателот на синдикатот Роберт Богданоски.

Богданоски, кој е на протест пред Владата во Скопје, потврдува дека средбата се одржала кратко и набрзина, па потоа за неа ги информирале вработените.

– Вицепремиерот Анѓушев на средбата рече дека до крајот на овој месец ќе биде назначен нов директор на „Еурокомпозит“, а во меѓувреме ќе се изнајдат средства за плата. Таа, посочи вицепремиерот, треба авансно да се побара од нашите партнери за кои работиме производи, бидејќи владата тешко дека може да изнајде средства, рече Богданоски.