„Јулие Цезар“ нова премиера во Битолскиот театар

Шекспировиот „Јулие Цезар“ е новата премиерна претстава на НУ Народен театар-Битола, чиј ансамбл ќе ја изведе викендов на матичната сцена во Битола.

Режисер на претставата е Златко Паковиќ, истакнат режисер на Балканот, познат по обработката на социјално-ангажирани теми, најави Иван Јерчиќ, директор на Битолскиот Народен театар.

– Годинашниве претстави кои ќе се играат на сцената на битолскиот театар ќе бидат изведувани под едно исто мото, а тоа гласи „Ако Ви е добро – тогаш ништо“. Мотото е превземено и со дозвола на оние кои прв пат го употребиле, а ние ќе го користиме во три последователни претстави во продукција на нашиот театар. Тоа значи дека претстои возбудлив период за нашиот театар, кој ќе биде жив, полетен, безкомпромисен…, нагласи Јерчиќ.

На денешната прес-конференција во клубот на актерите, режисерот Паковиќ посочи дека имал целосна слобода во подготовката на претставата и токму затоа целосно се вложил себеси во театарскиот проект.

– Повеќе од 2.500 години театарот има задача да поставува неочекувани прашања и затоа е кралица на уметноста. Во оваа претстава Јулие Цезар е чесен и храбар, но во овој случај и да се постави како човек над законот. Јулие Цезар смета дека ако е над законот ќе го зачува законот и дека ако биде император тогаш секому ќе биде добро. Мајсторството на Шекспир отвора многу прашања кои и денес се актуелни, рече меѓудругото српскиот режисер Паковиќ.

Во претставата „Јулие Цезар“ главната улога ја толкува актерката Соња Михајлова, а заедно со неа ќе настапат и Иван Јерчиќ, Петар Горко, Елена Моше, Борче Ѓаковски, Мартин Мирчевски, Маја Андоновска Илиевски, Валентина Грамосли, Илина Чоревска, Никола Пројчевски, Александар Стефановски, Христина Христова Николова, Викторија Степановска Јанкуловска, Сандра Грибовска и други членови на ансамблот на НУ Народен театар-Битола.