По 17 години можеме да кажеме дека големиот успех со сите маани на Охридскиот договор е дека тој ни даде можност да се врати мирот за во одреден момент да почнеме да зборуваме за кохезија во државата, истакна денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска во дебатата по промоцијата на групата за поддршка „Охрид“.
Министерката Шекеринска, посочувајќи на Арачиново, каде се случуваа дел од дејствијата за време на конфликтот, рече дека таму во двата последни изборни циклуси граѓаните гласале надвор од етничките граници, односно за партија која најдобро ќе ги реши нивните проблеми.
– Со тоа беше обезбедена победа во првиот круг на изборите. Етничка Албанка, која ја застапуваше СДСМ, рече Шекеринска, додавајќи дека на Македонија треба да биде горда на оваа промена.
Имаме видено, посочи Шекеринска, патриотизам и на поинакви начини и веруваме дека повторно се наоѓаме во истата позиција. Многумина, додаде, го критикуваа договорот со Бугарија, и во Македонија и во Бугарија, но сметаме дека ова беше европски начин на решавање на работите.
– Нашиот патриотизам кога говориме за идните генерации не може никогаш да биде доведен во прашање. Сметаме дека како Влада го исполнуваме она што и потребно на оваа земја. Сметам дека ги донесуваме вистинските одлуки и дека после десет години ќе кажеме: да времето потврди дека сме биле во право, рече министерката за одбрана.
Лордот Џорџ Робертсон, поранешен генерален секретар на НАТО рече дека тие како мала група пензионирани политичари можеби можат да и помогнат на земјата да го добие заслуженото внимание и да и помогнат нејзиниот поглед да го насочи кон иднината.
– Многу време имаме вложено тука во 2001 година и не само времето и напорот, и емотивно се вложивме во решавање на проблемот и како последица на тоа чуствуваме дека имаме и обврска нашиот придонес да го направиме поголем и повеќе да инвестираме, рече Робертсон.
Групата „Охрид“ нема да се сретнува на редовна основа, но ќе ја искористат секоја можност за средба. Лордот Робертсон кажа дека со премиерот Заев ќе се сретне повторно на самитот за Западен Балкан, што, како што оцени, ќе биде одлична можност членовите на групата да разговараат со сите премиери на едно место.
– Во ова време на социјални медиуми, со брза размена на информации, сега веќе и да не се патува толку многу. Ние сме достапни на една асиметрична основа и разгледуваме, преку советот на САД, некој начин за формализирање на нашата работа. Убаво е да имаме канцеларија тука во Скопје, да имаме веб-страница за да можеме да ги информираме луѓето што се случува, изјави Робертсон.
Доскорешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев потенцираше дека мирот и просперитетот е единствено можен само со заедничко членство во ЕУ и НАТО на сите земји од овој регион.
– Мора да делуваме за да и помогнеме на оваа земја во нејзиниот пат за мирен и просперитетен развој. Ова ќе биде можно само кога ќе се соочите со проблемите што ги имате, кога ќе ги поставите решенијата на маса, кои не се од денеска за утре, туку се решенија што ќе траат, рече Плевнелиев.
Според него, Македонија тргнала на вистинскиот пат, а успех е можен само со соработка. Посочи на Бугарија, која како што кажа за да стане членка на ЕУ и на Алијансата жртвувала многу, а како пример посочи на нуклераните централи.
– Странските инвестиции пред да влеземе во НАТО беа две милијарди евра, сега се 50 милијарди евра. Средствата за модернизација пред влегувањето во ЕУ беа околу 500 милиони, потоа како членка 15 милијарди евра, пари кои беа пренасочени за селата, за културата…, рече Плевнелиев.
Ален Лероа, специјален претставник на ЕУ во Македонија во 2001 година и пензиониран француски дипломат, истакна дека членовите на оваа група можат да и помогнат на Македонија со својата експертиза.
– Го покануваме владејачкото мнозинство и опозицијата да ни помогнат заеднички да и помогнеме на оваа земја, рече Лероа.
Зборувајќи за периодот кога беше во Македонија посочи на секојдневната соработка со поранешниот претседател Борис Трајковски, кој бил длабоко посветен на својата работа и и покрај тоа што бил критикуван и ги донел вистинските одлуки за својата земја.
– Тоа беше патриотско од еден навистина голем човек, рече пензионираниот француски дипломат.
Во Западниот Балкан нема војна, но тоа не е доволно, посочи американскиот диопломат Роберт Делбарт, кој смета дека во овие земји мора да има демократски институции и владеење на правото.
Препорака на Делбарт, кој работи како бизнис консултант, е дека иднината на оваа земја е можност за развивање на економијата и бизнисот.
Она што го охрабрило да работи со премиерот Заев рече дека била неговата изјава дека сака да ги задржи младите луѓе во земјата обезбедувајќи можности за нив. Рече дека сака да и помогне на Македонија, но и на Грција затоа што, како што рече, се обидуваме заеднички да се придвижиме и да работиме во еден ваков важен момент.
Групата „Охрид“ за поддршка на Република Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ ја промовираше денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со поранешниот генерален секретар на Алијансата, лорд Џорџ Робертсон, кој ја предводи групата високи дипломати во посета на земјава.