Заменик министерот за животна средна и просторно планирање Јани Макрадули престојува во Виена во работна посета на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), каде оствари средби со замениците директори за нуклеарна енергија Михаил Чудаков, за нуклеарна безбедност Хуан Карлос, за техничка соработка Лентихо Дазу Јанг и за нуклеарни науки и примена Алдо Фиљо Малаваси.
На средбите, како што информираат од МЖСПП, биле акцентирани заеднички активности за заштита на животната средина во делот на менаџирањето на отпадот и спречување на аерозагадувањето и биле разгледани можности за заеднички проекти за поддршка на лабораторијата на Министерството во делот на мониторирањето со помош на нуклеарни изотопи, како и детекција на тешки метали во структурата на PM 2.5 честички.
За време на престојот во Виена, заменик министертот Макрадули оствариl средба и со Филип Шолц, управен директор на Директоратот за развој на програми и техничка соработка на Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации – УНИДО.
На средбата, покрај разговорите за тековните заеднички активности, било разговорано и за изнаоѓање на начини за поддршка за забрзано решавање на проблемот со контаминација на Линдан на локацијата на ОХИС. Покрај тоа, беа отворени теми за вклучување на градови од Република Македонија во други програми каде УНИДО е партнер, како што се: “Одржливи градови” и “Глобална платформа”.