Заврши изградбата на спомен облежјето за Никола Карев во месноста Свиланово

Заврши изградбата на спомен обележјето на македонскиот револуционер, Никола Карев во месноста Свиланово, каде што загинал, а  се наоѓа на територија на Општина Кочани. Емил Василев од Центарот за развој на Источно планскиот регион (ИПР) вели дека на 27 април ќе биде пуштено во употреба спомен обележјето, а кое се реализираше со средства од Бирото за рамномерен регионален развој при Министерството за локална самоуправа и дел од буџетите на општините Кочани и Чешиново-Облешево.

– Воедно ќе има и одбележување на Денот на загинувањето на првиот претседател на Крушевската Република. Настанот ќе започне во раните утрински часови со полагање цвеќе на спомениците на Никола Карев, едниот е во Кочани, вториот се наоѓа на патот меѓу Кочани и Штип, кај селото Тркање и последна дестинација е последниот, новоизградениот објект на локацијата Свиланово, вели Василев.

Тој додава дека на настанот ќе присуствуваат 11-те градоначалници од Источно планскиот регион, претставници на Министерстото за локална самоуправа, но и членови на семејството на Никола Карев, како и градоначалникот на Општина Крушево.

Новото спомен облежје на македонскиот револционер Никола Карев во месноста Свиланово чини 5.647.000 денари.

– Најголемиот дел од средствата се од националниот буџет од Програмата за рамномерен регионален развој. Сопствено кофинансирање имаат и општините Кочани и Чешиново-Облешево, рече Василев.

Во моментов се чека и одлуката за доставените четири проекти од 11 општините од и Центарот за развој на ИПР, кои имаат регионален карактер, а треба да се финансираат преку Програмата за рамномерен регионален развој за тековната година.