Средба на министерката Дескоска со претставници на студентските и ученичките домови

Состојбите во студентските и ученичките домови, односно подобрување на исхраната и условите во студентските домовите, планот за намалување и санирање на долговите со кои се соочуваат и кои во овој момент изнесуваат околу пет милиони евра. Ова биле дел од темите за кои разговарале министерката за образование и наука Рената Дескоска со Дарио Николовски, директорот на Државниот студентски дом „Скопје, како и со претставниците на студентските и ученичките домови во Македонија.

Фокусот, како што соопштија од МОН, бил ставен на финансирањето на студентските и ученичките домови и можните решенија за надминување на проблемите.

Министерката Дескоска ги задолжила присутните да изготват детална анализа со точно лоцирање на проблемите со кои се соочуваат студентските и ученичките домови, која ќе содржи и предлози за подобрување и подигнување на квалитетот на живот на студентите и на учениците.

На средбата министерката ги предочила претстојните измени и дополнувања на Законот за студентскиот стандард и Законот за ученичкиот стандард, со кои се очекува да се подобри квалитетот на живот, а во кој е уредено сместувањето на студентите и учениците, исхраната, школарината и стипендиите, како и задоволување на работните, културните, информативните и спортско-рекреативните потреби на студентите и учениците.