Банките имаат доволно средства и ќе поддржат кредитирање и на населението и на фирмите, а каматните стапки сметаат дека се добри и засега нема да се намалат.
Ова го истакна Коста Митровски, главен извршен директор и претседател на Управнито одбор на УНИ банка ад Скопје, кој од денеска е претседател на новоформираната Македонска банкарска асоцијација.
– Банките се подготвени да го поддржат кредитирањето и на фирмите и на населението. Се радуваме доколку се доставуваат што повеќе барања и од страна на команиите и од страна на граѓаните. Средствата имаме доволно и очекуваме сите оние на кои им се потребни тие средства да ги пласираме, изјави Митровски.
Тој оцени дека каматните стапки во моментов се доста добри и кај физичките лица и кај компаниите и оти има кредити кои се одобруваат на компаниите и за три проценти.
– Каматните стапки во овој момент се атрактивни кои на фирмите им овозможуваат да прават профит. Засега не се планира намалување на каматните стапки, меѓутоа тоа е секако политика на секоја од банките посебно, изјави Митровски денеска пред одржувањето на Основачкото собрание на Здружението за остварување на заеднички интереси на банките и унапредување на нивното работење – Македонска банкарска асоцијација.
Основачи на Асоцијацијата се 15 банки и две штедилници кои работат согласно одредбите на Закконот за банките и поединечните акти донесени од гувернерот на Народната банка на Република Македонија.
Со почнување на функционирањето на Асоцијацијата згаснува работата на досеганото Здружение на банкарство при Стопанската комора на Македонија.
– Здружението на банкарство егзистираше во рамки на Стопанката комора, а новата асоцијација е со повисок облик на организирање и во својство на правно лице. Од денеска натаму сите наши активности и соработки со сите здруженија, стопански комори, асоцијации ќе контактираат преку новата Асоцијација, рече Митровски.
Тој додаде дека Асоцијацијата е подготвена со своите стручни кадри да излеземе во пресрет на сите институции на владата, како и министерствата кои ќе имаат потреба од нивни стручни мислења во наредниот период за изготвување нови законски решенија кои се во делокруг од нивното работење.