ТОДЕ КАБРОВСКИ – ПРОСВЕТИТЕЛ И БРАНИТЕЛ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО АВСТРАЛИЈА

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО АВСТРАЛИЈА

Тоде Кабровски e роден на 8.1.1945 gодина во селото Горно Орахово, односно Ореово, како што битолчани го викаат ова планинско село. Името на селото потекнува од тоа што тој предел е многу богат со ореви и затоа го завикале Ореово. Инаку, населбата се наоѓа на пет-шест километри  на југозападниот дел од Битола, по патот кој води преку Буково до таканаречената Ореова Долина.

Со Тоде Кабровски се сретнавме во Сиднеј со кого разговаравме за животот и постигнувањата и проблемите на Македонците во Австралија. Но, за него беше поважно да се зборува за Македонија, за неговото родно место, за приликите и неприликите во новите општествени услови, за политичкото милје и за сè она што е интересно околу и за Република Македонија.

Инаку, Тоде Кабровски уште со доаѓањето во Сиднеј се вработил во австралискиот  „Телеком“,од 1969 – 2005 година,  каде поминал  цели 37 години, од кои, 6 месеци како работник, 5 години како техничар, 12 години во администрација и 20 години како надзорник, од каде и се пензионира. Исто така, тој бил три децении во просветно-образовната дејност во Нов Јужен Велс.

Тоде Кабровски е добитник на голем број награди и признанија, меѓу кои, Златна плакета од Матицата на иселеници од Македонија во 1985 година, Благодарница од Министерството за образование на Република Македонија во 2006 година, Златно сонце од Македонскиот именик во 1997 година, Признание од Македонскиот просветно училиштен одбор за Нов Јужен Велс, Благодарница   и статуетка на заслужните   „Мајка Тереза“, Признание почесен претседател од Македонскиот просветен-уцилиштен одбор за НЈВ, Медал „Свети Климент Охридски“ од Министерството за иселеништво на Република Македонија и други благодарници од бројни австралиски и македонски асоцијации.

Притоа, најмногу разговаравме за Македонскиот просветно-училиштен одбор за Нов Јужен Велс, за што бевме запознаени дека, Одборот имал за цел да ги координира сите македонски училишта таму каде што живееле Македонци; да изработува наставни планови и програми од I до XII одделение и да одржува семинари по македонски јазик.

Според Тоде Кабровски, кој долго беше матицата, душата на Македонскиот просветно-училиштен одбор, првата настава по македонски јазик се извела во мај 1976 година во населбата Њутаун и дека Македонскиот просветно-училиштен одбор за Нов Јужен Велс со успех започнал да работи од 1978 година.

Бевме информирани дека Одборот бил единствена македонска институција од таков вид надвор од Македонија која опфаќала повеќе од 30 наставници во етничките училишта со околу 1.400 ученици, како и триесетина наставници, еден координатор и повеќе од 600 ученици во саботните средни училишта во Сиднеј, Њукасл, Вулунгонг и Квинбијан.

Иницијативата за формирање на Македонскиот просветно-училиштен одбор ја дале наставниците кои ја изведувале наставата по македонски јазик во етничкото училиште во сиднејската населба Њутаун, која почнала со работа во мај 1976 година. Истата година во јуни во населбата Јагуна, а подоцна и во други училишта во населбите Кенливејл, Анклиф и во Сент Џорџ, се формирале нови училишта. Идејата за формирање на Одбор била поддржана од црковната управа на МПЦО „Света Петка“ од Рокдеил и од другите македонски асоцијации во Сиднеј. Затоа Македонците во Рокдеил, предградие на Сиднеј се чувствувале како да се на Широк Сокак во Битола.

Исто така, ни беше речено дека Македонскиот просветно-училиштен одбор успеал да го зголеми бројот на македонските етнички училишта за дополнителна настава по македонски јазик, потоа да го воведе македонскиот јазик во саботните училишта и да воспостави добри врски со австралиското и македонското општество. Така, секоја сабота македонскиот јазик, литература, култура, историја и географија се учеле во 12 етнички училишта во Нов Јужен Велс.

Овие училишта ги посетувале околу 800 ученици, а наставата ја изведувале 24 наставници. Од I до IV одделение учеле во 6 редовни училишта на Министерството за образование на Нов Јужен Велс. Македонскиот јазик како втор јазик го учеле околу 700 ученици, а наставата ја изведувале шест наставници. Исто така, во 7 гимназии од VI до XII одделение, 28 наставници им предавале македонски јазик на околу 600 ученици, за што полагале и матурски испити и им стоела оценка за предметот македонски јазик.

 Според Тоде Кабровски, улогата на Македонскиот просветно-училиштен одбор била непроценлива и од големо значење за афирмација на македонскиот јазик и културата во Австралија, каде македонскиот јазик рамноправно се употребува во ова мултикултурно општество како што се практикуваат и другите етнички јазици.

Се чини дека наставниците што биле испратени од Министерството за образование и наука на Република Македонија биле од големо значење за работата на Одборот. Така, во 1983 година бил изработен Наставен план и програма од прво до шесто одделение и од седмо до дванаесетто одделение.

За одбележување е тоа што наставниците и членовите на Одборот во соработка со наставниците и професорите од Македонија издале околу петнаесетина учебници и други наставни помагала на македонски јазик, кои претставуваат убав прилог кон македонската книжнина и придонес во наставните процеси во училиштата во Австралија и пошироко каде се учи македонскиот јазик. Овие изданија целосно биле финансирани од австралиската влада.

И денес овој Македонски просветно-училиштен одбор има многу значајна улога во воспитно-образовните процеси кај македонските и другите ученици кои го учат македонскиот јазик во демократска и мултикултурна Австралија. Одборот е добитник на наградата „Свети Климент Охридски“, на  Република Македонија.

Според Тоде Кабровски, Катедрата за македонски јазик на Универзитетот „Маквори“ во Сиднеј, е една од најзначајните образовни институции за Македонците и бројните лингвисти во Сиднеј. Таа е основана во 1984 година и во неа голем број лингвисти ги завршиле своите студии по македонски јазик и литература на престижниот универзитет „Маквори“. Тоа е потврда за признавањето на македонскиот јазик и литература, нација и за Македонија.

Исто така, Тоде Кабровски не информира дека тој бил активен во Македонското културно-уметничко друштво „Илин­­ден“ од Рокдеил, кое е ороводец меѓу бројните културно-уметнички друштва во државата Нов Јужен Велс..

Освен непосредниот ангажман во изведувањето на наставата по македонски јазик, Кабровски остави белег и како автор и коавтор на учебници и неколку книги, како што се – „Светилник 1,2 и 3 и Културата на македонскиот народ“ во соработка со проф. д-р Георги Сталев, „Тајната на зборот“ и други. Речиси и да немаше позначајни активности во Македонската заедница, како – денови на културата, поетски читања, фолклорни фестивали, хуманитарни акции, црковни празнувања или изложби и предавања, а да не даде свој придонес и личен ангажман активистот Тоде Кабровски.

Денес Тоде Кабровски е почесен претседател на Македонскиот просветно – училиштен одбор за Нов Јужен Велс и активен член на Македонската православна црква „Света Петка“ во Рогдеил, а има и други ангажмани во дел од широката палета  активности на македонската заедница во Нов Јужен Велс.

6a-slavek copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН