Могерини ќе се обрати пред пратениците во Собранието

 Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија и заменик-претседател на Европската комисија Федерика Могерини денеска ќе се обрати пред пратениците во македонското Собрание.

Повод е Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија и дадената чиста препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Могерини вчера се сретна со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Зоран Заев со кого имаше и заедничка прес-конференција на која истакна дека безусловната препорака за Македонија е заслужена и е признание од членките на ЕУ за сработеното.

– Се вративте назад на добрата патека. Можете да славите половина ден и потоа да се вратите на работа. Овој резултат е заеднички на Владата и опозицијата и тие заедно треба да ги продолжат и следните чекори и да ја преземат одговорноста за тоа. Добрите вести што ги носам значат и многу работа што треба да биде направена, а следното ниво е имплементација на реформите и на обврските што ги презедовте, како и враќањето на довербата на луѓето во институциите, рече Могерини на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Заев и го поздрави подобрувањето на соработката со соседите.

Порача да продолжат преговорите со Грција за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение за што изрази надеж дека ќе се случи наскоро.

И Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан, кој вчера го донесе извештајот на ЕК во Скопје, се оптимисти дека е можно решение за проблемот со името до Самитот на ЕУ на кој земјите членки ќе одлучуваат за давање датум за почеток на преговорите.

Хан, по предавањето на извештајот, посочи дека Македонија е пример за демократска промена во регионот и оти е импресиониран од направеното во однос на итните реформски приоритети.

– Овде сум за да ги најавам долгоочекуваните добри вести, да го прославиме успехот по долгите напори за надминување на кризата. Земјата помина долг пат и покрај многуте искушенија и сега е цврсто назад на европскиот пат. Има позитивна промена, обновено чувство на отвореност, енергија и надеж. Се чувствуваат добрите вибрации во земјата и тоа треба се надградува, истакна еврокомесарот Хан.

И честита и на опозицијата за тоа што, како што рече, и таа придонела во насока на остварувањето на оваа стратешка цел на земјата и и порача дека од неа очекува целосна и конструктивна дебата за реформите. Нагласи дека реформите не треба да застанат тука, туку да продолжат, особено во судството.

Премиерот Заев, пак, рече дека добиената чиста препорака е силен мотив за достигнување на тешката, но достижна цел – почнување на преговорите за членство во ЕУ и нагласи дека очекува датум за почеток на преговорите во јуни годинава.

– За десет месеци направивме голем чекор во евроинтеграцискиот процес, а ЕУ тоа го забележа и вреднува. Чистата препорака за сите нас е силен мотив за следната тешка, но достижна цел. Одлуката за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Самитот во јуни е нашата следна цел. Владата уште поенергично ќе ги води реформите и политичките процеси во следните два месеца, со цел во јуни земјата да добие датум за почеток на преговорите, рече Заев.

Истакна дека по спроведените реформи и Договорот за добрососедство со Бугарија, на добар пат сме да го решиме и отвореното прашање со Грција.

Побара од ЕУ да остане фокусирана на Македонија и најави дека Владата продолжува со потребните реформи. Нагласи дека интеграцијата во ЕУ и НАТО е врвен и стратешки интерес на Македонија и додаде дека интеграциите значат економски развој, нови работни места, повисоки плати, мотивирани млади луѓе и работна сила што ќе останат во земјава.