Регионална конференција за безбедносна координација: Соработката е единствен пат кон безбедност и стабилност

Безбедноста на Европа не може да биде целосна без безбедноста на Западен Балкан. Нашата безбедност не може да биде одржлива без целосна интеграција во структурите на НАТО и ЕУ, кажа денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на отворањето на 10. јубилејна годишна конференција за координација на безбедноста на Западен Балкан под мотото „Западен Балкан – ЕУ: Заедничка безбедност, заедничка иднина“. 

Во организација на Советот за регионална соработка (СРС), со поддршка од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија и Министерството за внатрешни работи на Италија и во партнерство со Владата на Република Северна Македонија денеска во Скопје беше отворена оваа 10-та јубилејна годишна конференција за координација на безбедноста на Западен Балкан. 

Според Гаши, партнерството со ЕУ треба да се продлабочи во областите што дирекнтно го засегаат секојдневниот живот на граѓаните, а тоа се владеењето на правото, економијата, образованието, здравството, социјалните политики и заедничките безбедносни политики. 

– Западен Балкан има само една алтернатива, а тоа е ЕУ. Затоа имајќи ја предвид оваа геополитичка ориентација мора да бидеме активни учесници во европските политики, а не само гледачи на случувањата. Од нас се очекува политичка храброст и непоколебливост во оваа заедничка визија, порала Гаши.

Вицепремиерот задолжен за политики на добро управување Арбен Фетаи во својот говор нагласи дека безбедноста не се раѓа од стравот, таа расте од довербата. Кога институциите се транспарентни и одговорни, како што рече, се намалува просторот за злоупотреба, корупција и арбитрерност. Според него, довербата е определувачкиот збор на нашето време. Таа е новата валута на модерното управување, повредна од било која друга, бидејќи без неа нема економски напредок, политичка стабилност или институционални реформи.

– Ние како Влада ја организираме годишната конференција посветена на мирот и безбедноста. Оваа година е јубилејна, а темите што ќе ги дискутираме овие два дена се за безбедноста, а учесници ќе бидат организации кои се занимаваат со безбедноста и земји од регионот и пошироко. Темите за кои ќе се диксутира се од областите организиран криминал и корупција, безбедноста на границите, рече Фетаи. Потенцира дека Македонија е одлучна за регионалната безбедност.

Генералниот секретар на СРС Амер Капетановиќ подвлече дека 10. Регионална конференција за безбедносна координација („Џамбо“) е многу повеќе од конференција. – Тоа е жива мрежа на доверба. Заедно изградивме најсигурна регионална платформа за дијалог за безбедност и отпорност. Денес нашите граѓани се соочуваат со нови закани – од организиран криминал и корупција до сајбер и хибридни ризици – но една вистина останува непроменета: никој не може сам да се соочи со нив. Соработката не е само стратешка опција, тоа е нашиот единствен пат кон безбедност и стабилност. Бидејќи вистинската безбедност не се мери со оружје или ѕидови, туку со довербата што нашите граѓани ја имаат во своите институции, вели Капетановиќ. 

Aмбасадорoт на Италија во Северна Македонија Паоло Палминтери истакна дека посветеноста и поддршката на Италија на Regional Cooperation Council (RCC) е дел од нивната стратегија – полноправно членство во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Тој изрази надеж дека Македонија ќе биде во водечката група.

Според програмата, утре ќе се одржат паралелни работни групи за миграција, организиран криминал и сајбер закани, кои ќе излезат со конкретни препораки за следните чекори.

Оваа конференција е најголемиот регионален форум за безбедност и јасен сигнал дека Западен Балкан е активен фактор, а не само корисник на европската безбедност.