Македонија домаќин на глобалниот енергетски дијалог – 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој во Скопје од 28 до 30 октомври

Македонија ќе биде домаќин на на глобалниот енергетски дијалог. Од 28 до 30 октомври во Скопје ќе се одржува Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) чија тема годинава е „Од цели кон акција: енергија за иднината“.

Учесниците ќе дискутираат за енергетска поврзаност и регионална соработка, енергетска безбедност и стабилност, праведна енергетска транзиција и меѓународна соработка и инвестиции.

-Од Скопје почнува нова етапа на партнерства за енергетска иднина. Форумот ќе биде платформа за конкретни политики и стратегии за забрзување на глобалниот напредок кон одржлива енергија, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на брифинг со новинарите.

Организатори на Форумот се Министерството за енергетика, УНДП Македонија и пет регионални комисии на ОН: UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA, ESCWA. Се очекува присуство на преку 300 учесници – министри, експерти, академици и претставници од приватниот и граѓанскиот сектор.