ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО АВСТРАЛИЈА
М-р Душан Ристевски – Македон е роден на 22 февруари 1954 година во Битола, градот на конзулите. Од 1973 година живее и работи во Сиднеј, Австралија. Завршил Виша социјална школа, дипломирал на Факултетот по социологија и во 1996 година магистрирал на Факултетот по социологија и хуманистика во Сиднеј.
Една од најзначајните македонски асоцијации во Сиднеј и пошироко е, секако, Македонското литературно друштво „Григор Прличев“. Тоа е прво литературно друштво од таков вид во дијаспората. Друштвото беше формирано на 31 март 1978 година од група ентузијасти и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, литература и култура. Душан Ристевски – Македон беше првиот избран претседател на Друштвото и уредник на едно од најреспектираните македонски гласила, списанието „Повод“.
Потоа, Душан Ристевски навлезе во театарските води и во 2007 година го формира и стана прв човек на Австралиско-македонскиот театар во Сиднеј. Преку своите продукции, Театарот успешно дејствува во промовирање на македонската култура и нација во Австралија. Во 2015 година, од Мултикултурен Нов Јужен Велс, Театарот ја доби престижната национална награда за култура и уметност за драмата „Ограда“. Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во 2015 година на Театарот му додели „Повелба за промовирање на македонската култура и нација“.
Драматургот Душан Ристевски – Македон, исто така, е награден со посебна награда за иноваторство од Министерството за здравје на Нов Јужен Велс за драмата „Страв и срам“. Премиерот на Нов Јужен Велс за Денот на Австралија во јануари 2015 година го прогласи за лауреат Душан Ристевски за неговата неизмерна работа и придонес во мултикултурната заедница посебно во театарската уметност.
Исто така, за одбележување е тоа што Ристевски е автор на стихозбирките: „Полутици“ (1984) издадена двојазично на англиски и македонски јазик; „Полутици-Фрагментс“ (1989); „Страдалници на сонот“ (1992); „Копча“ (2001); „Цвеќе-жена“ (2003); „Украдени мисли“ (2009) и „Забранета љубов“ (2009). Потоа следуваат монодрамите: „Мајка“ – изведена во Сиднеј и во Прилеп на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ (1990), „Ченто“ (2015), „Неда“ – изведена во Сиднеј (1996 и 2016); „Каменот од Роби“ (2018); „Тага за југ“ (2019); и драмите „Страв и срам“ издадена на македонски (2006) и англиски јазик (2009), „Мистер Балкан“ (коавтор) (2009), „Стари и весели“ (2010) „Раскол“ (2012), „Остави ја свеќата да гори“ (2012), „Борење со мечка“ (2013), „Ограда“ (2014), „Доктор жими мајка“ (2015), „Куферот“ (2016), „Баба се мажи“ (2016); „Сонце мое“ (2017); „Последниот Македонец“ (2018); „Баба бегалка“ (2019), „Преполнета чаша“ (2021). Застапен е во антологии во Австралија, Македонија и Америка.
Во период од десетина година, Австралиско-македонскиот театар поставил на сцените во Австралија и во Македонија десетина значајни претстави, меѓу кои:
„Страв и срам“ од Душан Ристевски во режија на Зоран Лозевски, драма работена со цел да се намали срамот од менталните болести во македонската заедница во Австралија. Театарот е земен како најпогоден културен приод за информирање и просветување на заедницата за менталните болести и намалување на срамот (стигмата). Драмата „Страв и срам“ е преведена на српски, арапски и грчки јазик. Во 2014 година, истата се прикажа во Сиднеј на грчки јазик.
„Мистер. Балкан“ е коавторство на Стефо Нанцу и Душан Ристевски, а во режија на Стефо Нанцу. Таа е драма работена по повод Недела на бегалците, со цел да се запознае австралиската јавност со трагичната историја на Македонците, на децата бегалци (избркани) од своите домови за време на Граѓанската војна во Грција. За првпат македонската заедница имаше можност да ја прикаже вистинската трагедија од која многу Македонци во Австралија се ефектирани и сé уште страдаат, а многу малку од тоа беше запозната австралиската јавност. Се направија 11 продукции во Австралија и 8 во Македонија кога Театарот во 2011 година посети 8 градови во Македонија.
„Стари и весели“ од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу е музичка комедија создадена со цел да ги поттикне Македонците од постарата генерација преку пат на активности и социјализација да излезат од изолација и депресивни ситуации. Претставата промовира позитивно стареење на дојденците во Австралија. Од неа се направени 7 продукции во Нов Јужен Велс.
„Раскол“ од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу и Зоран Лозевски е драма која опфаќа еден трауматичен период на македонската заедница во Австралија кога македонските цркви беа распарчени. Расколот што започна по поделбата на Македонија и сé уште ја уништува генезата на македонската нација што, за жал, е пренесена во Австралија..
„Остави ја свеќата да гори“ од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу е драма за животот на едно македонско семејство кое е соочено со насилство кое, за жал, се пренесува од генерација на генерација и тоа тркало на неизвесност и малтретирање, многу тешко се прекинува поради културните влијанија и неизвесноста, поради незнаењето и живеењето во туѓина. Од неа се дадоа 4 претстави во Нов Јужен Велс и 2 во државата Викторија.
„Борење со мечка“ од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу, е драма работена за подобрување на комуникацијата во семејството, намалување на стигмата во барањето помош, посебно меѓу машката популација, за канцерозно заболување. Целиот театарски проект е работен со поддршка од Министерството за здравје и театарот е земен како културен приод во едуцирање и намалување на стравот од барање соодветна помош во лечењето..
„Ограда“ (The Fence) од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу e драма на англиски јазик создадена со цел за намалување на етничките тензии и за подобрување на хармонијата во заедницата во мултикултурна Австралија.
„Доктор жими мајка“ од Душан Ристевски во режија на Васко Србиновски е динамична комедија со сплетови на социјални теми тесно поврзани со животот на македонската заедница во Австралија и врската што Македонците ја имаат со родниот крај. Таа доживеа 6 продукции во Нов Јужен Велс.
Драмата „Куферот“ е од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу. Зборува за мајката која го посветува својот живот за доброто на своите деца.Траумата на мајката започнува во Леринско кога нејзината куќа до темел е изгорена, па продолжува со доселувањето во Австралија, губењето на нејзината ќерка и смртта на сопругот, за на крајот од својот живот да доживее целосна разочараност од односот на нејзините три синови. Таа имаше 5 продукции во Нов Јужен Велс.
Комедијата „Баба се мажи“ од Душан Ристевски во режија на Васко Србиновски е комедија за една Македонка во одминати години, но нејзиниот сон е да се мажи со многу помлад од неа, со цел да се спаси од финансиската криза.
Монодрамата „Ченто“ од Душан Ристевски во изведба на Васко Србиновски и во режија на Стефо Нанцу е посветена на ликот и делото на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на првата слободна македонска држава. Досега имаше 4 продукции во Нов Јужен Велс.
Поетската драматизација „Неда“ од Душан Ристевски во изведба на Валентина Апостоловска и во режија на Стефо Нанцу е посветена на Неда, мајката на Кузман, а е работена според поемата „Сердарот“ од Григор Прличев. Драматизацијата имаше една продукција во Сиднеј.
Се на се, станува збор за доста плоден автор, за поет и патриот кој живее и создава во Нов Јужен Велс.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН