Мицкоски од Кичево: Само обединети до подобра иднина за сите, еден човек може да направи промена, обединет народ да испише историја

Порака за обединување и заедништво за подобар живот, подобра иднина за сите, испрати вечерва од предизборниот митинг во Кичево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски. Обединети, рече, сме непобедливи. Еден човек, како што нагласи, може да направи промена, но обединет народ може да испише историја и затоа кичевчани треба да се обединат без разлика на вера, етничка или партиска припадност. 

– Од Александар чувте каква визија има за Кичево, кои се проектите кои ќе ги реализира од неговата програма. Но, јас ќе ви говорам за најважниот проект и за Александар и за Кичево. Тоа е заедништвото и обединувањето за развој на Кичево. Еден ланец е силен толку колку што е најслабата алка во него издржлива. Една гранка е кршлива, но сноп од дрвца и гранки е нскршлив. Мора да се обединиме околу заедништвото и да ги премостиме сите наши разлики и несогласувања и различни погледи. Овие избори се тој момент од чија одлука зависат генерации потоа. Ова е неповторлива можност да покажеме единство и разбирање што му треба и што е вистинското за Кичево, рече Мицкоски.

Според него, во мултиетнички места нема ништо поважно од заедништво.

-Ако има поделби, партиски, етнички или верски, тоа е предуслов за неуспех на заедницата, но и општината. Мора да се обединиме сите без разлика на било каква припадност и да застанеме сложно во одбрана на своето место и за иднината на своето место. Сите да излеземе масовно на 19 октомври да го заокружиме бројот 9 за Александар да биде идниот градски татко на Кичево и на сите кичевчани, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Кичевчани, додаде, без разлика дали се Македонци, Албанци или останати се иселуваат. И едните и другите и третите, сите имаат тежок живот, сите сакаат подобра иднина. Сите, нагласи, имаат исти маки и ним не им се потребни поделби.

-Има луѓе кои изградија кариери на етнички теми. Цели партии се одржуваат на бранот на вештачко непријателство и нетрпеливост која се гради помеѓу кичевчани. Знам кога вака ќе ги соочите со вистината тешко е да ве погледаат во очи. Сите ние и вие не треба да наседнуваме на стапицата на дневните партиски препукувања, на романтичарските идеи кои не носат храна на трпезата и подобар живот. Тие кои постојано го прават тоа нема да имаат среќа ако нивниот народ е несреќен. Што ќе му е Зајас на Али ако тој е празен. Нема радост ниту во палатите, ниту во дворците ако преку оградата народот и соседите ти се гладни или раселени. Тоа го направи ДУИ за Албанците, ги испразни нивните места села градови. Ги расели со нивното дваесетгодишно владеење. Додека тој и неговите блиски се богатеа народот тонеше во сиромаштија, рече Мицкоски.

Затоа, истакна тој, има дирекна порака до Албанците во кичевскиот крај.

-Излезете и погледнете ја празната куќа до вас, погледнете ја другата празна куќа до вас. Дали ќе ви се вратат внуците, дали ќе ви се вратат децата, затоа што и до ден денес 30, 40, 50 години потоа некој вози ролс-ројс и мајбах, нема тоа да ви ги врати, туку планот, визијата, стратегијата за иднината, богато Кичево, богата Македонија тоа ќе ги врати назад, рече Мицкоски.

Истакна дека и како Влада работат за подобра Македонија во која подобро ќе живеат сите без разлика на било каква припадност.

-Тоа е таа Македонија што сакаме да ја создадеме. Македонија на заедништво слога и соживот. Македонија што пркоси на лагите и лажните обиди за поделби и националистички изливи кои се единствената тема на безидејни и корумпирани политичари. Во овие времиња кога многумина се обидуваат да не делат по етничкка верска или партиска линија ние мора да покажеме дека има нешто посилно од сите поделби, а тоа е обединувањето Затоа што Македонија не се брани со поделби туку со единство, срце, чесност и заедничка визија, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Кога е тешко, потенцира тој, сите страдаме, кога победуваме сите се радуваме.

-Затоа нема напредок ако секој се бори сам за себе. Само ако сме заедно ќе имаме држава што ќе трае. Да се потсетиме на нашата историја. Колку пати сме биле малку, а сме победувале затоа што сме биле обединети и кога сме се бореле за слобода и кога сме ја граделе државата и кога сме ја чувале од неправди, секогаш кога сме биле едно сме биле непобедливи. Така треба и денес, рече Мицкоски додавајќи дека еден човек може да направи промена, но, обединети може да испишеме историја.

На митингот во Кичево се обрати и генералниот секретар на партијата Жоржија Сајкоски и кандидатот за градоначалник на Кичево Александар Јованвоски.

Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кичево повика да се даде поддршка за кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, докторот Александар Јованоски.

-Познавајќи го докторов, денес имам најлесна задача затоа што тој е хуманист и ќе го направи Кичево добро место за живеење. Ви ветувам дека заедно со сите нас Кичево ќе добие многу  инфраструктура, како и  работни места. Кичево ќе го добие сјајот  што го заслужува. Сигурен сум во тоа бидејќи докторот Александар Јованоски е познат по дела, кажа Сајкоски.

Тој се осврна и на владеењето на ДУИ во Кичево.

-ДУИ влезе во кампања, ама малку се влезени и во паника бидејќи ја губат поддршката. Зборуваат за национални борби, а ги иселија луѓето од деловите во кои владеат, од Зајас луѓето заминаа.  Нашата визија е да градиме во секој дел и во Зајас и Осломеј, и Другово и во Вранештица. Дека тоа може да се направи тоа Владата го докажа за овие 15 месеци, кажа Сајкоски.

Александар Јовановски, кандидат за градоначалник за општина „Кичево“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, укажа на тешките услови за живеење во Кичево и тоа во секој сегмент, чистотата, сигурноста, економската стабилност, образованието токму поради негрижата и несоодветното владеење на актуелниот градоначалник.

-За жал изминативе 12 години имаме градоначалник што не само што не постигна да биде градски татко, туку напротив го зави градот Кичево во темнина. Грижејќи се само за сопствени интереси и интереси на една мала група околу него, градот го доведе во состојба на колапс на комуналните служби, тотална нефункционалност на општинската администрација и партизација и национализам во сите пори на градот во најлошата смисла на зборот. Сами воочувате дека со вашите националистички дејства и негрижа за основните проблеми на граѓаните како што  е чистотата, сигурноста, економската стабилност, образованието доведовте до егзодус на граѓаните од сите етнички, верски и политички провениенции“, истакна Јовановски.

Јовановски наброи дел од проектите на изборната програма.

-Во мојата програма може да видите проекти за итно отстранување на дивата депонија од градското јадро и создавање на претоварна станица за селектиран и рециклиран отпад надвор од градската средина, имам хумано решение за глутниците кучиња скитници кои ќе ги згрижиме и чуваме на најсоодветна локација и на најхуман начин. Ќе ја изградам конечно канализацијата во Зајас и Другово, ќе го решам проблемот со водоснабдувањето во Србјани, М.Доленци и Ново село и секаде каде што има вакви комунални проблеми. Најитно ќе пристапам кон изградба и реконструкција на патишта во селата каде што е алармантно, дециден е Јовановски.

На крајот, тој упати порака до членовите на сите политички партии, со цел да ги остават поделбите и разликите на страна, и ги повика граѓаните да го заокружат бројот 9. -Оставете ги поделбите и разликите на страна, не дозволувајте да ве управуваат лоши лидери, луѓе кои не живеат во Кичево и не знаат со што се соочуваме ние овде изминатите години. Излезете на 19 октомври и гласајте за бројот, рече Јовановски.