МД „Илинден“ и МАЕИ со честитка до шефицата на албанската дипломатија, Спиропали за новата функција

Македонското друштво „Илинден“-Тирана и партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упатија честитки до министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, по повод нејзиниот избор на оваа висока функција.

Во честитката потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај, во име на друштвото, негово лично име, како и во име на македонското национално малцинство во Република Албанија, се посакува успех на функцијата министер за Европа и надворешни работи.

-Македонското национално малцинство во Република Албанија Ве поддржува безрезервно и е убедено во Вашиот успех. Во исто време, веруваме дека под Ваше водство ќе помогнете во подобрувањето на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија, се наведува во честтката.

Во честитката, потпишана од претседателот на партијата, Васил Стерјовски, МАЕИ, се наведува дека изборот на Спиропали претставува „големо признание за нејзината работа и значајна одговорност во водењето на надворешната политика и процесот на европска интеграција на земјата“.

Стерјовски истакнува дека македонската заедница во Албанија со години укажува на важноста од усогласување на стандардите за третман на Македонците во Албанија и на Албанците во Македонија, како суштински елемент за продлабочување на односите на добрососедство.

Во честитката се нагласува и важноста на образованието на мајчин јазик, застапеноста во јавниот живот, употребата на јазикот и азбуката, како и економскиот развој на подрачјата каде што живеат малцинствата.

-Убедени сме дека за време на вашиот мандат, Министерството на чие чело сте ќе продолжи да ги зајакнува односите на добрососедство меѓу Албанија и Македонија, паралелно со почитувањето и унапредувањето на правата на заедниците според европските стандарди, се вели во чеситката на МАЕИ.

Спиропали, која претходно беше претседателка на албанскиот парламент, често ја посетува Мала Преспа, остварува средби со Македонците а ги посетува и познатите божји храмови. Како што има изјавено „воодушевена е од природните убавини и културно историските знаменитости во овој скапоцен бисер даруван од Бога“.