Мицкоски од Виница: Димче и Левица одработуваат за новиот стопан Али, затоа имаат кандидати во Струга и Тетово, а не и во Велес и Штип

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски На денешниот народен митинг во Виница на митингот вечерва во Виница изјави дека на отворена сцена се гледа една непринципиелна коалиција помеѓу Левица и ДУИ којашто е многу опасна.

-На отворена сцена гледаме како има една непринципиелна коалиција која мораме да ја изнесеме на чистина. Тоа е коалиција којашто ја направија ДУИ и политичката партија Левица, тоа е коалицијата која ја направија Али Ахмети и Димче Апасиев. Оваа коалиција е многу опасна. Зошто? Затоа што во минатото ги видовме активистите и членовите на оваа политичка партија Левица како дел од така наречената Шарена или обоена револуција кога уништуваа, бојадисуваа, палеа државен имот, кога уриваа држава. Ги видовме понатаму како добиваат скапо платени хонорари од СЈО, последно време сведоци сме како влечат партиски пари за личните удопства и луксузи коишто ги имаат, рече Мицкоски.

Тој се наврати и на кажувањата на Зоран Заев од минатото како, вели, на собраниската говорница му се обраќал на Димче Апасиев и му велел, пред едни избори, „нели јас и ти се договоривме јас да ти обезбедам ресурси, јас да ти обезбедам средства за да добиеш некој глас повеќе, за да добиеш некое удопство повеќе, а потоа после изборите да бидеме заедно во коалиција и да ја спасувале, како што тој кажа, Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и од Христијан, на што Апасиев ја наведна главата и си замина од собраниската сала“.

-Денес ги гледаме истите овие од Левица со нов стопан. Но, овој стопан е од Зајас, се вика Али Ахмети, па ќе видите како низ Македонија во општини каде што, апсолутно, немаат ниту теоретски шанси да освојат градоначалник, тие кандидираат кандидати за градоначалници, како Тетово, како Гостивар и Струга, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски порача, ако се чувствуваат толку силни и веруваат во себе, зошто не кандидирале кандидат за градоначалник во родниот град на Апасиев во Велес или пак во родниот град на вториот по важност во Левица, Крмов во Штип.

-Одговорот е многу едноставен. Тие се таму прокси улога на потребите на ДУИ и имаат за цел да ги акумулираат анти ДУИ, анти Али гласовите, со цел да му удоволат на нивниот нов стопан Али Ахмети и ДУИ, рече Мицкоски

Затоа, порача тој, на 19 октомври македонските граѓани имаат историска можност да излезат масовно низ цела Македонија да го заокружат бројот 9 и да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за вистинскиот избор, за твојот човек, твоето место, за твојата иднина.

Драган Ковачки член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Виница истакна дека локалната власт е првиот и најблискиот контакт на граѓанинот со институциите, но оти локалната власт не може сама да носи големи промени, за тоа, вели, потребна е силна поддршка, потребна е Влада и водство кое знае да отвора врати и да обезбедува средства, односно да создава можности. Според него, само со „заедничка работа на градоначалникот, советниците и Владата – можеме да донесеме вистински промени, да реализираме проекти и да изградиме иднина со која сите ќе се гордееме“.

-Нашата сила е во заедништвото. Кога локалната власт и Владата се на иста страна, кога премиерот е со нас, кога градоначалникот и советниците работат заедно, тогаш нема пречка што не може да се надмине. Со гласањето за 9 ја давате довербата на нашата локална власт, а таа е доверба што ќе ја донесе и Владата поблиску до вас. Довербата во градоначалникот и во советничката листа со број 9 е доверба и обврска тие да работат со поддршка од Владата и премиерот Христијан Мицкоски. Тоа заедништво ќе ја донесе иднината што ја заслужувате, порача Ковачки.

Митко Костадиновски, кандидат за градонадалник за општина Виница од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, на митингот истакна дека изминатите четири години општина Виница ја карактеризираа позитивни промени проследени со многу реализирани проекти и решени проблеми, и вети дека ќе работи одговорно, транспарентно и отчетно, со нулта толеранција за корупција и во интерес на граѓаните.

Костадиновски појасни дека програмата е изработена согласно потребите и барањата на граѓаните на општина Виница и ги наведе приоритетните проекти како изградба на спортска сала, рехабилитација и реконструкција на градски парк, рехабилитација на зелени површини како и проектите во областа на сообраќајот, на патната инфраструктура, на донесување на нови урбанистички планови и формирање на зона за мало стопанство, а сето тоа во насока на развој на општина Виница.

-Во делот на урбанизмот ќе работиме на донесување на нови урбанистички планови за Виница и населените места што ќе значат развој на Општина Виница, а наскоро ветуваме формирање на зона за мало стопанство во м.в. Скараница- с.Блатец која ќе биде распростанета на површина од 24 хектари и во неа ќе има предвидено 29 градежни парцели за продажба, истакна кандидатот за градоначалник Костадиновски.