Македонското друштво „Илинден”-Тирана ги деманатира нападите врз претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај и упатува најостра реакција по пишувањата на, како што стои, така наречениот портал burevestnik.bg оценувајќи дека се дел од медиумската и поширока стратегија за притисок врз Македонците во Република Албанија.
„Тоа е обид да се замолчи вистината и да се покрие вистинската асимилаторска политика на Софија кон Македонците во Република Албанија од страна на бугарските емисари. Со лажни информации се напаѓа претседателот Ѓурѓај. Тоа претставува класичен пример на медиумска манипулација во насока на дискредитација на личноста и работата на Никола Ѓурѓај, а не информација за информирање. Секој кој малку се разбира од ваквите текстови ќе добие одлична прилика да се забавува со хумор напишан во некоја бугарска канцеларија“, стои во демантот.
Се додава дека самиот напис „Бугарскиот прстен околу Македонија – Македонците во паника – Бугарија го топи нивното население на два фронта“ е политички памфлет со јасна цел за оцрнување на Никола Ѓурѓај, како преседател на Македонското друштво “Илинден”-Тирана.
„Затоа, најостра го осудуваме вакво однесување на таканаречениот портал кој потекнува од држава членка на ЕУ. Имајќи ја предвид целта на ЕУ за неширење на лажни информации, цениме дека вакви портали не би можеле да се регистрираат, а камо ли да опстојуваат во држава членка на ЕУ. Но, тоа е Бугарија каде се е можно. Очигледна и јасна е антимакедонска мисија на бугарските емисари меѓу Македонците во Албанија, се наведува понатаму во реакцијата.
Се порачува дека како заштитници на македонскиот национален идентитет во Република Албанија, Македонското друштво „Илинден“-Тирана ќе ги информира сите релевантни институции и истовремено ги повикува институциите во Република Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на албанските државјани со македонско потекло.
„Во оваа прилика посочуваме и на фактот, премолчуван од така наречениот портал, дека на сите пописи на населението во Република Албанија од нејзината независност на 28 ноември 1912 година до 2023 година ниту еден жител на Република Албанија не се декларирал како Бугарин. Спротивно на сите пописи на населението во Република Албанија во 2017 година со уцени по европската иднина на Република Албанија, беа внесени Бугари во Законот за малцинства. Истовремено, на така наречениот портал му порачуваме да ги чита и Резолициите на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) каде што се осудуваат обидите на бугарската држава со кои Македонците во Република Албанија се обидува да ги прикаже како Бугари. При тоа и дека Бугарија како држава има пракса на непочитување меѓународните инситуци. https://www.fuen.org/fileadmin/user_upload/congress_2018/FUEN_Resolutions_2018.pdf , стои во реакцијата.
Во демантот-реакција потпишана од Незир Меча, потпретседател на МД „Илинден“-Тирана и координаторите на друштвото Фатри Фетаху, за областа Голо Брдо, Сабина Џелили, за Округот Елбасан и Ламбе Шатровски, за татковината Македонија се бара „меѓународната заедница од својата членка, Бугарија, да побара почитување на нашето основно човеково право да се декларираме како Македонци и да престане со ширењето на лаги и говор на омраза кон сите кои се декларираат како Македонци“.