Мицкоски очекува убедлива и голема победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, меѓу 45 и 50 градоначалници

Нема да бидеме изненадени доколку имаме повеќе од 50 градоначалници, но очекуваната бројка е помеѓу 45 и 50, плус главниот град, нагласи вечерва премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 потенцира дека тоа е поголем број градоначалници во однос на изборите во 2021 година кога имаа 42. За резултатот на СДСМ, пак, рече дека согласно нивните анализи тие би добиле од нула до шест градоначалнички места.

Во однос на бројот на гласови на советничките листи, Мицкоски вели дека во споредба со последните парламентарни избори на кои коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои околу 430 000 гласа на излезеност од над еден милион граѓани, сега очекува да има дисипација зашто на гласачките ливчиња ќе има независни листи, но и партии кои со ВМРО-ДПМНЕ коалицираат на централно ниво, а во одредени општини ќе настапат самостојно.

-Се разбира дека гласовите на советничките листи се значајни и дека се некаков репер и патоказ, но очекувам да го освоиме тој процент помеѓу 40, 42-43 отсто од вкупниот број излезени гласачи. Тоа е во едно очекувано сценарио, иако кампањата сè уште не е почната, а очекувам дополнителна мобилизација од некој процент, рече Мицкоски.

Премиерот очекува излезеност помеѓу 850 и 900 илјади и се надева дека ќе освојат над 400 000 гласа, со што би оствариле историски најдобар резултат на локални избори. Прашан дали нивните анализи покажуваат пад на поддршката за партијата од парламентарните избори до денес, тој одговори не и оти напротив смета дека имаат добиено дополнителен потенцијал.

-Се разбира дека во одредени кругови во јавноста можеби постои незадоволство од динамиката на реализација и испораката на резултатите. Некој ќе каже пребавно се случува, некој ќе каже апсете го овој, некој ќе каже судете го тој. Но, ние како Влада и како коалиција сме тука да испорачаме резултати и да одиме напред, а не да одиме назад како што тоа се случуваше во изминатите години. Ние не сме обвинители ниту, пак, судии за да можеме некого да обвинуваме или да судиме. Ние можеме да направиме истрага и преку оние институции коишто ја вршат таа истрага да ја доставиме до обвинителството. Од тој момент, па натаму правосудниот систем е тој што одлучува дали некој ќе биде приведен, апсен, суден и така натаму, рече Мицкоски.

Прашан дали му е чиста совеста да го нуди Орце Ѓорѓиевски за кандидат за градоначалник на Град Скопје откако претходно ја понуди Данела Арсовска, а ветувањата останаа неисполнети, Мицкоски вели – „да“, затоа што, како што посочи, Ѓорѓиевски го знае од најрани години.

– Израсна навистина во човек на кој можеме да се потпреме, да му веруваме, амбициозен, човек што нуди решенија за проблемите и човек што ги решава проблемите, не ги заобиколува, не бега. Вреден, чесен и тоа го покажа како градоначалник во општина Кисела Вода. Јас сум убеден дека со својот пристап, уште во првите минути кога ќе ја преземе позицијата градоначалник на Град Скопје, ќе покаже разлика, а заедно ќе направиме историска разлика споредено со сето она искуство коешто го имавме во минатото, рече Мицкоски.

Премиерот смета дека во Скопје нема да има втор круг на изборите за градоначалник, а воедно и апелира да се гласа за Ѓорѓиевски за што побргу да седне на градоначалничката фотелја, за да се видат резултати веднаш. Меѓу тие резултати, Мицкоски го вбројува и БРТ (бас рапид транзит), промовиран од поранешниот градоначалник Петре Шилегов.

-Од тој не се откажуваме, но ќе биде модифициран, затоа што таков каков што е предвиден, на таа траса, зборувам за трасата што треба да го поврзе источниот со западниот дел на градот и да заврши до Ѓорче Петров, цениме дека треба да биде продолжена најмалку до Сарај и да се изнајде техничко решение. Истовремено да се развива и другата линија север-југ, којашто треба да ги поврзе Бутел со Кисела Вода и тој дел на градот до Драчево, изјави Мицкоски.

Тој укажува дека, сепак, треба да се обноват разговорите со европските финансиски институции бидејќи за овој проект потребен е заем, а потоа заеднички да се измени техничкото решение заедно со кредиторот.

– Мислам дека во неколку месеци тоа можеме да го операционализираме, доколку постои расположение од другата страна, и веднаш да тргнеме со допроектирање. Реално е во 2026, 2027 г. да почнат теренските активности, рече Мицкоски.

Мицкоски повтори дека нема да има предвремени парламентарни избори по локалните.

-Па и ние во 2021 година имавме и на советнички листи и на градоначалнички листи двојно, тројно повеќе од СДСМ, па три години бевме опозиција. Ама и тие нека си зборуваат. Никој не вика да не си зборуваат. Никој не ги спречува, демократска држава сме, секој може да си кажува свое мислење. Чекавме да дојдат избори. Не велевме ние дека ни ја украдоа победата. Тогаш си играа фудбалчиња, си купуваа трговски центри, си купуваа дуќанчиња, си купуваа акции во банки, па потоа ги препродаваа и така натаму, рече тој.

Премиерот нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ активно ќе води кампања за поддршка на кандидатите на коалициските партнери на овие локални избори. Прашан дали во општините во кои ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати ќе повика да се гласа за кандидатите на другите партнери од коалицијата, конкретно за Максим Димитриевски во Куманово, Мирослав Лабудовиќ во Центар, Биљал Касами во Тетово и Изет Меџити во Чаир, Мицкоски одговори дека лично тој ќе повика да се гласа за нив, а воедно и теренците на ВМРО-ДПМНЕ ќе работат на нивните кампањи.

Мицкоски истакна дека во Струга ќе го поддржат независниот кандидат кој е поддржан и од ВРЕДИ – Менди Ќура.

-Во Струга цениме дека независниот кандидат Менди Ќура има исклучително добра програма, барем од тоа што можев да го заклучам кога разговарав со него. Се знам со него уште кога беше претседател на Сојузот на стопански комори на северозападна Македонија. Имам изградено и човечки, но и професионален однос и верувам дека е најдобриот избор за Струга и стружани, одговори Мицкоски.

Зависи за чии дом и што подразбираат под дом. Ако домот е нивниот личен дом или нивниот личен џеб, тогаш СДС се докажаа во минатото дека тоа им е приоритет, бидејќи многу малку ги интересираат домовите на останатите граѓани во оваа држава или џебовите на останатите граѓани, вели Мицкоски коментирајќи го слоганот на опозициската СДСМ.

-Така што ако е нивниот личен џеб, нивниот дом, тогаш тие навистина добро се погрижија и навистина добро се бореа во минатото. Но, доколку во поширока смисла го анализираме домот, а тоа е татковината Македонија, тогаш апсолутно мислам дека им е промашено. Никој денеска не верува дека СДС има било каков однос кон државноста, кон идентитетските прашања и кон татковината, дециден е Мицкоски.

За партијата Левица истакна дека не очекуа да освојат некоја општина.

-Не очекувам да освојат. Затоа што Левица, таму каде што кандидира свои кандидати, во најголем дел, а тоа се скопските општини и во градовите Тетово, Гостивар и Струга, теоретски не може да добијат поголем број гласови од кој било друг што се натпреварува на тие избори. Јасна е нивната стратегија, дека тие треба да бидат прокси за Демократската унија за интеграција, рече тој.

Мицкоски рече дека ако се изгласале измени на Изборниот законик во Собранието, тоа ќе било можност да се коригира и начинот на рекламирање за локалните избори, прашан во врска со тоа што политичката партија Левица, со шест пратеници во парламентот, останува без политичко рекламирање платено со државни пари.

-Изборниот законик беше дел од тие преговори и се усогласи тој Изборен законик, ако се сеќавате. За жал, поради политички калкулантства и играрии не се донесе. Во таа верзија на Изборниот законик многу работи ќе беа поразлични, вклучително и потписите за независните кандидатури, начинот на рекламирање и ќе имавме уште еден бенчмарк од Планот за раст. Сакам да кажам, ќе беше можност тоа да се направи, да се искоригира. Тоа ми беше поентата. Но, за жал, поради политички игри и калкулантства на, пред сè тука мислам на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и недржавничкиот однос, дојдовме до една таква ситуација. Иако ВМРО-ДПМНЕ и во минатото победуваше на избори, имаше најголем број пратеници, не беше во владата, па никогаш не калкулираше со ваков тип документи, рече Мицкоски.