ПЕТАР БОЖАНИН – БРАНИТЕЛ НА МАКЕДОНСКА ВИСТИНА ВО АВСТРАЛИЈА

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО АВСТРАЛИЈА

Петре Божанин е роден во 1913 година, во судбоносниот и крчмарски период за Македонија, кога се направи неправда врз неговата татковина, од што носи лузна на душата. Роден е во селото Нерет, Леринско, во егејскиот дел на Македонија, во едно од поголемите планински македонски села меѓу Лерин и Костур, а кое е сместено во една котлина на Неретската Планина.

Селото Нерет отсекогаш било населено со Македонци, од кои голем број се раселиле ширум светот. Особено бројот на оние што ја напуштиле дедовската земја се зголемува по поразот на Демократската армија на Грција и по Граѓанската војна, во која учествуваше и македонското население од тие македонски простори, со цел да ги оствари своите национални и социјални права, за кои сонуваа и се бореа многу години.

Нерет е типично планинско село, на надморска височина од околу илјада метри и најмногу е познато по планинските јагоди кои нашироко се прочуени по својот квалитет и арома. Нив ги има во изобилство, а кај народот тие се познати под името планушки. Петре Божанин го напуштил своето родно село пред војната, но болката и љубовта кон родното место, кон дедовската земја и кон сето она што е македонско, го понесе со себе и во Австралија, за да го пренесува и шири на генерациите што доаѓаат. Како што вели песната, се разбира за тоа време, „Туѓината пуста да остане”, така и беше.

Во 1937 година Петре Божанин, со група соселани од Нерет, заминал засекогаш в туѓина. Цели десет години живеел и работел на фармите оддалечени од Мелбурн неколку стотини километри за да обезбеди гола егзистенција. Меѓутоа, по Втората светска војна, како и многумина од Балканот, така и Петре се преселил во Мелбурн. Таму се сретнал со својата животна сопатничка, Велика, честита Македонка родена во селото Долно Котори, Леринско, а која потекнува од револуционерното семејство Неловци. Цели четириесет години таа му била десна рака на Петре, со кого има една ќерка.

Петре Божанин, како што ни рече, при нашата одамнешна средба, потекнува од сиромашно македонско печалбарско семејство, од кое многумина се распрснале ширум светот. Тој потекнува од честито и вредно семејство, кое има карактеристично име за тој дел на Македонија. Имено, презимето Божанин го добил по името на неговата прабаба која се викала Божана. И при средбата Петре Божанин беше во години, но беше витален, остроумен со доблест  и честитост    веќе во поодминати години…

Една од формите на собирање била организацијата Македонско-австралиски народен сојуз (МАНС), која одреден период играла значајна улога во животот и афирмацијата на македонските доселеници во Австралија. Темелите на МАНС биле удрени веднаш по Втората светска војна, кога во градот Перт, Западна Австралија, се одржала  Првата македонска конференција од страна на членовите на друштвото „Единство”, на која е одлучено, Организацијата да им служи на целите, задачите и интересите на македонското иселеништво во Австралија, без разлика од кој дел потекнува тоа, а било донесено и решение да се издава првиот македонски весник на мајчин јазик „Македонска искра”, како и да се поведе акција за собирање средства за изградба на болницата во главниот град на Македонија – Скопје.

Инаку, по формирањето на МАНС започнале да се организираат неговите разграноци речиси во сите градови каде живееле македонски доселеници. Така, во Мелбурн, во една од тогашните најзначајни колонии, бил формиран разгранокот „Македонски сојуз”, кој, меѓу првите, успеал да купи и да има сопствен дом – место, на кое подоцна во 1960 година се изградила првата македонска православна црква надвор од Македонија – „Свети Ѓорѓи”, која одиграла пионерска улога во понатамошниот духовен, национален, културно-просветен и спортски живот во Австралија, со одгласи и во Канада, САД. и западноевропските земји.

 Прв претседател на разгранокот на МАНС за Мелбурн бил Петре Божанин, а меѓу најзначајните активисти биле и познатите македонски доселеници од Беломорска Македонија: Дане Трпков, Стојан Србинов, Ристо Алтин, Ванчо Неделковски, Алексо Раковитис и многу други, кои биле првите организатори.

Исто така, Божанин бил еден од покренувачите на идејата за формирање на македонската црковна општина и изградба на црква, што се одлучи на собирот, одржан на 14 мај 1956 година, кога за претседател бил избран многупочитуваниот Васил Мојанов, а за секретар Петре Божанин.

Исто така, во октомври 1950 година група Македонци од првата генерација доселеници од Леринско и од Костурско ја формирале првата самостојна православна црква „Свети Кирил и Методиј”. Во 1953 година бил изграден убав и простран храм со средства исклучиво на Македонци од Леринско и Костурско. Првата богослужба била отслужена на 5 јануари 1954 година од свештеник Македонец од Леринско кој завршил богословија во Истанбул.

Оваа црква им служела на Македонците 10-тина години, кога со урбанистичките промени била срушена и на нејзино место е изградена денешната „Свети Кирил и Методиј”, која е регистрирана како Македонско-бугарска источно православна црква. По судски пат црквата ја презеле неколку Бугари и сега е под јуриздикција на Бугарската православна црква.

Од друга страна, пак, македонската православна црква „Свети Ѓорѓи” во Мелбурн, во која Петре Божанин бил првиот секретар, во исто време е прва црква изградена надвор од Македонија и е дело главно на Македонци од Егејот.

Вистината за создавањето на македонската православна црковна општина и за изградбата на македонскиот духовно-национален храм наиде на силен отпор кај непријателите. Но, и покрај сè, на Илинден 1958 година, на свечен начин, а во присуство на голем број доселеници и симпатизери, бил поставен камен-темелникот на црквата „Свети Ѓорѓи“

Овој значаен и голем македонски центар се наоѓа во Престон, во еден убав дел на градот каде денес е изградена новата црква посветена на свети Ѓорѓи и на света Богородица. На самиот влез на центарот се извишува споменик на Гоце Делчев, кој е откриен на 3 декември 1988 година, непосредно каде што се извишува црквата и се наоѓа културно-просветниот центар „Епинг” кој, покрај другото има неколку сали и други придружни простории.

Активностите во Мелбурн за изградба на македонска црква почнале веднаш по создавањето на Републиката. Меѓутоа, најзначаен датум за Македонците – печалбари е, секако, 14 мај 1956 година, кога се одржал првиот јавен собир на кој со силен жар, ентузијазам и љубов започнала кампањата за собирање средства меѓу Македонците со цел да се изгради македонски храм, што ќе им служи на православните Македонци, кои со гордост ја истакнуваа својата посебна национална припадност, цивилизациски вредности, богатиот фолклор и историјата.

Црковната општина „Свети Ѓорѓи и Света Богородица”,  е добитник на престижната награда  „Свети Климент Охридски”. Таму, со голем успех работи женската секција, потоа неделното училиште на македонски мајчин јазик, фудбалскиот клуб, библиотеката, културно-просветниот центар „Епинг”, каде што се наоѓа споменикот на Гоце Делчев. Епинг е собиралиште особено на младите, но се развиени и многу други активности на Македонците во Австралија.

slavek 1 copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН