Армијата – столб на стабилноста и мирот, преку три децении ја пишува својата приказна како вистински чувар на татковината

По прогласувањето на независноста во 1991 година, македонската Армија се стави на располагање на државата и граѓаните како гарант на мирот и одбраната, преку континуирана сестрана реформа, помош во справување со кризните и вонредните состојби, поддршка на цивилните институции во справување со елеменатарните непогоди како пожарите и поплавите. Тоа се уште го прави професионално, одговорно и пожртвувано, а доказ за ова е континуираното уживање највисока доверба кај народот, рече претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова во денешното обраќање на Централната свеченост по повод Денот на Армијата, 18 Август, што се одржува во штипската касарна „Јане Сандански“.

Како што напомена Сиљановска-Давкова, преку три децении Армијата ја пишува својата приказна како вистински чувар на татковината.

-Визијата на Генералштабопт (ГШ), дејството на Командата за операции, знаењето на Командата за обука и доктирни, поддршката на Логистичката база и честа на Баталјонот за почести се присутни во секој сегмент од армиското делување. Нашата Армија е сотлб на стабилноста и мирот, подвлече претседателката.

Таа порача надлежните институции да размислуваат за долгорочни проекти кои ќе гарантираат самоодржливост и развој на одбраната не само во мирни услови, туку и во амбинет на воена закана и потенцијален конфликт.

Според министерот за одбрана Владо Мисајловски, Армијата денеска одбележува 33 години напредок, 33 години безбедност на татковината и сигурност на граѓаните.

-За тоа што сме денес – организирана, високо професионална, исклучително почитувана Армија сакам да им се заблагодарам на сите мажи и жени во униформа и сите вработени во одбраната. Вие сте олицетворение на вековниот стремеж за самостојност и независност зашто одговорноста за суверена Македонија е ваша. Дававте и продолжувате да давате сè од себе за Армијата и одбраната да продолжат да се движат напред и тоа го почитувам и го вреднувам. Како министер за одбрана, втор пат имам можност да ви го честитам овој ден. Денес можам да потврдам дека столбовите на кои ја градиме Армијата и одбранбените сили стојат цврсто. Буџетирањето на одбраната е на високо ниво, а така и ќе продолжиме. Силно сме посветени да ја зајакнеме нашата одбрана со исполнување на заложбите за инвестиции во одбранбените ресурси согласно одлуките на Самитот на НАТО во Хаг и сакам да се заблагодарам на премиерот и на Владата за целата поддршка.

Тој нагласи дека инвестициите во одбраната се гледаат на дело.

-Средствата кои граѓаните ги вложуваат во нашата одбрана ги инвестираме плански и домаќински. А, резултатот го гледаме пред нас – во новите лесни оклопни и инженериски возила, во новите артилериски орудија „Боран“ кои неодамна ги промовиравме, во нова и напредна опрема која ни овозможува да кажеме дека македонската Армија е НАТО Армија. Минатата недела пристигнаа уште 29 нови лесни оклопни возила од американско производство со што бројот на овој тип возила наменети за македонската Армија се искачи на 67 од вкупно 96 кои се предмет на набавка. Годинава, арсеналот на возила ќе се зајакне и со пристигнување на дел од оклопните возила Stryker. Набавуваме и опрема за пешадија како вооружување со мал калибар – автоматски пушки, митралези, фрлачи на гранати, униформи, чизми и се што е потребно за нашите припадници беспрекорно да ги извршуваат своите задачи. Тука е и АБХО опремата, како и инженерските машини и опрема. Споменатите артилериски системи „Боран“ набавени од сојузничка Турција се веќе дел од армискиот арсенал. Набавуваме и напредна комуникациско – информатичка опрема и опрема за сајбер – одбрана и криптозаштита, која е дел од седумте договори кои ги потпишавме со САД од декември минатата година. Во овие договори се вклучени набавки за беспилотни системи, опрема за извидувачките и разузнавачките единици, опрема за специјални сили, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган, информира министерот.

Мисајловски потенцира и дека е во финална фаза приемот на 300 нови професионални војници.  

На Централната свеченост се обрати и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, а присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, пратеници, министри, поранешни министри за одбрана и началници на ГШ, претставници од Сојузот на борците и од дипломатскиот кор.

На церемонијата беа построени и новопромовираните 26 потпоручници и 149 подофицери кои неодамна ги завршија школувањето и обуката.

Претседателката Сињановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со Орден за воени заслуги.