Љубојно е едно од најкарактеристичните места во Преспа и пошироко. Долго време претставуваше општински, образовен, културен и здравствен центар за Долна Преспа и пошироко. Тоа е едно од најубавите села кое пленува со своите архитектонски градби, со стилот на старите куќи, сокаците и дворовите, како и со иновациите во начинот на живеење што бројните печалбари ги пренеле од светот во својот роден крај.
Според пишаните документи, Љубојно за првпат се споменува во еден запис на Сливничкиот манастир во 1607 година како поголема македонска населба. Затоа со право се вели дека ова е село со долга и бурна историја. Сведоци на таа македонска историја се низа оставнини како што се нивните стари куќи, бројните македонски православни цркви и манастири и други објекти кои ја чуваат вистината и тајната за Љубојно, за љубанци, за Долна Преспа, за Македонија и за целиот македонски народ.
Во овој преспански крај, манастирската црква „Свети Атанас“ е заштитник на селото и е една од позначајните цркви на љубанци. Таа се наоѓа во Коријата, на ридот од јужната страна на селото на околу 700 метри, над Полициската станица. Црквата е една од постарите, и е градена во XIV век. Ѕидовите се од камен, а покривот пред обновувањето беше со камени плочи. Оваа манастирска црква е опкружена со дабови стебла и претставува место за одмор и рекреација и еден вид видиковец. Таа е собиралиште за љубанци на свети Атанас на 31 јануари.
Исто така и манастирот „Свети Петар и Павле“ е еден од поубавите во Преспа. Тој се наоѓа на околу 800 метри над црквата „Свети Атанас“, сместена на една убава рамнина на висината која од сите страни е заградена со дабова и друга шума и стрмни падини. Од источната страна е вградена во голема карпа, која е искористена наместо ѕид.
За оваа прекрасна манастирска црква се знае дека е градена во 1923 година од браќата Никола и Јоше Стасовски од Љубојно. Постои интересно кажување од внукот на Никола за изградбата на црквата. Имено, Никола во 1922 година бил во Америка. Таму една ноќ сонил сон во кој му дошол еден стар човек со долга брада и му порачал да изгради црква на местото каде што сега е изградена постојната црква и да и’ го даде името Свети Петар.
Така по враќањето од Америка и со помош на целото село, во 1923 година Никола ја изградил манастирската црква. Ѕидовите на црквата се градени од делкан камен и во основата е еднокорабна. На дваесетина метри од црквата, на северната страна изградена е и висока камбанарија, која е интересна по својата конструкција и местоположба.
Двете македонски православни црви се опкружени со дабова и букова шума која од ослободувањето на револуционерното Љубојно до денес, како аманет на населението било грев да се сечи шумата во Коријата над Полициската станица.
Меѓутоа, тоа македонско народно правило неважи за претпријатието „Македонски шуми“ кое според информациите на локалното население и Месната заедница ја уништува шумата без страм и одговорност, а тоа се врши без јасно образложение и без земање предвид на еколошките, туристичките и социјалните последици. Притоа заборавајки дека сечата ја уништува природната флора и фауна, го нарушува шумскиот екосистем и ја зголемува ерозијата на почвата на Љубојно.
Затоа, во вторникот на 12 август, жителите на Љубојно, дојдените иселеници од прекуокеанските земји, како и туристите, симпатизерите и почитувачите на природното добро излегоја на протест во центарот на Љубојно (на Полена).
Според членовите на Месната заедница, протестите и блокирањето на камјоните да неможат да ја узурпираат планината ќе продолжи и во наредните денови, барајки да се запре оваа активност и да се обезбедат транспарентни информации за нејзината законитост и оправданост. Главна цел на демонстрантите е зачувување на природните вредности и убавини на Коријата над Љубојно.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН