Новиот августовски број на сисанието „Повод 73“ кое е дело на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј е издание наменето за литература, култура, историја и општествени прашања. На насловната страница ја содржи фотографијата на новинарот и публицистот Иван Трпоски.
Исто така, познатиоот македонски иселеник од Австралија,Иван Трповски од 1978 година е член во Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, како и член во Издавачкиот одбор на списанието „Повод“ и долгогодишен Библиотекар и Архивар во Библиотеката „Григор Прличев“, прва од таков вид надвор од Македонија. Беше дописник е на списанието „Македонија“ од Матицата на иселениците и во многу други весници и списанија во Македонија и Австралија. Со своја поезија и реферати настапувал на многу собири, со кои го подгревал духот на Македонецот за да опстои на далечните австралиски простори. Со своја поезија учествувал на манифестацијата „Млада Струга“ во 1979 година и на Струшките вечери на поезија во 1987 и 1995 година, каде со своја поезија настапил и на манифестацијата „Мостови“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1988 година и член е на Друштвото на новинарите од Македонија од 1995 година.
Во врска со издавачката дејност на Иван Трпоски, проф. д-р Виолета Ачкоска дава пригоден материја на македонски и на англиски јазик за новото дело под наслов „Исповед кон мајка ми Љуба“ Таа, меѓу другото, информира дека делото е историја на обичниот македонски човек, закоренет на балканската крстосница, во библиска Македонија, која секогаш била на удар на освојувачите, а македонскиот народ подложен на ограбувања и насилства и принуден на миграции. Но, тие тешки времиња под туѓа власт не поминале ни во времето на слободата
Во делото „Исповед кон мајка ми Љѕба“, Иван Трпоски уште еднаш блеснува како извонреден патеписец, пренесувајќи нѝ слики на селски пејсажи од родниот крај, заедно со родната куќа и со предметите кои некогаш служеле на домаќинството, со нивните архаични називи кои полека исчезнувале под налетот на модернизацијата.
Во продолжение е дадена на македонски и на англиски јазик богатата биографија на Иван Трповски, во која се вели дека со поезија е застапен во голем број зборници и дека е автор на бројни збирки поезија. Иван е еден од иницијаторите за организирање на манифестацијата „Денови на Македонската култура“ кои се одржаа во 1986, 1988 и 1991 година во Австралија. Членувал во Одборот за дополнителна настава по македонски јазик во училиштето „11-ти Октомври“ во Јагуна и во Просветно-училишниот одбор за Нов Јужен Велс. Членувал во управата на КУД „Вардар“ од Бенкстаун и учесник е на многу протести каде се демонстрираше за Македонија и за македонството. За неговата општествена дејност има добиено повеќе награди и признанија.
Во продолжение на „Повод 72“ се поместени песните „Прашање до Бога“, „Светлината од твоето јас“ и, „Македонија за секогаш“ од Гордана Димовска. Од Саво Костадиновски, пак, е поместена песната „Пред вистината на јубилеите на неправдите“ и „Кога пишувам песна за Македонија“, а од Оливера Јовановска се дадени песните „Не се најде видез“ и “Жено виножито“.
Посебен простор е посветен на текстот на Александар Донски кој се однесува на драмата „Преполнета чаша – невидлив затвор“ од познатиот и реномиран драматург и поет Душан Ристевски, кој повеќеслојно ја обработува, скенира и анализира состојбата во едно македонско семејство од Австралија од аспект на нивното справување со пандемијата.
Иако драмата конкретно опишува македонско семејство кое живее во предградие на Сиднеј, таа има универзална димензија и вредност и слободно може да се однесува за кое било слично семејство во светот за време на оваа светска пандемија. И во оваа драма Душан Ристевски се покажува како одличен познавач на човековата психологија, а посебно на психологијата на македонските иселеници во Австралија и тоа на сите три генерации што се појавуваат во драмата.
Во продолжение е даден текстот за книгата „Македонците во Грција -1939-1949“ од Ристо Стефов, во која се вели дека многу малку е напишано за Македонците во Грција и нивното учество во Втората светска војна и во Грчката граѓанска војна. Македонците кои живеат во Грција до ден-денес се плашат да зборуваат за своите ужасни искушенија од страв од последици од грчките власти или затоа што е едноставно премногу болно за нив да се сетат. До ден-денес е табу тема во Грција да се зборува за Грчката граѓанска војна.
Во оваа книга на англиски јазик авторот се обидува да ја раскаже македонската приказна како што се одвивала од македонска гледна точка. Притоа, приказната започнува со преглед на настаните почнувајќи од инвазијата, окупацијата и поделбата на Македонија од страна на Грција, Србија и Бугарија во 1912, 1913 година, па сè до настаните што доведоа до почетокот на Втората светска војна.
Во продолжение, познатиот публицист Виктор Бивел, пишува на англиски јазик за книгата „Македонска агенда“ објавена од „Политекон пабликацијата“која сега е достапна како бесплатна верзии. Книгата е збирка од 16 најдобри есеи за развојот на македонската култура во Австралија. Вклучува културни вредности, јазик, религија, уметност, , женски прашања, стари лица, имиграција, политика, „деца бегалци“, човекови права и друго.
Сите кои пишуваат се Австралијанци со Македонско потекло, и тоа. 14-те автори се 11 поединци и три организации. Меѓу индивидуалните автори се седум мажи и четири жени. Писателите доаѓаат од сите поголеми македонски населби низ Австралија: Перт, Аделаид, Џилонг, Мелбурн, Канбера-Квинбијан, Волонгонг, Сиднеј и Њукасл. Тие се исто така репрезентативни по тоа што нивното потекло е и од Република Македонија и од Егејска Македонија (северна Грција), се вели, меѓу другото, во објавениот текст.
Во пригодниот текст за Даница Б. Брешовска која е родена на 3.05.1948 година во Буково, Битолско и почина на 2.07.2016 година во Буково, во 1969 година таа дипломирала на Педагошката академија во Битола. Во 2001 год. емигрирала во Америка, каде и ја започнала поетската „кариера“. Таа ќе забележи дека тагата, маката, чувствата, носталгијата, сеќавањата и љубовта кон своите најблиски, беа инспирација за нејзините творби. Носталгијата и љубовта кон своите внуци ја вратило во „стариот крај“ во 2010 година. Книгата поезија „Вистина“, објавено во 2011 година од Издавачката куќа „Дата Песнопој“ од Битола, е поделена на пет циклуси: За тебе земјо мила; Животен пат; Туѓина; Буково; Ајде дечиња да пееме песничиња. Мотивски, Даница останува врзана за човекот во себе, за човекот страдалник во туѓина или во својата родина, за човекот во родното место Буково, за човекот кој чезнее да емигрира, а тагува да се врати на своето огниште.
Во продолжение се поместени песните на Даница Б. Брешовска и тоа; „Печалба„, „Селски двор“, „Ах Буково“ и „Стара воденица“
Во текстот за Виолета Ристевска, пак, и нејзината поезија е забележано дека таа е родена во Прилеп, живееше во Битола со семејството до 1993 год. кога имигрира во Сиднеј. После смртта на нејзиниот сопрук, патувањата Сиднеј-Битола и обратно постанале честа појава поради љубовта кон родниот крај и кон семејството. Но исто се појави љубовта кон пишаниот збор кој со децении тлееше во нејзиното срце. Притоа е застапена со песните „Си ветив“, „Малото слонче“, „Детенце“ и „Ех, тоа е животот“.
Посебен простор во овој број на „Повод 73“ е посветен на текстот на проф.д-р Виолета Ачкоска и промоцијата на книга „Радоста и тагата“ од Драгица Димовска од Торонто, Канада, што се одржа во Битола. Во текстот проф Ачкоска, меѓу другото, вели дека оваа автобиографска книга, која имала чест да ја рецензира, низ преубави стихови, ја пренесува големата тага на поетесата за напуштеното огниште. По доаѓањето во Канада, во новата, далечна земја, таа не може да се ослободи од болната носталгија за Македонија Нејзината тага се продлабочува со прераната смрт на нејзиниот сакан сопруг Мицко Димовски.
Во секој напишан стих во оваа збирка се разоткрива една топла македонска душа и исповед што ви буди силни емоции. Тие емоции допреа до бројната публика, од која голем дел со насолзени очи ја споделија судбината на оваа Македонка, растргната помеѓу две татковини, но која си поставила за цел да го негува убавиот македонски збор и да си ја опева саканата Македонија. Притоа, се поместени и песните „Македонијо“ и „Белата лозница во дворот“,
За поетската книга „Небо врз црвливи диреци“ од Божин М. Андоновски и промоцијата во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола е посветен одреден простор, во кој се вели дека е поетска збирка која нуди длабоки размислувања и емоционални доживувања, претставени преку префинето избрани зборови и ритмика. Преку различните теми и фази на животот, Андоновски успева да го пренесе својот уникатен поглед на светот и да го поттикне читателот на размисла и саморефлексија.
Во продолжение Иван Трпоски во текстот за Македонската заедница во Австралија пишува дека таа деновиве прослави многу значаен Јубилеј, 50 години од работата на Македонскиот радио-програма во Нов Јужен Велс. Така, на 13 јули 1975 година , за првпат во историјата на државното радио на македонски јазик во Сиднеј започна со емитување македонски радио час. Тоа се случи на етничката радиостаница 2ЕА, која беше целосно финансирана од сојузната влада. Покрј водителите на програмата важна улога одиграле и македонските друштва и организации кои редовно се промовирале со своите дела и успеси не само во Австралија туку и на сите мередијани.
Авторот на наредниот текст (Славе Катин) се осфрнува на манифестацијата на 12 јуни, кога Македонската православната црква – ОА го празнуваше споменот на светите апостоли Петар и Павле – Петровден, во манастирот “Свети Климент Охридски и Свети Великомаченик Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид, беше извршен чинот Наречение на новоизбраниот архијереј Дебарско-кичевски – архимандритот Георгиј.
На 13 јули, пак, во Соборниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“ во Охрид беше извршена епископска хиротомија на архимандритот Георгиј и негово устоличување на тронот на Дебарско-кичевската епархија. Со тоа тој и официјално стана митрополит на Дебарско-кичевската епархија, на место упокоениот митрополитот Тимотеј.
Пред членовите на Синодот, свештенството и многубројните верници, новиот митрополит положи заклетва дека „со најголема послушност ќе го исполнува сѐ што е заповедано, секогаш имајќи ги пред очи вистината и правдата“.
Во продолжение, во текстот на м-р Оливера Јовановска под наслов „Иселенички литературни средби“ се вели дека на 26-ти мај 2025 година во ,,Клубот на Пратеници во Скопје“ во организација на директорот на Агенција за иселеништво Горан Ангелов и Билјана Костова беа организирани и одржани третите по ред ,,Иселенички литературни средби“.Таа пишува дека средбите се мост за зближување на поетите од Македонија и тие што творат и пишуваат на свој мајчин македонски јазик, а живеат надвор од границите на Македонија. На средбата рисуствуваа поети од Хрватска, Србија, Германија, Шведска, Македонија, Канада и Австралија.
Посебен простор е посветен на текстот за Лидија Дочовска Павловска со уметничко име Преспана која потекнува од Ресен, а која по образование е дипломиран правник а по вокација поетеса, писателка која пишува од раната младост. Преку творештвото таа сака да ги промовира убавините на Преспанскиот регион, но и да ги забележи некои митски и историски сознанија и да ги остави како постојани записи за идните генерации затоа што трезорите на Преспа се богати со културно и историско наследство.
Нејзиното творештво го сочинуваат книгите „Солзите на Преспана“, „Така љубеше Косара“, „Крикот на пеликанот“, коавторската книга „Преспански легенди-Преспанска езерска убавица“, „Липите кај Сарај куќа“, „Ехото на старите патеки-Виа Игнација“ и „Розите на Преспа“. Притоа таа е застапена со песната „Разбудисе Преспо“.
Во текстот на англиски јазик на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) под наслов „ОМД го осудува отстранувањето на македонскиот јазик и идентитет од страна на Европскиот парламент“ се изразува сериозна загриженост во врска со неодамнешната одлука на Европскиот парламент да ја отстрани фразат „Македонски јазик и идентитет“ од извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ. Бришењето на македонскиот идентитет и јазик е спротивно на човековите права и на основачките документи на самата Европска Унија. Со текот на годините, соседните земји на Македонија, Грција и Бугарија, експлицитно го негираа постоењето на македонскиот народ, јазик, идентитет, па дури и правото да се користи името Македонија. Забелешките на бугарските и грчките членови на
Европскиот парламент – дадени под институционалниот покрив на Европската Унија – се длабоко загрижувачки и некомпатибилни со основачките вредности на Унијата: човеково достоинство, еднаквост, почитување на малцинствата и владеење на правото.
По идеја од Александар Донски во 2021 година во издание на МЛД „Григор Прличев“ од Сиднеј предводен од поетот и драматург Душан Ристевски, во соработка со егејското здружение „Мирка Гинова“ од Штип со претседателот Стојан Димков, кој го води ова здружение заедно со синот поранешниот пратеник м-р Трајче Димков, беше објавена брошурата „Историската вистина за Македонија и Македонците“ на англиски, на македонски и на грчки јазик. Автор на брошурата е Александар Донски, а нејзиното објавување финансиски го помогнаа неколкумина Македонци од иселеништвото и од Македонја чии имиња се спомнати во брошурата.
Во текстот од авторот Славе Катин кој еврска со Извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од европратеникот Томас Вејц, кој беше разгледан на пленарната седница на Европскиот парламент Словенечката европатеничка Ирена Јовева е најкоментираното име и презиме во средствата за информирање во изминатите период во Македонија, откако се појави на говорницата во Европскиот парламентот. Со нејзиниот говор на македонски јазик директно им се обрати на бугарските колеги и им порача дека на македонскиот народ не му треба нивна дозвола. Таа им препорача дека за да го признаат тоа, им треба чесност и интегритет, алудирајќи на бугарските ставови за Македонија и членството во ЕУ.
Посебно внимание е посветено на текстот „Црна чума што од Европа се засаде“ Пишува: Неговото високопреосвештенство Агатангел, Митрополит повардарски . Тој вели дека поминаа повеќе од осум години откако ја вплеткавме државата во преспанската катастрофа, кога насилно и бездушно, без никакви правила и пристојност, беа срушени темелите на македонската држава. Немајќи план за денот потоа, ни беа нудени ситни и приземни лаги, спакувани во разни небулози, од типот: „идентитетот ни е бетон“, „го зачувавме јазикот“, „датумот само што не стигнал“. Во државата, особено помеѓу политичката врхушка, постепено се развиваше некаков посебен вид стокхолмски синдром. Секојдневно сведочевме на тажни изјави во кои нашите избрани претставници, како некакви дезориентирани заложници, со насилникот се зближуваа и го оправдуваа, сметајќи го тоа за врв на нивната дипломатска вештина и умешност, се вели во текстот на Агатангел.
Потоа е поместен текстот на Александар Донски дека Македонците први во светот почнале да ловат риби со вештачка мамка (мушичка). За ова сведочи римскиот реторичар Клавдиј Елијан. Тој запишал дека Македонците ловеле пастрмки на реката Астраус со помош на вештачки мамки (мушички). Овој запис на Елијан денес претставува голем предизвик за историчарите на риболовот, но и за истражувачите на древна Македонија воопшто.
Во продолжение на овој број на „Повод 73“, проф. Д-р Виолета Ачкоска пишува текст за 2381 години од раѓањето на Александар III Македонски. Во него вели дека летото 356 г.ст.ера (20-22 јули) е роден Александар III Македонски, во македонската престолнина Пела, од мајка Олимпијада, првата жена на Филип II Македонски. Бил ученик на Аристотел, генијален војсководец и вешт дипломат, достоен син на Филип, кого античките автори го нарекле најголемиот маж што го дала дотогаш антиката.
Гордана Димовска, пак, пишува за историјата во сегашноста и иднината. Таа вели дека постојат изреки: „остави го минатото, не е важно, гледај во иднината”, „Минатото не носи ништо ново” – но сите родиле во минатото, израснале во минатото, поставиле темели, се изградиле себе а помогнале и на други. Минатото е исто толку важно ако не и повеќе, како и сегашноста, која еден ден ќе биде „минато” , вели Димовска
На последните страници е даден текст за Ристо Попов кој е роден во Росоман, 26.03.1957 – а починал во Охрид на 28.07.2025 година Ристо Попов завршил основно училиште во своето родно место, а во Охрид се запишува на Средното угостителско училиште а подоцна ја завршува и првата година на Вишата угостителска туристичка школа пред да емигрира во Сиднеј во 1978 година. Тој членуваше и во Литературното друштво „Григор Прличев“ во Сиднеј, каде повеќе пати со песни е застапен во списанието „Повод“ и наградниот конкурс за „Прличева награда“. Со своја поезија е застапен во зборникот „Видици“, се вели во текстот.
И на крајот на страниците на „Повод 73“ е дадено Соопштенито за Наградниот конкуст на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј.