ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II
Кога се зборува или пишува за иницијаторите при формирањето на МПЦ „Свети Климент Охридски”, за угостителството, за хуманитарните активности кај Македонците во дијаспората, за спортот или за другите активности во Торонто, името и делото на македонскиот доселеник Ван Петров се тесно поврзани со почетните настани. Затоа, едно од интересните интервјуа со Македонци во Торонто што ги водеше авторот на овие редови во еден подолг период беше, секако, интервјуто со Ван Петров (Петроф).
Имено, тој беше и еден од петмината доблесни патриоти кои ги ставија своите потписи и со својот имот гарантираа пред канадските власти за валидноста и сигурноста при формирањето и изградбата на првиот македонски духовен, културно-просветен и национален храм во мултикултурна Канада – МПЦ „Свети Климент Охридски” во Торонто.
Ван Петров е роден битолчанец од „Гини Маале”, а цел живот го поминал во Канада најпрвин во гратчето Свети Тома, каде живеел неговиот татко, а по неколку години се доселил во Торонто. Се оженил со Мери Лекушева, Канаѓанка од македонско потекло, чии корени се протегаат во Беломорска Македонија, во убавото македонско село Поздивиште, Костурско.
Тој е роден во градот на конзулите, како што го нарекуваат. Битола е неговата детска гордост, инспирација и предизвик. Тоа е градот, во кој Ван поминал мал дел од животот, бидејќи како дете заминал од родната земја и заминал за Канада.
Ван Петров беше еден од познатите Канаѓани од македонско потекло, кој долги години работеше и беше сопственик на сервис за снабдување со прехранбени артикли на фабрички мензи, кафетерии и друг вид угостителски објекти. Ван беше организатор на Отворениот македонски турнир во голф што започнал да се организира во 1942 година, а кој цели педесетина години тој го раководеше и финансираше. Ван Петров беше човекот кој беше активен во Канадско–македонскиот центар (Старечкиот дом) и во Клубот на пензионерите во Торонто.
Животната и бизнис сторија на Ван Петров е многу интересна и бурна. Во разговорот што со овој пријатен, разговорлив, интелигентен и мудар нашинец го водевме во просториите на Канадско–македонскиот дом, во периодот кога тој беше претседател на таа институција, кога и бевме информирани за низа прашања, и кога, како на филмско платно да гледавме филм за него и за неговите активности, за активностите на македонските доселеници во демократска Канада кои постигнале видни резултати во тамошното општество.
Имено, тој е роден во 1923 година во Битола. Потекнува од македонско печалбарско семејство. Татко му Тале бил еден од првите од тој крај кој заминал на печалба веднаш по Илинденското востание. Во 1903 година Тале пристигнал на северноамериканскиот континент преку Елис Ајлеанд, потоа се преселил во градот Свети Тома во Онтарио кај брат му, а од 1924 година, засекогаш дошол во метрополата Торонто. Во меѓувреме, Тале се вратил во Битола каде што изградил куќа, во чиј состав биле адаптирани фурна и слаткарница. Меѓутоа, наскоро бил мобилизиран во српската војска, од каде што избегал во Канада и каде што останал до крајот на животот.
Кога Ван Петров дошол во Канада во 1930 година, бил на седумгодишна возраст. Се доселил во татковиот дом во Сент Томас, град што се наоѓа во непосредна близина на Нијагарските Водопади. Таму го завршил 13 одделение и матурирал на колеџот „Паркдеил”. Потоа се запишал на студии за хотелиерство, ресторани и пекарска трговија во Торонто (сега познат како Раерсон) каде и дипломирал на посебниот оддел за угостителство.
Во тие интересни години за Македонците во Канада кои претежно отворале ресторани и татко му на Ван го отворил својот прв ресторан во Торонто во 1942 година, што бил во негова сопственост до 1945 година.и и ги поставил материјалните основи на семејството Петров.
Ван му помагал на татко си во ресторанот, меѓутоа, во јануари 1945 година, младото Македонче, како што милуваше тој да каже, замина да волонтира за канадските вооружени сили кои биле стациониран во кампот „Борден” како инструктор по оружје, постигнувајки го рангот „Ленс заповедник”. Во Канадската армија останал полни 18 месеци на канадска територија.
По отслужувањето на војската, му се пружиле поголеми перспективи за работа во познати хотели во Торонто, каде што и го усовршил своето занимање. Во почетокот на бизнисот, Ван Петров започнал со мали угостителски инвестиции. Но, од година во година, неговиот капитал се зголемувал, што му овозможило да стане сопственик на триесеттина кафетерии во кои вработил околу 250 луѓе. Угостителската работа ја вршел цели триесет години, а од 1987 година беше заслужен канадски пензионер. Но, и како пензионер не мируваше.
Ван Петров уште како ученик играл фудбал и кошарка, а како војник играл бејзбол во армискиот тим. Меѓутоа, во педесетите години од минатиот век се отворила нова страница во неговата спортска кариера, кога започнал да игра голф. Голфот му станал опсесија, пасија и професија. Така, во неговата долга кариера имал учествувано на голф-турнири во голем број земји, меѓу кои Шпанија, Португалија, Бразил, Грција и САД. За неговите успеси бил добитник на трофеи.
Инаку, во македонската заедница во Торонто, покрај другите спортови, голфот е омилена игра на голем број бизнисмени и интелектуалци од македонско потекло, Тоа го потврдивме во разговорот со Ван Петров при нашата посета во Торонто. Како резултат на големата љубов кон голфот, четириесетина години го организирше Отворениот македонски турнир во голф. Оваа значајна спортска манифестација тој започнал да ја организира уште во 1951 година, на која секоја година учествуваат околу 200 натпреварувачи, од кои најголемиот број се канадски бизнисмени од македонско потекло, чии семејства претежно се дојдени во Канада пред Втората светска војна.
За Отворениот македонски турнир во голф се сеќава авторот на овие редови Славе Катин кога беше вклучен да игра голф во тимот на Филип Ангелковски, Ник Тодоровски и Анџело Аргиро во 1989 година. Тогаш беше организиран 38. турнир во голф, што се одржа на терените во Еурора, недалеку од Торонто. На овој интересен голф-турнир победници беа Крис Коцопулос, познат хокејар во Канада, чие потекло е од Леринско, и Крис Крцос, исто така, по потекло од Егејска Македонија, кој беше петтиот голф играч на ранг-листата на аматерското првенство во голф на Онтарио.
Со Ван Петров разговаравме и за минатото и за иднината на македонската заедница во Торонто. Притоа, тој не информира дека во периодот меѓу двете светски војни немало македонски цркви, затоа верските обичаи ги извршувале во други православни цркви.
Tака, во тој период најголемиот број Македонци оделе во македонско-бугарската православна црква „Свети Кирил и Методиј”.Таа била изградена во 1910 година и била прва црква на Македонците во Канада, Исто така Македонците оделе и во црквата „Свети Ѓорѓи”. Овие македонско бугарски, или бугарско-македонски цркви биле финансирани од Македонци, претежно од егејскиот дел на Македонија, меѓутоа црквите биле осветувани од бугарски владициа. Во нив верниците претежно биле Македонци, а многу мал број имало Бугари и свештениците биле од Бугарија.
Меѓутоа, со формирањето на организацијата „Обединети Македонци” и со обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, во 1962 година се покрена иницијатива за изградба на македонска православна црква под јурисдикција на Црквата во Македонија. Ван Петров беше еден од петте доблесни донатори и патриоти, членови на групата што формирале корпорација за основање и градба на МПЦ „Свети Климент Охридски” во Торонто.
Освен тоа, тој беше еден од добротворите и донаторите на поголем број активности, помагач на македонските информативни гласила во Торонто и пошироко. Меѓутоа, се чини најголема беше неговата улога и помош во Канадско–македонскиот центар (Старски дом), во кој нашле свое животно катче стотина стари лица, претежно од Беломорска Македонија, на кои не им беше дозволено ниту да умрат во родната земја, која и денес стенка под „јаремот на демократијата”.Тој беше претседател на Канадско-македонскиот центар (Старечкиот дом) за време на изградбата и отворањето на 17 јуни, 1979 година.
Исто така, Ван Петров беше познат хуманист и добротвор кој ги помагал хуманитарните организации во Торонто, потоа давал средства на македонските православни цркви и други македонски организации. Исто така, тој беше човекот кој заедно со други Македонци од Канада и САД дал помош за настраданите во земјотресот во Скопје во 1963 година. Потоа испратил парична помош и лекови за неговата татковина Македонија, за што во 1976 година, Универзитетот во Скопје му доделил високо признание за неговиот придонес и помош на Медицинскиот факултет во Скопје.
Меѓу активностите на Ван Петров, секако треба да се одбележи дека тој беше еден од првите Македонци во Канада кој станал масон и бил член на „Ложата на цар Соломон”, „Храмот Рамзес светилиште “ и „Клубот Лисајд светилиште “. Тоа, секако, му помогнало да влезе во побогатото општество на Канада, затоа постигнал резултати на полето на бизнисот.
Во 1993 година, Ван Петров го предаде Македонскиот голф-турнир да стопанисува Канадско-македонскиот центар (Старечки дом), каде и денес е седиштето на овој голф- турнир. Мегутоа, тој оставил аманет дека дел од средствата да се даваат на Катедрата по македонски јазик на Универзитетот во Торонто. Инаку, Ван Петров беше еден од главните поддржувачи со финансиски средства на Катедрата по македонски јазик на Универзитетот во Торонто од почетокот на нејзиното основање.
Во нашиот разговор Ван Петров постојано потенцираше дека се гордее со своите две татковини, со Македонија, земјата на неговото раѓање, каде живеел седум години и на Канада, земјата на неговото живеење и творење повеќе од седумдесет години. Тој со гордост се декларираше како Канаѓанин од македонско потекло. Затоа, за Ван Петров со право се вели дека беше легенда за настаните и активностите што се одвиваа во македонската колонија во Торонто.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН