Пратениците Ковачки и Сали учествуваа на Рос-Рот Семинарот на ПС НАТО во Брисел

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на НАТО, во состав Драган Ковачки, шеф на делегацијата и членот Беким Сали, присуствуваше на 107. Рос-Рот Семинар, што се одржа вчера и денеска во Брисел, Белгија, во организација на ПС НАТО и Европскиот парламент.

Како што информираат од собраниската прес-служба, ова е прв Рос-Рот Семинар на ПС НАТО, чиј домаќин е Европскиот парламент, со единствена цел да се зајакне и промовира потребата од заеднички и координиран пристап во справувањето со предизвиците и ризиците со кои се соочува денешнината, а кои се закана за демократскиот свет.

Воведни обраќања на семинарот чиј главен фокус бил „ЕУ – НАТО соработка: Суштинско партнерство и отпорност на демократијата“, имале Салваторе Ди Мео, кој е шеф на Делегацијата на Европскиот парламент во ПС НАТО; преку видео обраќање се обратил претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола; Маркос Перестрело, претседател на ПС НАТО; како и амбасадорот Жак Пителуд, шеф на Мисијата на Швајцарија во НАТО.

Говорниците биле единствени во ставот дека ЕУ – НАТО соработката е клучна, доколку сакаме да изградиме Европа која е стабилна, отпорна и целосно посветена на заедничка одбрана на демократските вредности.

На главниот панел, кој бил посветен на соработката меѓу НАТО и ЕУ, како основа за отпорност на демократијата во ера на хибридна војна и надворешни мешања, излагања имале еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и Радмила Шекеринска, заменик-генерална секретарка на НАТО.

Еврокомесарката за проширување, Кос нагласила дека ако сакаме да ги браниме нашите демократски и заеднички вредности, тогаш мораме да се обединиме. Во овој контекст, оценила таа, најголем геополитички успех на ЕУ е токму проширувањето и посочила дека е клучно ЕУ да го обедини европскиот континент, со што безбедносно ќе се зајакне и ќе спречи надворешни недемократски влијанија.

Заменик-генералната секретарка на НАТО, Шекеринска истакнала дека клучен партнер за НАТО е ЕУ, при што нагласила дека приоритет треба да биде зголемување на военото индустриско производство, зголемување на отпорноста од сајбер напади и саботажи, како и создавање услови бруталната руска агресија врз Украина да заврши побрзо, бидејќи украинската безбедност придонесува за нашата безбедност.

Во рамките на петте сесии на Семинарот е дискутирано за најважните предизвици со кои се соочува денешнината, како што е „Спротивставување на надворешните влијанија во демократските процеси“, но и „Соработката меѓу ЕУ и НАТО во справувањето со дезинформациите и манипулациите со информациите“.

Делегатите од земјите членки на НАТО разговарале и на темaта „Обезбедување на демократијата преку силата: Одбрана, Отпорност и Подготвеност“.

Шефот на македонската Делегација во ПС НАТО, пратеникот Ковачки истакнал дека Северна Македонија, како членка на НАТО, се соочува со пречки на патот кон членство во Европската Унија поради прашања поврзани со идентитетот, покренати од земја сојузничка која е членка и на НАТО и на ЕУ.

Тој нагласил дека евроинтеграцијата е вистинскиот пат и стратегиска заложба на нашата држава, но изрази загриженост за насоката во која се движи овој процес, бидејќи постои реален ризик истиот да биде искористен од трети страни за свои интереси, алудирајќи на гласањето во Европскиот парламент за отстранување на референците за македонскиот идентитет и јазик, чекор што сериозно ја наруши довербата што со години внимателно ја градиме.

Ковачки истакнал дека довербата е темел на секое партнерство, сојузништво и пријателство. Усвојувањето на амандмани за бришење на македонскиот идентитет и јазик испраќа порака дека „силата е право“, со што се остава впечаток дека помоќните актери можат да ја наметнат својата волја, игнорирајќи ги принципите на еднаквост и взаемна почит врз кои се темелат и ЕУ и НАТО.

Тој потенцирал дека како држава остануваме целосно посветени на напредокот кон полноправно членство во Европската Унија, но неопходни се и искрени, реципрочни напори од нашите партнери за да се зајакне довербата и да се зачуваат вредностите на еднаквост и почитување.

Во рамките на 107. Рос-Рот Семинар се разговараше и за „Градење на глобални сојузи за демократска отпорност“, а посебно внимание беше посветено на Белорусија и предизвиците со кои се соочува демократијата во оваа земја, како и за предизвиците за демократската отпорност со кои се соочуваат Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан.

Последната сесија била посветена на „Поддршката на украинската борба за демократија и парламентарното управување на безбедносниот сектор“.

Во рамки на 107. Рос-Рот семинар била отворена и изложбата „ПС НАТО – 70 години парламентарна дипломатија“.

Парламентарното собрание на НАТО (ПС на НАТО) е мултилатерална организација која воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО нациите, обезбедува поширока транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на Алијансата.

ПС на НАТО брои 281 делегат од 32 земји членки на НАТО, како и делегати од асоцијативни земји членки, регионални партнери и од Медитеранските асоцијативни земји членки како и парламентарни набљудувачи од други земји и парламентарни собранија (ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ) и делегација од ЕП, кои исто така, земаат учество во неговите активности. Собранието претставува критички форум за меѓународен дијалог на парламентарци за стратешки и безбедносни теми од заеднички интерес на НАТО.