Со потпишувањето на Меѓународниот договор за учество на земјата во Програмата на ЕУ „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (ЦЕРВ), од срцето на Брисел ја потврдуваме нашата посветеност на европските вредности, демократијата, владеењето на правото и човековите права, изјави денеска за МИА министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
– Со оваа спогодба нашата земја добива пристап до важен инструмент за унапредување на социјалните права, институционално јакнење и активното граѓанско учество. Стануваме рамноправен партнер со земјите членки на ЕУ во заштита на човековите права, борбата против дискриминацијата и инклузија на ранливите категории, изјави Лимани по потпишувањето на Договорот со еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт во Брисел.
Лимани нагласи дека со учеството во Програмата ЦЕРВ се обезбедува финансиска поддршка за граѓанските организации, помош за институциите во зајакнување на капацитетите за заштита на основните права, платформи за правна помош и мониторинг и активности во борбата против родовата нееднаквост и насилство.
– Ова учество е важен чекор и кон исполнување на критериумите од поглавјата 23 и24, како дел од нашиот европски пат. И покрај напредокот, има предизвици за кои е потребна заедничка работа на сите нас, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади.

Лимани ги повика сите институции, граѓанскиот сектор и локалните власти да ја искористат можноста и со одржливи решенија да се вклучат за изградба на поправедно, поинклузивно и демократско општество.
Тој потенцира дека со пристапувањето на земјата кон програмата ЦЕРВ, граѓанските организации, државните институциите и органите на локалната самоуправа наместо преку министерствата како досега, во иднина ќе можат директно да аплицираат за грантови за реализација на проекти преку програмата за претпристапна помош ИПА.
– Мислам дека ова е најидеалниот пат и најдемократскиот метод, кој апелирам да го искористат сите невладини организации, институции и општини, додаде Лимани.
Министерот нагласи дека еврокомесарот Мекграт побарал од земјава да ги заврши сите обврски што и го отвораат патот кон Европската Унија, при што најавил дека има во план да го посети Скопје.

– Јас му ветив дека до моментот кога тој ќе дојде во посета на нашата земја, ние ќе исполниме дел од тие обврски што ги имаме, додаде Лимани.
Тој изрази благодарност до сите чинители што придонесоа за потпишување на Договорот, како и до МИА за нејзините напори за пресликување на сите добри и позитивни чекори што ги прават Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Програмата ЦЕРВ има за цел да обезбеди финансиска поддршка за реализација на проекти насочени кон промоција на вредностите на Унијата, рамноправноста, правата, родова еднаквост, граѓанското учество и стандардите утврдени со Истанбулската конвенција, како и на борбата против насилството и сите форми на дискриминација.
Програмата е лансирана во 2021 година во рамки на Фондот за правда, права и вредности на ЕУ и трае до 2027 година.