ПРОТОЈЕРЕЈ СТАВРОФОР ЈОВАН БОСЕОВСКИ – СВЕШТЕНИК ВО „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО (24)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Прота Јован Босеовски е роден на 5 јуни 1951 година во с. Градешница, Битолско, од православни родители Марија и Стево Босеовски. Своето детство го помина во своето родно село каде го заврши и основното училиште, а осмолетката ја заврши во соседното село Старавина.

Инаку, Градешница родното село на прота Јован Босеовски, според многумина кои го посетиле е едно од најубавите села во Битолскиот крај. Сместено покрај чистата Градешка Река, на педесетина километри од Битола, селото е сместено на рид и лежи на надморска височина од 800 метри.

Не се знае кога точно настанало селото, но според археолошките наоди може да се утврди дека на ова место постоел континуитет на живеење дури од праисторија. Доказ за ова е керамиката декорирана со спирали вградена во црквата „Свети Ѓорѓи“, во горниот дел на селото.

Она што малку луѓе го знаат е тоа дека во ова село во 1952 година е пронајден и заб од Мастодонт, еден од деветте примероци пронајдени во Македонија, кој денес се чува во Природниот музеј во Белград.

На влезот од селото посетителите ги пречекува црквата „Свети. Димитриј“ која е една од најстарите во битолскиот регион. Потекнува од ХIV век и е градена од камен и малтер, а покривот од камени плочи. Особено интересен е фрескоживописот во оваа црква и фактот што олтарниот дел е разделен со ѕидан иконостас, што преставува вистинска реткост. За време Првата светска војна, црквата била погодена со артилериска граната, која за среќа не експлодирала. Така овој објект бил единствениот во селото кој опстанал и по војната.

Во центарот на селото се наоѓа црквата „Свети Никола“, која е најголема од седумте цркви кои се наоѓаат во ова село. Над влезот во црквата стои дека истата е обновена во 1863 г, но кога е изградена, сеуште не е познато. За време на Првата светска војна, црквата во голема мера била оштетена.

Црквата „Свети Никола“, пак, била поправена во 1923 година, а фреските биле обновени во 1927 година од страна на Коста Николиќ (Николовски) со неговите синови Јаким и Теодосија, по потекло од Лазарополе. Осветена е истата година од Митрополитот Јосиф од Битола.

Селото го слави празникот Свети Илија – Илинден кога во манастирот во близина на селото се собираат голем број гости од сите мариовски села.

Во биогравските податоци на прота Јован Босеовски е забележано дека по завршувањето на осмолетката во 1966 година, со благослов на Преспанско-битолскиот митрополит Климент се запишува на Призренската Богословија, каде ја завршува првата година. Co отворањето на Македонската православна богословија “Св. Климент Охридски” во Драчево, во 1967 година, се запишува во втора година за во 1971 година да го заврши своето богословско образование, Истата година започна да студира на Богословскиот факултет, меѓутоа со неговото доаѓање во Торонто ги прекинува студиите.

Во октомври 1972 година пристигна во Торонто, каде и се запознава со неговата сопруга Мила Талевска, професор за англиска литература и активна членка на Македонската православна црква “Св Климент Охридски”, со која имаат два сина Стефан и Спиро и ќерка Марија.

На 28 август 1974 година во манастирот “Св. Атанасие” во Лешок (Гостиварско). беше ракоположен во ѓаконски чин, а истата година во “Св. Јоаким Осоговски” во Крива Паланка, од страна на надлежниот епархискки архиереј митрополитот Американско канадски г. Кирил беше ракоположен во свештенички чин.

До ноември 1974 година служи во МПЦ “Св. Климент Охридски” во Торонто, а потоа во МПЦ “Св. Кирил и Методиј” во Њу Џерси,  каде организира црковен хор,  неделно училиште  и други активности. Од август 1977 година, по негово барање беше преместен во МПЦ “Св. Наум Охридски” во Хамилтон, Канада, a потоа од 15 септември 1985 година беше парохиски свештеник во МПЦ “Св   Климент Охридски” во Торонто.

Протојерејот Јован Босеовски има долги години пастирска света должност меѓу македонските верници, со кои во сите прилики се покажал како вистински духовник на Северноамериканскиот континент и македонски народен свештеник. Тој активно учествува и на црковните, народните, културните семакедонски манифестации, особено на црковните собири што секоја година ги организира Американско-канадско-македонската епархија.

Оваа значајна црковна институција, која, меѓу другото,  има за цел да ги продлабочува врските и да ја јакне љубовта, верата и надежта меѓу македонските иселеници во прекуокеанските земји со татковината и со црквата, како и да биде мост за подобро запознавање и зближување на Македонија со земјите кадешто тие живеат.

Американско-канадско македонската црковна епархија беше официјално регистрирана пред американските власти на државата Њујорк. Тој чин претставува историски момент за македонските иселеници и еден од најзначајните настани во животот и дејноста на МПЦ на северноамериканскиот континент. Регистрирањето на ова високо управно тело на МПЦ во САД и во Канада, имаше силен одраз во натамошната афирмација на македонското име и духовните вредности на македонските доселеници.

Кora ce се пишува за соборниот храм “Свети Климент Охридски” во Торонто, секогаш се мисли на активностите, задолженијата, обврските, честа и гордоста што им припаѓа на Македонците од сите делови на Македонија и на свештенослужителите, кои го исполнија овој македонски дом на религијата, културата и националното живеење со се’ поголеми услеси и постигнувања. 

Ова прво македонско светилиште од Бога благословен на канадска почва е посветено на основоположникот на Светиклиментовата Македонска православна црква за да не се заборават спомените од македонскиот Ерусалим – Охрид, древниот град на Свети Климент, со гордост го носи името на Свети Климент Охридскиот Чудотворец.

Тој е дом за да се нахрануваат и да се воспитуваат духовно, верните чеда на Македонската православна црква кои се нераскинлив дел заедно со македонските народни пастири, кои се радуваат со крштевките и со венчавките во ова Свето место, а тагуваа и се молат за покојниците за нивните души и преселувањето во Небесната црква

Co благослов на Мајката црква и на Светиот архиерејски синод во изминатиот период свештенослужители беа следните македонски духовни водачи, меѓу кои протаставрофор   Кирил Стојановски, протаставрофор Атанас Попов, протаставрофор Михаил Теохарев, протојереј Бранко Пачемски, протојереј Драги Костадиновски, протојереј Илија Димитриеѕски, Илче Миовски и прота Јован Босеовски.

Продолжува

slavek 1 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН