Американецот Роберт Франсис Превост е избран за нов папа и го одбра името Лав XIV, соопшти кардиналот Доминик Мамберти пред собраните верници на плоштадот „Свети Петар“.
Тој само што излезе на балканот, облечен во белост, на радост на мноштвото верници.
Превост (69), е роден во Чикаго, Илиноис, САД. Тој беше префект на Дикастеријата за епископи и претседател на Папската комисија за Латинска Америка од 2023 година. Претходно беше епископ на Чиклајо во Перу од 2015 до 2023 година и го предводеше Редот на Свети Августин од 2001 до 2013 година. Во 2015 година, кардиналот Превост стана натурализиран граѓанин на Перу.

Белиот чад од Сикстинската капела попладнево го означи изборот на новиот лидер на 1,4 милијарди католици ширум светот.
Според кардиналот Џузепе Версалди, изборот на новиот папа во само четвртиот круг на гласање е „јасен знак на единството во Црквата“.
– Новиот папа беше избран дури и побрзо од неговиот претходник, изјави Версалди (81), потсетувајќи дека папата Франциск беше избран во 2013 година по два дена и пет круга гласање.
На плоштадот „Свети Петар“ одекнува радосното скандирање „Viva il papa“ („ Да живее папата“), додека оркестарот свири под балконот на базиликата. Мноштвото верници спонтано аплаудира, искажувајќи воодушевување за новиот поглавар.
Папата Лав XIV се очекува наскоро да се појави на балконот, познат како Лоџа на благословите, за да го даде својот прв благослов „Urbi et Orbi“ – „За градот и светот“.