Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретнал со Михаел Рајфенштуел, директор за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски упатил честитки по повод изборот на новата германска Влада, изразувајќи очекување дека стратешкото партнерство и соработката меѓу Северна Македонија и Германија ќе продолжат да се развиваат со засилен интензитет.
– Притоа беше потенцирана заедничката посветеност кон реализацијата на заедничките приоритети, вклучително и понатамошно унапредување на билатералните односи и економската соработка, се наведува во соопштението.
Министерот Муцунски изразил благодарност за германската солидарност и поддршка по катастрофалниот пожар во Кочани, како и за понудената помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.
На средбата заеднички било потврдено одличното ниво на македонско-германските односи, кои се карактеризираат со отворен политички дијалог и активна соработка во повеќе области.
– Беше нагласена и важноста од континуирана германска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија, како и определбата на Владата за спроведување на реформите, и покрај сите предизвици на патот кон полноправно членство во Европската Унија, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.