Министерството за економија обjави голем број документи од интерес за јавноста

Министерството за економија на својата официјална Интернет страница ги објави документите кои се од интерес за јавноста, од кои поголем дел за првпат, што претставува потврда на заложбата за целосна транспарентност и отчетност кон граѓаните, соопшти денеска Министерството.

Согласно Одлуката од 34-та седница на Владата со која институциите се задолжуваат јавно, преку официјалните веб страници, да публикуваат 21 документ, односно области на работа за кои се надлежни, со сите податоци важни за јавноста (контакти, нормативи, услуги, и друго), Министерството за економија ги ажурираше постоечките и за јавноста корисни податоци од работењето на министерството и ги надополни со нови содржини, барани од граѓаните.

На Интернет страницата првпат може да се најдат буџетот на Министерството и извештаите за негова реализација, ревизорските извештаи, планот за јавни набавки со сите измени и дополнувања, правилникот за изменување и дополнување на правилникот за систематизација на работните места во министерството, списокот на сите вработени со позиција, маил и телефон, правилникот и контакт лицето за заштитено внатрешно пријавување и офицерот за заштита на лични податоци, се наведува во соопштението.

Во овој момент од 21-от баран документ дополнително ќе биде креиран онлајн календарот со најави на настани, за кој е потребно техничко прилагодување на страницата.

Сите јавно достапни документи од областа на Министерството за економија може да се најдат на www.economy.gov.mk, во главното мени на документи или преку линкот http://www.economy.gov.mk/page/informacii-javen-karakter.