ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРАИСТОРИСКОТО ЕОЛСКО ПЛЕМЕ МИНИЈЦИ (22)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ – ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

Минијците се старо еолско племе, кое пред Хомер се иселило од Тесалија во Беотија и ја основало моќната држава на Минијците, со главен град Орхомена. Потекнуваат од Подунавје, носители на Димини културата и минијската керамика, основачи на Троја I и Кирена во Либија. Ја пренеле палеобалканската глосологија на југ на Балканот, ја организирале Архонаутската експедиција.

Во рамките на ова истражување од особено значење се Минијците кои културата на Подунавјето ја пренеле преку Македонија, Тесалија, Беотија, Пелопонез и Егеј па сé до Либија. Во историјата Минијците (Μινυαι, основата μιν, min-јас лично и υος,ios, iios-син, додека υιωνος, iionos-внук) се праисториски народи на Минијскиот Орхомен во Беотија.

Своето име на етнос тие го носат според епонимниот крал Миниј (Μινυας). Се смета дека првобитно Минијците живееле во тесалискиот Орхомен или Миниј (Μινυειος), кој се наоѓал на сливот на реката Енипеј во Пенеј, во близина на Кранон, и долго време биле поистоветувани со едно пелашко племе, заедно со Лапитите и Тироидите.

Меѓутоа, Томсон (1954 година, 124-135), како и многу подоцнежни истражувачи, сметаат дека воинствените Минијци биле посебен етнос и дека мигрирале од Подунавје во II милениум пред Христа, а што може да се следи преку археолошките наоди. Од Подунавје, Минијците оделе кон југ по долината на Повардарјето (Аксија) и источните падини на Олимп, или преку Епир, и стасале во југоисточниот дел на Еолија, т.е. Тесалиската Рамница. Подоцна се прошириле сé до Коринтскиот Залив и Елада на Пелопонез.

Се тврди дека Минијците се носители на палеобалканската гносологија од подунавските простори кон југ и тие се творци на културата Димини, по истоимената локација во Тесалија. Шахермер (Schahermeyr) (1964 г.), исто така, истакнува дека Минијците својот нехеленски глосолошки супстрат го внеле во античкиот јазик на античките Грци и дека тие мигрирале околу 2000-1900 г. пред Христа од север кон Елада, од некој дел на Балканот или од просторот на Дунав. Денес во Тимочка Краина во Србија постои гратче Миничево.

Во митологијата се наведува дека првиот крал на тесалискиот Орхомен (Ορχομενος, од зборовите: ορχος, orhos-ред, клада и μενος, menos-јунаштво, сила), или Ерхомен (Ερχομενος од ερχομαι, erhome-да доаѓа), бил Андреј (Ανδρευς), син на богот Пениј, истоимена река во Тесалија (Еолија). Негов наследник бил Етиокле (Ετεοκλης, од зборовите ετεος, eteos-навистина и κλης, kles-назив). Оваа династија исчезнала по 2000 година пред Христа, по некои земјотреси и разурнувања.

Новата династија на Минијците ја основал Миниј кој бил син на Посејдон. Тој го преместил своето седиште од Тесалија во Беотија и на устието на реката Кефис во езерото Копаис го основал новиот град Орхомен. Миниј станал творец на моќна, богата и славна праисториска држава на Минијците. Неговите наследници, исто така, биле славни како што биле кралевите Орхомен, Климен и Ергин, кој бил и освојувач на Теба.

Клименовите синови Трофон (Τροφωνιος) и Агамет (Αγαμηδης) биле прочуени архитекти на тврдини, храмови и ризници. Во археологијата е позната „Минијската ризница“ која претставувала огромна куполеста градба. По својата монументалност можела да се спореди со египетските пирамиди (Срејовиќ и сор. 1992 г., 226).

Заради својот придонес во културата, по ова племе од Подунавје, културата на среднобронзениот период на југот на Балканот била наречена Минијска култура. Бидејќи бил употребуван посебен облик на керамика, претежно темни облици на бели површини, како што се меандри и спирали, Шлиман (Schlimann) (1878 г.) ја нарекол минијска керамика. Во Димини групата на античкиот грчки неолит покрај керамиката, која ја обележуваат вази со особена декорација и облици, се јавува и пехар на ногата кој се смета за типичен облик и за извесна група вази на подунавските праисториски локалитети.

Во археологијата Минијците се познати и по мегалитските утврдувања на населбите, наспроти некогашните отворени населби. Во Димини меѓу градбите првпат се појавува тип на „мегаронска куќа” која како најстар тип на овој вид во Европа се појавува и на локалитетот Вучидол на Дунав (Тасиќ, 1995 г.).

Градбата „мегарон“ (μεγαρον од μεγας, megas-голем, огромен, силен; зборот припаѓа на балканската палеоглосологија со неелинско потекло) била составена од две соби во континуитет. Според Папаставро (1972 г., 16), првата соба имала трем на столбови (Προδομος, prodomos-претсобје), додека другата соба (δομος-дом, сала, светилиште) во центарот имала тркалезно огниште и два дрвени столба, држачи на кровот.

Авторот смета дека носители на културата Димини биле првите индоевропски народи кои мигрирале во Тесалија од север и дека биле сродни со оние кои го изградиле првиот град Троја, каде се појавуваат куќи од типот „мегарон“. Троја I се лоцира околу 3200-2600 година пред Христа.

Поголемиот број истражувачи се сложуваат дека Минијците не биле Хелени, дека мигрирале од северниот дел на Балканот, поконкретно од Подунавје. Во митологијата, исто така, се истакнува дека кралот Миниј имал четири ќерки: Климена, Периклимена, Етеоклимена и Персефона.

Тие биле прочуените Минијади (Μιναδες) кои богот Дионис ги претворил во лилјаци. Од минијската женска линија потекнуваат многу славни кралеви на праисториската Елада. Пред сé, тоа е Нелеј (Νηλευς) основач на Пил на Пелопонез, татко на Нестор, херој во Тројанската војна, како и потомците на Нелеј.

Градот Орхомен

По доаѓањето на Дорците во XI век пред Христа тие побегнале во Атина и тука ги дале славните атински семејства Пезистратиди и Алкменоиди, Пајониди и Кордиди, на кои припаѓаат Солон и Платон (Томсон, 1954 г., 126). Кордидите биле водачи на миграцијата на Јонците на Атика во малоазиска Јонија.

Брат близнак на Нелеј бил Пелиј (Πελια), крал на Јонците во Тесалија, оженет со Минијката Филомаха, внука на ќерката на Минија Персефона. Пелиј владеел со Јолк до доаѓањето на Иасон (Јасон), внук на Миниј. Пелиј го убиле родените ќерки. На натпреварите во негова чест учествувале многу познати јунаци, како што се: Орфеј, Пелеј, Херакле и др.

Минијската култура својот најголем зенит го постигнала околу 1400 г. пред Христа. Нејзините архитектонски и други достигнувања имале големо влијание на микенската и целата егејска култура во поглед на изградбата на утврдувањата (акрополите), мегаронските куќи, новите орудија и оружја, поинаквиот начин на облекување (специфични кабаници-хламиди, лесни, раскошни и скапи костуми итн).

Покрај тоа, Минијците вовеле употреба на килибарот, градењето големи бродови со педесет весла итн. Минијците од Подунавје воспоставиле добри односи со своите соседи: Пелазгите, Магнетите, Лапитите, Тироидите, Македонците и др., како и со Лимнеите, Тројанците, Микените, Криќаните и др., што се потврдува и со археолошките наоди на минијската керамика во овие области.

Со своите бродови Минијците пловеле по Егејското и Црното Море сé до Колхида, на чија основа настанала приказната за „златното руно“ на божествениот овен, а и приказната за Аргонаутите.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН