Сиљановска-Давкова – Клакочар Зупанчич: Словенија ќе остане поддржувач на Северна Македонија на патот кон ЕУ

Заложби за поттикнување на регионалното заедништво, одржување на добрата економска соработка и силна поддршка за македонските евроинтеграции, биле истакнати на денешната средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич, која престојува во официјална посета на земјава.

Словенија беше и ќе остане наш поддржувач и пријател на патот кон ЕУ, бидејќи нам таму ни е местото, нагласила претседателката Сиљановска-Давкова.

Како што информираат од Кабинетот на претседатеката, таа изразила благодарност за помошта и поддршката што Словенија ја пружила по трагичниот настан во Кочани, што, како што велат, сведочи за цврстото пријателство.

Таа се заблагодарила и за континуираната поддршка во процесот на нашиот евроинтеграциски маратон.

Нагласувајќи го ставот за неопходноста од почитувањето на Копенхагенските критериуми, Сиљановска-Давкова изразила скептицизам дека уставните документи на ЕУ се почитуваат.

Двете изразиле задоволство од билатералната соработка и партнерството на мултилатерален план, што меѓу другото, се темелат на сојузништвото во НАТО, заедничките заложби за мир и стабилност во регионот, како и фактот дека меѓу двете земји нема ниту едно отворено прашање.

Претседателката на словенечкиот Државен збор ја реафирмирашла поддршката, потенцирајќи дека ЕУ е непотполна и недовршена без сите европски народи. Изразила разбирање за фрустрираноста на македонските граѓани поради долготрајноста на евроинтеграцискиот процес и за стравовите од наметнување нови препреки и покрај многуте направени отстапки од македонска страна.

Соговорничките, како што се наведува во соопштението, се согласиле дека политиката на проширување на ЕУ не смее да се билатерализира и да има посебни критериуми и преседани, оти, тоа би се одразило и на следните кандидати.